Економија
Младите во фокусот на земјоделската политика: ќе се формира нова потсекторска група, аојуз на млади земјоделци
Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, одржа средба со млади земјоделци од сите региони во државата и од сите сектори.
На средбата беа презентирани резултатите од досегашните политики за поддршка на младите во секторот, како и за новите можности што им ги нудиме преку нашите мерки и програми, како и ИПАРД-програмата.
Николовски презентира факти и бројки, кои потврдуваат дека сме вистински насочени кон креирање услови, кои реално ги поддржуваат младите.
„Овие податоци треба да ги знае целокупната јавност, а особено младите, за да им бидат мотив и патоказ дека создаваме сериозни услови за работа дома. Во нашата програма за рурален развој предвидени се две мерки таргетирани само за млади од 18 до 40 години: Мерка 112 ‘Помош на млади земјоделци за почнување земјоделска дејност’, со грант до 10.000 евра и Мерка 113 ‘Поддршка за поттикнување на земјоделското производство’, со грант до 20.000 евра. Од 2017 година до денес финансиска поддршка од овие две мерки искористиле вкупно 838 млади земјоделци, од кои 576 млади добиле грант до 10.000 евра, а 262 млади земјоделци добиле грант до 20.000 евра. Од вкупно склучени 2.386 договори за закуп на земјоделско земјиште, во периодот од 2019 до 2023 година, 754 се млади земјоделци кои се ослободени од плаќање закупнина во првите три години. Од вкупно склучени 2.369 договори за ИПАРД 2, дури 859 се млади земјоделци, чии инвестиции во земјоделството изнесуваат 9 милиони евра. Од вкупно регистрирани 130.000 земјоделци во ЕРЗС, 15.552 се млади земјоделци и оваа бројка постојано расте. Сите овие бројки се најголемата потврда дека нашите мерки и политики дале резултат и силно одекнале помеѓу младите луѓе, кои ги искористиле сите можности што им ги нудиме како држава“, потенцира Николовски.
Креирањето нa политиките за младите земјоделци подразбира сеопфатен процес на создавање услови. Во 2019 воведовме измени во Законот за земјоделското земјиште, со кој овозможивме младите земјоделци да добијат земја под закуп и притоа ги ослободивме во првите три години да не плаќаат закупнина. Тоа за нив е дополнително олеснување и голем мотив. Во собраниска процедура е и новиот закон за советодавен систем, со кој ќе им помогнеме на сите земјоделци, а пред сè, на младите да добијат стручна помош и совети од квалификувани советници, кои ќе им помогнат да остварат поголеми приноси, а со тоа и поголем профит.
Во процес на креирање е и нова идеја за формирање сојуз на млади земјоделци по примерот на Рурална младинска асоцијација на младите земјоделци во Словенија, кои се дел од Европската организација на младите фармери и кои оваа година слават триесетти роденден.
„Овој пример беше мојот лајтмотив, она што го видов во Словенија да го пресликаме дома и да ги мотивираме нашите млади земјоделци преку ваква организација да ги следат модерните европски текови и полесно да ги исполнат европските стандарди во земјоделскиот сектор. Веќе ја почнавме постапката за реализација на оваа идеја, ќе организираме студиско патување на наши млади земјоделци во Словенија. Тоа ќе придонесе за формирање нова потсекторска група, од која ќе произлезе нов сојуз на млади и посебна програма за млади фармери“, посочи министерот Николовски.
Преку сите програми на Министерството фокусот е ставен на развој на руралните средини и подобрување на условите за живеење како една од клучните фактори за младите да останат дома. Ова значи дека настапуваме фронтално, им приоѓаме на сите предизвици преку комплексни политики, кои опфаќаат сè што е потребно за да имаме рамномерно унапредување на сите нивоа и за сè она што ги засега младите.
На состанокот беше презентиран повикот за млади земјоделци за поддршка од 10.000 евра од корисник од Националната програма за рурален развој, кој веќе е во тек. Првпат од оваа година младите земјоделци кои ќе добијат грант, ќе добијат авансна исплата во износ од 40 % од вредноста на договорот. Исто така, беа посочени сите можности за младите земјоделци, кои ги нуди ИПАРД 3-програмата. Активен е повикот за мерките 1 и 7, а за кои младите во ИПАРД 3 имаат предност, па така процентот на кофинансирање за нив изнесува 70 %, а во некои случаи предвидени во условите на програмата кофинансирањето за млади може да достигне и до 75 %, што е максимален процент на кофинансирање. Тоа е огромна поддршка за секој што сака да инвестира.
Во моментот на располагање се над 50 милиони евра, информираат од министерството.
Министерот Николовски ги повика сите млади земјоделци што имаат визија, кои имаат развојни планови за своето производство, да аплицираат и да ги искористат средствата.
Рокот за поднесување апликации за мерката „Млад земјоделец“, како и за првиот повик од ИПАРД 3, мерките 1 и 7 истекуваат на 15 октомври, а Мерката 3 од ИПАРД 2-програмата истекува на 3 октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Халк Моби ПОС, ново дигитално решение за компаниите од Халкбанк
Во денешното динамично и дигитално време, кога брзината, флексибилноста и едноставноста се клучни за успехот на секој бизнис, Халкбанк АД Скопје континуирано инвестира во иновативни решенија што ги следат потребите на современите трговци. Во таа насока, Банката ја воведува новата услуга Халк Моби ПОС (Halk Mobi POS), која што претставува напредно решение што овозможува прифаќање плаќања со картички директно преку мобилен телефон или таблет.
Практично решение и секогаш со вас
Халк Моби ПОС го претвора вашиот паметен уред, телефон или таблет, во сигурна алатка за наплата во продавница, на терен, на настани или при испорака кај клиент.
Процесот на користење е брз и едноставен. Потребно е да ја инсталирате апликацијата Халк Моби ПОС на својот уред и по активирањето, тој станува терминал за бесконтактни плаќања.
Купувачот само ја доближува својата картичка нана телефонот/таблетот, а трансакцијата се обработува во реално време и се потврдува за неколку секунди.
Клучни предности за вашиот бизнис
Со користење на Халк Моби ПОС, добивате низа значајни придобивки. Се овозможува прифаќање плаќања каде и да сте, без ограничување на локација, при што не е потребна дополнителна опрема, односно нема потреба од посебен ПОС уред. Трансакцијата е безбедна и брза, со високо ниво на заштита и моментална обработка. Се добива и преглед на сите трансакции во реално време, а со тоа и подобра контрола и транспарентност во работењето.
Ова иновативно решение е идеално за мали и средни бизниси, самостојни трговци и теренски продавачи кои сакаат брзо, безбедно и едноставно плаќање, каде и да се наоѓаат.
Едноставна постапка за аплицирање
За користење на Халк Моби ПОС, потребно е да се поднесе апликација во една од филијалите на Банката, по што барањето се процесира и услугата се активира во најкраток рок.
Со Халк Моби ПОС, Халкбанк АД Скопје продолжува да инвестира во дигитални решенија што им помагаат на бизнисите да растат, да бидат поконкурентни и поблиску до своите клиенти. Оваа услуга претставува сигурен партнер за секој трговец кој сака да понуди современо искуство за плаќање и да го унапреди своето работење.
За повеќе информации и активирање на услугата, посетете ја најблиската експозитура на Халкбанк или официјалната веб-страница на Банката.
ПР
Економија
Спасовски: Ако не се покачи минималната плата, Македонија ќе остане без своите работници
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната собраниска седница укажа дека доколку не се покачи минималната плата, Македонија ќе се соочи со недостиг на работна сила.
„И сега дури и немаме доволно работници, од други причини. Ако не продолжи растот на платите, ќе имаме уште поголем проблем, затоа што никој повеќе не може и не сака да работи без пари“, рече Спасовски.
На собраниската седница на која на дневен ред е предлог-законот на СДСМ и коалицијата за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра, Спасовски нагласи дека покачувањето на минималната плата на 600 евра е прашање на консензус бидејќи се работи за интересите на граѓаните.
„Ако за Изборниот законик, кој директно ги тангира политичките партии и нивните интереси, можеме да постигнеме консензус, тогаш кои сме ние да не постигнеме консензус кога станува збор за граѓаните? Дали сме поважни ние како политички субјекти или се поважни граѓаните и нивниот животен стандард? Прво треба да седнеме и да постигнуваме договор за прашањата што ги засегаат луѓето, за нивните плати, за нивната егзистенција, за нивната сигурност. А не консензус да правиме само таму каде што се во прашање партиските интереси“, рече Спасовски.
Во образложението, Спасовски посочи дека кога се зборува за минимална плата и за создавање систем, треба да се има кредибилитет во однос на тоа што се предлага. Тој потсети дека благодарение на јасно воспоставениот систем во периодот на владата на СДСМ, минималната плата растеше.
„Во 2012 година, кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, минималната плата беше 8.050 денари. Кога се презеде власта, во 2017-та беше 10.080 денари, а во 2017 година расте на 12.000 денари, па понатаму континуирано расте благодарение на системот што беше воспоставен, за да во 2024 година имаме минимална плата од 22.567 денари. Фактот дека минималната плата пораснала од 8.000 на 22.567 денари дава кредибилитет токму на СДСМ и коалицијата кои направија систем за раст на минималната плата“, рече Спасовски.
Тој потсети дека кога владата на СДСМ го носеше решението за раст на минималната плата, тогашните функционери на ВМРО-ДПМНЕ беа против таквото законско решение.
„Сегашниот гувернер на НБРМ, Трајко Славески, и ден-денес вели дека била погрешна политиката да се гради систем за раст на минималната плата и дека треба да живееме во времето во кое ВМРО-ДПМНЕ продаваше басни низ светот дека евтината работна сила ќе донесе инвеститори во Македонија. Тоа време заврши. Со години ги плашевте фирмите дека ако се зголеми минималната плата ќе пропаднат, а ги плашевте и работниците дека ако се зголеми минималната плата ќе останат без работа. После толку години од тој систем се покажа следново – фирмите наместо да пропаднат, растат, затоа што се зголемува продуктивноста на трудот, а работниците ги задржаа работните места“, рече Спасовски.
Притоа, Спасовски додаде дека барањето на синдикатите е оправдано, бидејќи трошоците на живот во секоја ставка рапидно растат.
„Прехранбени производи, здравствени услуги, комунални услуги, енергетика – сè има раст. Вие сте две години власт, ги имате институциите на системот, ги имате скоро сите општини под контрола. Ако не знаете, прашајте ги вашите градоначалници во колку општински совети доставија предлози за зголемување на комуналните такси на јавните претпријатија. И ќе ви биде јасно дека трошоците и понатаму растат и тие одлуки не се носат за да Владата ги плати тие трошоци, трошоците ги плаќаат граѓаните. И оттука доаѓа и барањето на синдикатот минималната плата да се зголеми на 600 евра, па понатаму да имаме и систем на раст на платите“, рече Спасовски.
Економија
Економијата е стабилна, инфлацијата се движи кон 2,5 проценти – оценка од средбата во Народната банка
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески и директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски остварија работна средба со Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на која дискутираа за клучните макроекономски показатели во државата, ценовната и финансиската стабилност, како и тековите на инфлацијата.
Соговорниците оценија дека економијата е стабилна и бележи солиден раст, а стабилниот курс на денарот во однос на еврото претставува важен фактор за зачувувањето на довербата во економијата, финансиската стабилност и конкурентноста на домашната економија.
Во однос на инфлацијата и ценовните флуктуации, соговорниците оценија дека веќе неколку месеци наназад се бележи стабилизирање на ценовните движења, а се очекува овие трендови да продолжат и во наредниот период. Проекција на Народната Банка е дека годишната инфлацијата ќе изнесува 2,5 проценти, додека на среден рок ќе се врати на историските 2 проценти.
Ристески, Стојкоски и Славески се согласија дека добрата соработка и координација помеѓу Народната банка, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат се значајни за носењето и спроведувањето на дел од политиките со кои се поттикнува економскиот развој на земјата.
Заменик-министерот Ристески на гувернерот Славески и вработените во Народната банка им го честиташе големиот јубилеј – 80 години од формирањето на оваа институција, јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен институционален развој. Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови.

