Економија
МТСП: Министерството во октомври со 47.4% заштеда на електрична енергија

Министерството за труд и социјална политика во октомври 2022 година, со примена на мерките за заштеда на електрична енергија, евидентира помала потрошувачка од 47.4% во споредба со потрошувачката на електрична енергија истиот месец претходната година.
Податоците покажуваат дека во текот на октомври 2022 година се потрошени 6.776 kWh електрична енергија што е за 47.4% помалку споредено со истиот месец минатата година.
Министерството за труд и социјална политика и вработените во оваа институција продолжуваат со примената на воведените мерки и во наредниот период, коишто овозможуваат рационално користење на ресурсите, а притоа непречено одвивање на целокупниот работен процес.
Мерките што ги презема Министерството за труд и социјална политика се дел од пакетот што го усвои Владата за да се намали потрошувачката на електрична енергија во државните и јавните институции, со цел сигурност и безбедност во снабдувањето со електрична енергија во текот на зимата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Соработка на Народната банка со централната банка на Австрија за спроведување на најдобрите практики во областа на управувањето со податоците

Во рамките на Втората фаза од Регионалната програма за зајакнување на капацитетите на централните банки на Западен Балкан, финансирана од ЕУ, започна спроведувањето на билатералната мерка за управување со податоците помеѓу нашата централна банка и Народната банка на Австрија. Преку предвидените активности ќе се придонесе за пренесување на искуството на австриската централна банка во зајакнувањето на институционалниот капацитет за воспоставување функција за управување со податоците во Народната банка.
Првата експертска мисија на билатералната мерка се одржа од 27 до 29 ноември 2023 година и на неа учествуваа претставници од повеќе организациски едници од Народната банка и двајца експерти од Народната банка на Австрија. Мисијата беше посветена на споделувањето на искуството на експертите од Австрија во воведувањето на процесот на управување со податоците, при што стана збор за воспоставување стратегија за управување со податоците, демократизација на податоците, поставување на улогите за управување со податоците од аспект на одговорноста и отчетноста, како и примери за архитектура на податоците преку каталози на податоци, метаподатоци и гранулација. Експертите од Австриската централна банка активно ги споделија своите знаења, практичните чекори од процесот на спроведувањето и најдобрите практики во областа на управувањето со податоците, што ќе биде корисно водство во преземањето натамошни чекори за спроведување на управувањето со податоците на ниво на Народната банка.
Втората фаза од Регионалната програма финансирана од ЕУ за зајакнување на институционалниот капацитет на централните банки на Западен Балкан започна во септември 2022 година. Оваа тригодишна програма ја спроведува Бундесбанката како нејзин координатор, во партнерство со деветнаесет централни банки на Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ) и Европската централна банка (ЕЦБ). Европската Унија (ЕУ) додели 3 милиони евра за програмата од својот Инструмент за претпристапна помош (ИПА III).
Економија
Доколку има потреба, ќе се продолжи мерката за замрзнување на цените, вели Бектеши

Според министерот за економија Крешник Бектеши, мерките ги даваат своите резултати во делот на зачувување на животниот стандард.
Во случај, како што рече Бектеши, одредена мерка да се злоупотреби не само што ќе биде продолжена, туку ќе ги зајакнат и инспекциските капацитети.
Подвлече дека доколку има потреба, ќе се продолжи мерката за замрзнување на цените на прехранбените производи и по 1 јануари.
Сето тоа, како што појасни, ќе зависи од анализите што ќе ги направи Министерството за економија до крајот на годинава.
„Генерално прехранбената индустрија посебно трговијата на мало со храна и пијалаци веќе ја знаат лекцијата дека од страна на Министерството за економија нема да бидат дозволени злоупотреби“, рече Бектеши.
На прашање зошто беше потребен голем пакет на помош за граѓаните на само неколку месеци пред избори, Бектеши рече дека мерките се најавени од почетокот на годинава и не се мерки кои граѓаните не ги очекувале.
„Ветивме дека ни еден граѓанин нема да го почувствува товарот на енергетската и економската криза и дека како држава ќе ја покриеме разликата со цел да им излеземе во пресрет за тоа што е изгубено во минатото во делот на зголемување на инфлацијата и од влијанието на енергетската криза во делот на семејствата. Мерките се ветени на семејствата кои навистина имаа потешкотии во делот на справување со инфлацијата и со енергетската криза“, рече Бектеши.
Економија
Бектеши и Шакири ја презентираа новата мерка за ваучери за домашен туризам за студентите

Мерката ваучери за поддршка на домашниот туризам на Министерството за економија која беше наменета за работници со ниски приходи од следната година ќе биде наменета само за студентите во државните универзитети во државата.
Министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за образование и наука Јетон Шакири денеска одржаа работен состанок со претставници на студентските собранија на дел од државните универзитети на кои им ја презентираа оваа нова мерка.
Целта на состанокот беше заедно со претставниците на студентските здруженија да се утврдат критериумите по кои ќе се доделуваат ваучерите за домашен туризам.
„Денеска со студентите разговаравме за критериумите за доделување на ваучери за домашен туризам за студентите и за нивните очекувања од оваа мерка која Министерството ја реализира изминатите четири години за работниците со ниски приходи. Во соработка со Министерството за образование и наука донесовме оваа мерка на Министерството за економија следната година да биде наменета само за студентите. Сакаме на студентите да им дадеме можност да ги посетат домашните туристички места, да ги истражат туристичките потенцијали на земјата. За оваа цел се предвидени 64 милиони денари во буџетот на Министерството за економија. Вредноста на ваучерот ќе зависи од предлозите кои ќе дојдат од студентите, а во зависност од тоа ќе се знае и бројот на студенти кои ќе бидат опфатени, а според првичните проценки ќе бидат опфатени од 3.000 до 4.000 студенти од државните универзитети“ кажа министерот Бектеши по состанокот со претставниците на студентите.
Мерката како што кажа Бектеши е предвидено да почне да се реализира од јануари следната година, а ваучерите ќе може да се користат до крајот на следната година.
Шакири кажа дека Министерството за образование и наука заедно со Министерството со економија воведува нова мерка за подигнување на студентскиот стандард.
„Во минатото имавме повеќе мерки кои ги дискутиравме со сите здруженија на студенти во однос на повисока вредност на субвенционираниот студентскиот оброк, продолжувајќи со повисоки стипендии и сега продолжуваме со поддршка на студентите со ваучери за домашен туризам. Мерката е за поздравување бидејќи студентите во текот на своето студирање мора да ги мотивираме за да остварат подобри резултати, а со оваа мерка може да придонесеме и за туристичкиот развој на нашата земја“ кажа Шакири.
Оваа мерка е дополнување на мерките од деветтиот пакет антикризни мерки на Владата во делот на подобрување на студентскиот стандард, покрај поддршката за превоз за студентите и учениците.
Критериумите за ваучерите за студентите ќе бидат прецизирани во текот на следната недела и ќе произлезат од предлозите на студентските здруженија.