Економија
Над две илјади угостители ќе добијат помош од 5,7 милиони евра

Владата на денешната седница усвои одлука со која е овозможена поддршка за вкупно 2.204 компании од угостителската дејност, коишто со одлука на Влада, беа затворени во периодот од 6 до 27 април, или вкупно 21 ден.
На отворениот повик за финансиска поддршка стигнале 2.406 пријави од кои 2.204 се целосни, додека 202 апликанти не се со соодветна шифра на дејност.
Вкупниот промет којшто го имаат остварено компаниите во 2019 година изнесуваше 11, 83 милијарди денари, додека во 2020 година прометот изнесуваше 8,5 милијарди денари.
„Вкупната поддршка на сите компании, врз основа на просечниот месечен приход за 2019 и 2020 година, на кој се аплицира износ од 30 % помножен со бројот на денови во кои овие компании беа затворени во април оваа година, изнесува 183.891.911 денари, или околу 3 милиони евра. Дополнително, секоја од компаниите добива и поддршка по 15. 200 денари за секој вработен според ефективните работни часови. Од апликациите е утврдено дека станува збор за 11.236 вработени, односно по овој основ компаниите ќе бидат поддржани со 170.784.920 денари или околу 2,78 милиони евра“, информираат од кабинетот на вицепремиерот, Фатмир Битиќи.
Вкупната финансиска поддршка за сите 2204 компании кои ги исполниле условите на јавниот повик е во износ од 354.656.831 денари или 5,77 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Васко Ковачевски: АД ЕСМ успешно ја менаџира енергетската криза, реалноста ги демантираше сите црни сценарија

„АД ЕСМ успеа значајно да го зголеми производството на електрична енергија и истото сега достигнува и над 21.000 MWh дневно. Со наше домашно сопствено производство ги задоволуваме потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, но и количините за дополнителните снабдувања доделени на ЕСМ со одлука на Влада како антикризна мерка“ порача генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на панелот посветен на теми од енергетиката на Конференцијата што се одржа по повод една година од работењето на Владата.
„Целата јавност знае дека електраните со кои располага АД ЕСМ се стари по 40, 50 и 60 години, дека нивната амортизација е голема и производството на електрична енергија се одвива преку нивно постојано и континуирано санирање и одржување. Неинвестирањето во нови електрани во изминатите 30 години од страна на сите политички елити е нешто што не можеме да го вратиме назад, но со забрзано темпо и големи чекори можеме да надокнадиме дел од изгубеното во минатото. Ние како раководство во изминатите години направивме капитални ремонти во РЕК Битола кои не беа направено подолго време, вложивме средства и време и работа се со цел да ги зајакнеме, да ги направиме поиздржливи и посигурни во производниот процес. Ги рехабилитираме и хидроелектраните. Но, нивната старост како постојки изградени во едно далечно минато ние не можеме да ја смениме. АД ЕСМ некаде од 2019г почна да ги спроведува проектите од енергетската транзиција односно енергетската трансформација. Сите наши активности беа во склад со усвоената Стратегија за енергетика до 2040 година и со движењето кон зеленото сценарио. Но, додека ги поставувавме проектите и ги спроведуваме, а некои и успеавме да ги изградиме, се случи енергетската криза“ рече Ковачевски.
Сепак, во тек e реализација на 12 проекти од страна на АД ЕСМ, кои ќе донесат инсталирана моќност од 1760MW, што е повеќе од постоечката инсталирана моќност на сегашните капацитети на ЕСM, од 1420MW.
„Што се однесува до енергенсите јаглен и мазут, тоа се енергенсите кои во моментот нам ни овозможуваат базна енергија како држава. Додека ние не ги изградиме гасните електрани во РЕК Битола и додека не го изградиме Чебрен како реверзибилна хидроелектрана, и додека не се воведат масовно батериски системи за обновливите извори, ние ќе мораме да се потпираме на јаглен и мазут. И ние како АД ЕСМ, и Владата и сите други надлежни институции работиме во правец на зеленото сценарио, и во однос на регулативата и во однос на активностите на терен“ рече Ковачевски.
Економија
Анѓушев: Да се градат електрани од разни обновливи извори, а решение за вишоците струја се „Чебрен“, батерии и водород

Заинтересираните за изградба на електрани од обновливи извори треба да инвестираат во разни извори, а не само во фотоволтаици, порача претседателот на Македонската енергетска асоцијација, Кочо Анѓушев, на дебатата за енергетика што се одржа за време на годишната конференцијата во организација на Владата на Република Северна Македонија.
„Треба да се водиме според стратегијата за енергетика до 2040 година. Во неа стои дека во инвестирањето во обновливи извори треба да се оди плански и стратешки. Односно, да се инвестира и во електрани на сонце, но и во електрани на ветер, на биогас, вода итн. Причината е што обновливите извори, а пред сè тука се мисли на ветерот и на сонцето, произведуваат електрична енергија во ист временски период кај сите електрани и со тоа настанува наплив на енергија во системот. Затоа мора да има диверзификација, за да нема целосно производствено поклопување“, нагласи Анѓушев.
Според Анѓушев, проблемот со наглото зголемување на производство на електрична енергија од обновливи извори е прашањето како и кога таа енергија да се искористи, односно или веднаш да влезе на мрежа или да се складира за одложено користење. Државата мора да има спремен одговор, кој од сега треба да се подготвува.
„Добар одговор е ‘Чебрен’, кој е планиран да се изгради како реверзибилна хидроелектрана со повторно искористување на водата за балансирање на системот; потоа да се уреди можноста за користење батериски системи за складирање на електричната енергија и како најиновативен пристап – вишокот електрична енергија да се претвора во водород и како таков да се складира“, истакна Анѓушев.
Економија
Битиќи: Развојната банка ја трансформиравме во најдобриот партнер за поддршка на економскиот развој

Во период на криза успеавме умешно Развојната банка да ја направиме најдобрата алатка во финансискиот систем, кој воведе нови механизми, инструменти за поддршка и развој на нашата економија, констатира заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, и главниот директор на Развојната банка, Кире Наумов, кои на владината конференција „Година на нови можности“ дискутираа за инвестициите и за економскиот развој во година на криза, при што се укажа дека во последните три години преку Развојната банка се пласирани речиси 300 милиони евра за поддршка на 7.500 проекти.
Битиќи укажа на важноста на креирањето на националната развојна стратегија како прв инклузивен процес со вклучување на сите засегнати страни бидејќи создава јасна визија на нашето општество за наредните 20 години каде треба да се одвиваме, визија во која Развојната банка ќе одигра многу важна улога во поддршка на развојот.
Тој истакна дека Владата креира механизми и инструменти за сето тоа да се поддржи бидејќи успеа умешно во период на криза Развојната банка да ја направи најдобрата алатка возможна во финансискиот систем за развојот на нашата земја.
„Не само што ја докапитализиравме Развојната банка, тие успешно и умешно креираа механизми заедно со Владата, во кои пилотираа и беа пионери во финансискиот пазар во нашата земја. Во секоја развиена земја токму Развојната банка ја има таа улога и се гордеам дека и во период на криза тоа го направивме и сметам дека имаме партнер што го немавме пред 5 години“, рече Битиќи.
Извршниот директор на Развојната банка, Кире Наумов, во делот на вкупно пласирани средства во домашните компании за изминатите три години и ефектите од нив, изјави дека за три години пласиравме речиси 300 милиони евра за поддршка на 7.500 проекти.
„Само во 2022 година пласирани се средства во износ од 107 милиони евра. Пласманите на кредитите се во разни дејности, а најголем процент, околу 40 %, се за поддршка на микро, мали и средни компании во производствената дејност.
Кредитните линии беа насочени кон поддржување на ликвидноста на компаниите, инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, зачувување и отворање нови работни места, со што во изминатите три години се зачуваа околу 40.800 и се отворија речиси 1.500 нови работни места“, укажа Наумов.
Во текот на 2022 година за поддршка на компаниите во услови на енергетска, економска и ценовна криза Развојната банка ги воведе следните кредитни линии:
1. Кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и од економската криза преку директно кредитирање од РБСМ (бескаматна) во износ од 5,5 милиони евра;
2. Кредитна линија за обртни средства за зголемени цени на енергентите преку банки учеснички во износ од 10 милиони евра (бескаматна);
3. Кредитна линија за енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ) преку банки учеснички во износ од 10 милиони евра (камата до крајните корисници до 1,6 %);
4. Олеснување на условите на кредитирање на кредитната линија за производство, преработка и извоз на земјоделски производи во износ од 7 милиони евра (камата 1 %);
5. Субвенционирање камата по кредити дадени од деловните банки на компании, кои ја реинвестирале добивката во износ од 2 милиона евра;
6. Кредитна линија за обртни средства за компаниите погодени од енергетската и ценовната криза со директно кредитирање преку РБСМ во износ од 5 милиони евра со камата 2 % (со можност на обезбедување дополнителни средства во износ од 3,2 милиони евра).
Како што информира Наумов, во 2022 година РБСМ им даваше поддршка на компаниите и преку гарантната шема, која им овозможува на компаниите обезбедување дел од колатералот за одобрени кредити.
Користењето на овој продукт е во постојан раст и со состојба 31.12.2022 година износот на гарантирани кредити изнесува 9,8 милиони евра за 110 компании, потоа царинските гаранции за царински долг при увоз за облагородување, за поддршка на извозот.
„Развојната банка на домашните компании, покрај кредитите, им нуди уште два производа, осигурување извозни и домашни побарувања и факторинг (откуп на побарувања од странски и домашни купувачи). Интересот за овие два производа континуирано расте, особено во услови на криза кога ризиците од наплата се поголеми и потребата од тековна ликвидност е поголема. Компаниите може да си ги осигурат своите побарувања од комерцијални и политички ризици преку производот кредитно осигурување.
Во моментот имаме 80 осигуреници од разни индустриски гранки, со над 500 купувачи во 33 земји. Обемот на кредитно осигурување во 2022 година е на ниво од 100 милиони евра“, истакна Наумов.