Економија
Народна банка посочена како лидер во регионот во поддршка на финтек-секторот

Народната банка е лидер во регионот на Западен Балкан во активностите за поддршка на развојот на финтек-секторот. Северна Македонија е единствената земја од регионот чијашто централна банка го има мапирано финтек-екосистемот. Другите земји од регионот се во фаза на почетни активности – на ниво на обуки и работилници, измени и поставување финтек-регулатива. Северна Македонија е единствената земја во којашто централната банка веќе иницира подготовка на конкретна национална Стратегија за поддршка на финтек-секторот.
Ова се дел од констатациите изнесени на виртуелниот настан на којшто беа презентирани резултатите од Анкетата и Студијата за остварливост за развојот на финтек-секторот, коишто ги оствари Народната банка, со поддршка од ЕФСЕ.
На настанот учествуваа гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и дел од тимот на Народната банка, претставници на ЕФСЕ, надворешниот соработник кој ја подготви Студијата за остварливост и дел од испитаниците од Анкетата. Во Анкетата зедоа учество претставници на банки, компании коишто нудат финансиски услуги, компании за алтернативно финансирање, инкубатори, акцелератори и партнери за поддршка на малите бизниси, регулатори, државни институции и министерства.
Финтек-секторот може да донесе бројни придобивки за економијата, сметаат близу 90% од 220 испитаници.
Во своето обраќање, гувернерката на Народната банка посочи дека примената на иновативни решенија во финансиската сфера може да донесе огромни придобивки за граѓаните и компаниите, финансискиот систем и целокупната економија. Финтек-решенијата би овозможиле влез на нови учесници и деловни модели на пазарот, раст на конкуренцијата, раст на ефикасноста и трансформација на финансиските услуги.
„Во периодот што претстои, нашата енергија ќе ја насочиме кон активности за повеќе прашања поврзани со финтек-секторот, преку координација со сите засегнати страни во екосистемот. Исто така, планираме да му посветиме посебно внимание на развивањето ефективна регулатива за заштита на потрошувачите во областа на финансиските услуги. Истовремено, ќе работиме и на поставувањето критериуми за процесот на лиценцирање за новите учесници на пазарот. Ќе ја разгледаме можноста за обезбедување регулаторен простор за да можат компаниите да ги тестираат новите иновативни решенија во безбедно контролиран простор (англ. Regulatory Sandbox). Оваа регулаторна алатка има значителен потенцијал за поттикнување финансиско вклучување и за испраќање сигнал до учесниците во финтек-индустријата дека регулаторот е отворен за иновации. Сите овие прашања ќе бидат дел од првата Национална стратегија за финтек-секторот, како една од нашите стратешки цели во наредниот период“, истакна гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска.
Како што беше истакнато на настанот, ЕФСЕ има значителен придонес во развојот на финансиите во Северна Македонија, преку обезбедување заеми за развојни финансии во износ од 110 милиони евра и 36 остварени проекти за техничка помош. Уште од самиот почеток на соработката, ЕФСЕ нагласи дека развојот на финтек-секторот во нашата земја бара создавање побарувачка преку подигнување на свеста за примената на иновативни технологии во областа на финансиите, поддршка на иновациите, на претприемачите и иноваторите, напори за координација на сите засегнати страни и отстранување на пречките за развој преку регулаторни олеснувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.