Економија
Нацевска: Mеркитe на Народната банка дадоа резултати во корона-кризата
Вицегуверенерката на Народна банка, Емилија Нацевска, оценува дека мерките преземени од Народната банка дале резултати во досегашниот тек на корона-кризата.
Според неа, условите за кредитирање и натаму се олабавени, што, како што вели, е видливо преку натамошното постојано намалување на каматните стапки на кредитирањето коишто достигнаа историски најниски нивоа.
Во текот на измината година кредитната поддршка не забави, што вообичаено се случувало во сите претходни кризни епизоди, туку беше обезбеден солиден кредитен раст, рече вицегувернерката Нацевска, на вебинарот на тема „Монетарната политика, банките и кредитните пазари во Ковид-19: справување, поддршка и последици“, во организација на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Нацевска ги истакна и активностите на Народната банка коишто се однесуваа на девизниот пазар. Притоа таа посочи дека по изразениот притисок на девизниот пазар во првата половина од минатата година, состојбите постепено се нормализираа, при што Народната банка со редовните и навремени интервенции и овој пат успешно ја одбрани вредноста на домашната валута и обезбеди стабилност на девизниот курс на денарот. Како што кажа, покрај директните интервенции на девизниот пазар, важни беа и т.н. „вербални интервенции“, односно укажувањата до банките при поголеми осцилации на нивните девизни курсеви во услови на задоволена побарувачка, како и засилената комуникација со јавноста.
Нацевска нагласи и дека е важно што веќе на средината на минатата година Народната банка доби и поддршка од ЕЦБ во однос на засилување на капацитетите за интервенирање на девизниот пазар, преку позитивниот одговор на барањето за одобрување билатерална репо-линија.
„Општо земено, 2020 година беше година во знакот на пандемијата, при што во отежнато окружување, Народната банка со навремената реакција, преземањето соодветни мерки и зајакнатата комуникација со јавноста придонесе за успешно остварување на своите цели и стабилизирање на пазарните очекувања. Сето ова упатува на соодветно справување со кризата, овозможи услови за солидна кредитна поддршка на граѓаните и компаниите, без притоа да се доведе во прашање стабилноста на банкарскиот систем. Сепак, ова не се времиња кога треба да сме некритички задоволни од постигнатото“, истакна вицегувернерката Нацевска, посочувајќи и на натамошните предизвици за носителите на политиките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

