Економија
НБРМ: Клубот на истражувачите на Народната банка ја одржа својата 48. сесија: презентиран трудот што ја доби годишната награда

Клубот на истражувачите на Народната банка ја одржа својата 48. сесија. На сесијата, која се одржа виртуелно овој пат, учесниците имаа можност да ја проследат презентацијата на трудот награден со Годишната награда за млади истражувачи на Народната банка, со наслов „Поврат на акции, ризик и карактеристики на претпријатијата на пазарите во развој: Емпириски докази од Македонската берза“ од Александра Данева.
Сесијата ја отвори вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска. Таа посочи дека Народната банка преку поголем број активности и иницијативи дава поддршка и ја стимулира креативната научноистражувачка работа од областа на економијата и финансиите. Една од тие алатки е Годишната награда за млади истражувачи, која оваа година ѝ беше доделена на Александра Данева, авторка на трудот што беше презентиран на 48. сесија на Клубот на истражувачите. Трудот се одликува со конзистентност на тезите и истражува релевантна област, која се однесува на испитувањето на карактеристиките на фирмите што влијаат врз приносите на акциите со кои се тргува и моделирањето индекс на променливост за Македонската берза.
Данева посочи дека овој труд истражува кои карактеристики на фирмите влијаат врз повратот од акции и го пресликуваат индексот на нестабилност на Македонската берза, која е во подем. Покрај тоа, повратот на индекс и карактеристиките на фирмите се споредуваат со една развиена земја, како што е Словенија, за да се види дали пазарите во земјите во подем значително се разликуваат од веќе развиените. Анализата на овој труд е поделена на три дела и се заснова на податоци во периодот од 2017 до 2021 година.
Клубот на истражувачите е отворена платформа за презентација и разгледување научноистражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. На сесиите учествуваат аналитичари и истражувачи од научно-образовни и финансиски институции, студенти и други заинтересирани учесници или слушатели. Зачленувањето во Клубот е од отворен карактер и може да се направи преку барање за членство на следната електронска адреса: [email protected]. Членовите на Клубот добиваат редовни известувања за сесиите и активностите на Клубот на истражувачите.
Сесиите на Клубот се одржуваат четирипати годишно. Народната банка објавува повик до истражувачите за поднесување труд, кој може да биде и во работна верзија. Трудовите се работат во согласност со трендовите и стандардите на современите истражувања, односно со солидна емпириска анализа и систематизирани заклучоци од истражувањето. Следната сесија ќе се одржи во декември годинава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Виктор Андонов: Регионот треба да го следи примерот на ЕУ за декарбонизацијата на зелената енергија

На втората регионална конференција на еколошките и бизнис лидери „Look Up 2“, која се одржа во Копаоник, Република Србија, свое учество имаше и директорот за развој на инвестиции на АД ЕСМ, Виктор Андонов. Конференцијата ја отвори Министерката за земјоделство, шумарство и водостопанство Јелена Танасковиќ, а исто така свое обраќање имаше и Министерката за енергетика и рударство Дубравка Џедовиќ Хандановиќ. Посебно обраќање имаше и Јанис Варуфакис поранешен министер за финансии на Грција.
Директорот за развој и инвестиции Виктор Андонов даде свое излагање на панелот “Европската енергетска политика на примерот на регионот” на кој модератор беше Бојана Млаѓеновиќ од РТС, а останатите учесници беа Дамир Миљевиќ, RESET Центар за одржлива енергетска транзиција, Босна и Херцеговина, проф. Д-р Драгослава Стојиљковиќ, редовен професор на Машинскиот факултет на Универзитетот во Белград, Дејан Стојчевски, КОО SEEPEX, Глиго Вуковиќ, претставник на ЕУ Србија, и Горан Свилановиќ, поранешен генерален секретар на Советот за регионална соработка.
Разговарајќи на панелот директорот истакна дека треба да имаме во предвид дека зелениот план се однесува на цела Европа, а не само на Европската Унија, и изрази увереност дека регионот треба да го следи примерот на ЕУ за поефикасно спроведување на транзицијата кон декарбонизација.
„Сите во регионот сме исто зависни од јаглен и следствено на тоа декарбонизацијата ќе биде голем предизвик за сите нас. Но, треба да имаме во предвид дека Европската унија го донесе својот план, а кога се случи кризата минатата година, сите зборуваа дека Repower EU може да се промени, а спротивно на тоа ЕУ излезе со уште поамбициозен план. Тоа е јасен сигнал дека Европа оди во таа насока и ние мораме тоа да го следиме тој пример ако сакаме да ја постигнеме нашата цел. И иако денес сите зборуваа дека ЕУ има малку пари за енергетска транзиција, деновиве на COP 28 потпишавме меморандум со голем конзорциум меѓународни финансиски институции за фер енергетска транзиција, тежок околу 3 милијарди долари“, истакна Андонов на панел дискусијата.
Тој изрази задоволство од напредокот на енергетската транзиција во регионот и истакна дека во текот на последните четири години, капацитетот на фотонапонски централи се зголемил од 17 на 550 мегават, а токму ЕСМ како компанија беше предводник на енергетската транзиција, преку првата фотонапонска централа во рудникот Осломеј, која е пример за земјите од регионот.
„Доколку пред четири години некој ни кажеше дека целта беше да се зголеми капацитетот на 550 мегавати за само неколку години, никој немаше да верува во тоа, а денес веќе е реалност. Овој напредок е само почетокот на патот кон зелена енергија и декарбонизација, и пред нас сеуште ни престои долг пат кон остварувањето на целите на енергетската транзиција“, рече директорот Андонов.
Регионот има амбициозни планови за енергетска транзиција, интензивно се работи на привлекување на инвестиции за поддршка на овие проекти и со овие напори и сето она што досега е постигнато во Северна Македонија во однос на декарбонизацијата, државата е на добар пат кон побрза и полесна транзиција кон зелената агенда. Спомнувајќи ја стратегијата, Андонов на панелот потврди дека во моментов се развиваат и нови подзаконски акти токму за складирање енергија,односно за инсталирање на батерии, а паралелно се развива и нов законски пакет за енергетика со цел имплементација на Пакетот за чиста енергија.
Економија
ВМРО-ДПМНЕ поднесе 250 амандмани на предлог буџетот за 2024 година

Денес започнува разгледувањето на амандмани за Буџетот за 2024-та година.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, рече дека пратеничката група поднела 250 амандмани преку кои сакаат да интервенираат и да поправат нешто што сеуште може да се поправи.
„Денес на првиот ден од амандманската расправа ќе се разгледаат повеќе амандмани од кои би ги издвоил амандманите кои се однесуваат на намалување на ДДВ за електричната енергија, огревно дрво, храната, но и намалување на акцизата за горивата.
Сведоци сме дека во изминатите неколку години, цената кај овие категории е драстично покачена, речиси и 50% наспроти периодот пред пандемијата. Во исчекување сме на ново покачување на цената на струјата од партизираната Регулаторна комисија за енергетика и токму затоа бараме државата повторно да го намали ДДВ-то од 18% на 5% со цел да им се помогне на сите домаќинства.
Дополнително, огромен дел од домаќинствата се загреваат на дрва, а знаеме дека во текот на изминатите две зими цената на дрвото драстично се покачи, а беа забележани случаи и на измамени пензионери. На дрва се грее најчесто посиромашниот слој на граѓани и токму затоа бараме намалување на ДДВ за купување на кубик дрво од 18% на 5% со што ќе дојде до поевтинување од над 10%.
Последниот амандман кој е во врска со ДДВ то се однесува на храната, со кој бараме да се поништи одлуката на СДСМ за зголемување на ДДВ од 5 на 10% за прехранбени производи. Дополнително, во зависност од пазарните состојби и со цел спас на земјоделците и стопанството државата треба да се откаже од ДДВ на основни прехранбени производи наместо истите да банкротираат.
За крај, амандманот кој се однесува за намалување на акцизите ќе влијаат на целата економија. Целиот транспорт на стоки ќе поевтини, а со тоа и производите кои ги купуваме во маркетите, меѓуградскиот превоз и многу други гранки во кои значителен инпут се нафтените деривати“, рече Стојаноски.
Изрази надеж дека пратениците на СДСМ и ДУИ ќе имаат доблест и ќе ги прифатат нивните, како што рече, суштински предлози и сериозно ќе се заштити животниот стандард на граѓаните.
Економија
Ангеловска-Бежоска: Банкарскиот сектор и натаму е отпорен и обезбедува солидна поддршка за компаниите и домаќинствата

Македонските банки, добро капитализирани и ликвидни, се соочија со неколкуте кризи во изминатиот период. Нивната отпорност на кризата се должеше на нивните зајакнати биланси уште во претпандемичниот период. Народната банка и натаму ја јакне отпорноста на банкарскиот систем и во постпандемичниот кризен период, воведувајќи макропрудентни мерки. И покрај големата претпазливост и монетарното затегнување, банкарскиот сектор и во изминатиот период им обезбедува солидна кредитна поддршка и на компаниите, и на домаќинствата, со раст од околу 10% минатата и 6% годинава, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во својата дискусија на Банкарскиот самит на Здружението на банките во Србија, којшто се одржа во Белград.
На панел-дискусијата посветена на актуелностите и предизвиците на банкарскиот сектор од перспектива на регулаторите, гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека доколку затегнувањето на монетарната политика е брзо, агресивно и следи по долг период на олабавена монетарна политика и ако макропрудентната и супервизорската регулатива се послаби, тоа може да има значително влијание врз стабилноста на банкарскиот сектор. Оттаму, и покрај тоа што домашниот банкарски сектор влезе силен во кризниот период, Народната банка и натаму е претпазлива и ја јакне отпорноста на системот преку макропрудентни мерки. Гувернерката го истакна воведувањето на противцикличниот заштитен слој на капиталот, како и мерките за квалитет на кредитобарателите. Зборувајќи за показателите за банкарскиот сектор, Ангеловска-Бежоска истакна дека во изминатите неколку години адекватноста на капиталот се зголеми, а квалитетот на капиталот го има достигнато историски највисокото ниво, додека ликвидноста е традиционално висока, при што кај депозитната база се забележува раст на долгорочните депозити и на депозитите во денари, додека квалитетот на активата е подобар во споредба со предпандемичниот период.
Зборувајќи за среднорочните и долгорочните предизвици за банкарскиот сектор, гувернерката Анегловска-Бежоска истакна дека покрај геоекономската фрагментација, значаен ризик и натаму се климатските промени. Кога станува збор за македонскиот банкарски сектор, повеќе од половината од вкупната кредитна изложеност на банките кон компаниите е кон секторите коишто се чувствителни на климатските политики. Оттаму, централната банка презема повеќе активности за справување со ризиците од климатските промени, меѓу кои е и носењето на среднорочниот план на активности, како и донесувањето на насоките за банките за вклучување на климатските ризици во нивната рамка за управување со ризиците. Инаку, зелените кредити во изминатите четири години се зголемија за повеќе од двапати во вкупното кредитно портфолио на банките.
На панел-дискусијата на која говореше гувернерката Ангеловска-Бежоска учествуваа и гувернерката на Народната банка на Србија, гувернерот на Народната банка на Хрватска, вицегувернерот на централната банка на БиХ, претседателот на Комисијата за хартии од вредност на Србија, како и директорот на супервизијата на централната банка на Црна Гора.