Економија
НБРМ: Одржана редовна седница на Извршниот одбор за монетарната политика, основната каматна стапка се задржува на нивото од 6,30 проценти
Вчера се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика, информираат од НБРМ.
На седницата беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата. Со тоа, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари. И натаму се очекува дека тековното ниво на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Воедно, последните промени во инструментот задолжителна резерва коишто се применуваат од јуни 2024 година, ќе придонесат за дополнителна поддршка на тековната поставеност на монетарната политика.
Во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата и на инфлациските очекувања на потрајна основа, имајќи ги предвид присутните ризици поврзани со домашните фактори и геополитичките тензии. Годишната стапка на инфлација во јуни позначително забави, пред сѐ во делот на прехранбената и базичната компонента и изнесува 3,2%. Во однос на цените на примарните производи на берзите, најновите прогнози се ревидирани умерено надолу, но тие и натаму се доста променливи, а нестабилниот геополитички контекст и климатските фактори и натаму создаваат неизвесност и ризици за следниот период. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на монетарната политика. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во јули беше донесена одлука за задржување на истите основни каматни стапки (по намалувањето за 0,25 п.п. во јуни), со што и натаму се задржува затегнатоста и претпазливиот карактер на монетарната политика.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на јуни изнесува 4.337,5 милиони евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на девизниот пазар и натаму се поволни и придонесуваат за интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината, при солиден прилив на девизи и на менувачкиот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во април и мај 2024 година е во согласност со очекувањата од априлскиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар во вториот квартал се малку пониски од проектираните нето-приливи од приватните трансфери.
Економскиот раст во првиот квартал на 2024 година малку забрза, во согласност со проекциите на Народната банка, но поумерено од очекуваното. Реалниот раст на домашната економија изнесува 1,2% на годишна основа, при натамошен раст и на квартална основа. Високофреквентните податоци за вториот квартал од 2024 година со кои се располага засега упатуваат на натамошно забрзување на растот под влијание на остварувањата во услужниот сектор, што е во согласност и со проекциите за вториот квартал. Така, градежништвото оствари значително повисок реален годишен раст, а мало засилување на реалната стапка на раст е забележана и кај угостителството и туризмот. Покрај тоа, и прометот во трговијата бележи значително послаб реален пад на годишна основа, меѓутоа падот кај индустриското производство се продлабочува. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.
Во монетарниот сектор, депозитниот потенцијал на банките во јуни 2024 година расте со солидна стапка, но под очекувањата, а растот на кредитната активност е малку над очекувањата. Притоа, денарското штедење и штедењето на долг рок бележат раст и во јуни, поддржан и од мерките на Народната банка.
Општо земено, најновите остварувања кај клучните макроекономски показатели засега се близу до очекувањата од последните проекции. Сепак е потребно внимателно следење на ризиците од надворешното окружување и на домашните фактори кај инфлацијата, односно понатамошна претпазливост во водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, велат од НБРМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
БРАКО на АНАНАС: медицинскиот мебел на БРАКО отсега и со онлајн продажба на Ананас
Дел од програмата на медицински мебел на БРАКО отсега ќе може да се купи на сајтот за онлајн тргување Ананас. На сајтот се изложени производи кои се од домашно македонско производство и кои досега беа достапни за купување директно oд капацитетите во фабриката во Велес.
На овој начин, со партнерството со популарниот сајт за онлајн продажба Ананас, се излегува во пресрет на приватни лица и помали правни субјекти од областа на здравството и козметологијата да можат набават опрема за лично користење и за обавување на својата дејност, на начин кој е во тек со светските трендови на купување.
На сајтот се достапни кревет за медицински преглед, столчиња за медицински преглед, медицински паравани, рефлектори, сталаци, отомани за физиотерапија и масажа, сервисни колички и други производи.
Палетата на БРАКО која ќе биде достапна на Ананас во иднина ќе се проширува и ќе биде од корист особено за постари лица и лица кои се соочуваат со одредени физички здравствени попречености и на кои им се потребни помагала за олеснување на секојдневното функционирање, дома и надвор од домот.
Сите големи нарачки на медицински мебел и натаму се возможни во директен контакт со производителот БРАКО.
(ПР)
Економија
Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз
Македонија денес се претставува на „Винскa визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Оваа година 80 винарски визби се претставуваат на овој саем од кои што 68 се мали семејни винарии и 12 винарски визби кои што се дел од здружението „Wines of Macedonia“, а за првпат имаме и изложувачи на квалитетна македонска традиционална храна.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека ова е одлична можност македонските квалитетни вина да бидат промовирани на саемот.
Тој посочи дека е зголемена продажбата на македонското вино надвор од границите на државата.
„Република Македонија е на 22 место во светот по производство на вино, а се наоѓа на 29-то место по извоз на вино во светот“, заклучи министерот.
Трипуновски додаде дека Владата има за цел да се зголеми производството на вино во државата со што ќе се зголеми и извозот на истото во светот. Девизен прилив од извоз на вино за 2023-та година изнесуваше над 57 милиони евра.
„Нашите вина се продаваат во преку 40 држави во светот. А, најголем дел се пласира овде во регионот, односно на Балканот“, истакна тој.
„Како Влада продолжуваме посветено да работиме во делот на секторот винарство бидејќи е втора најзначајна гранка во Република Македонија по извоз и девизен прилив“, нагласи министерот Трипуновски.
Економија
Илон Маск го сруши сопствениот рекорд на богатство, има 347,8 милијарди долари
Богатството на американскиот тајкун Илон Маск достигна рекордни 347,8 милијарди долари во петокот, поттикнато од континуираните добивки во акциите на „Тесла“ и новата рунда на финансирање откако неговиот стартап со вештачка интелигенција беше проценет на 50 милијарди долари.
Многу компании на Маск забележаа пораст на нивната вредност откако изборната победа на Доналд Трамп го круниса со политичко внимание.
Акциите на Тесла пораснале за 3,8 отсто во петокот, продолжувајќи да го поттикнува оптимизмот дека плановите на тимот на Трамп за автономни возила и субвенции за електрични возила ќе и дадат предност на компанијата на Маск пред конкуренцијата.
Маск, најбогатиот човек на светот, сега го собори сопствениот рекорд од 340,4 милијарди долари поставен во ноември 2021 година, според индексот на милијардери на „Блумберг“.