Економија
Николовски: Нема да дозволиме да се манипулира со откупот на пролетна зелка, инспекциите се на терен, никој не е привилегиран

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со директорите на Платежната агенција и Државниот инспекторат за земјоделство, Никица Бачовски и Зоран Шапуриќ, како и со претставници од министерството, денеска во Струмица имаа средба со производителите на пролетна зелка. На средбата се разговараше за состојбата со откупот и пласманот на пролетната зелка.
Министерот Николовски посочи дека Државниот инспекторат за земјоделство е постојано на терен и нема да се дозволат манипулации со откупот.
„Денеска имавме конструктивен состанок на којшто земјоделците алармираа околу одредени недоследности коишто ги има на терен во однос на откупот на пролетна зелка. Заеднички дискутиравме за сите решенија и за непречен откуп и пласман на пролетната зелка. На состанокот формиравме потесна работна група во која ќе бидат претставници од министерството, подрачните единици, од Државниот инспекторат за земјоделство, Платежната агенција и производители на пролетна зелка. Ја следиме состојбата, инспекторите се постојно на терен, и доколку бидат утврдени манипулации од страна на трговците, ќе има санкции. Никој нема да биде привилегиран, сите мора да ги почитуваат законите. Нас ни е важно земјоделците да бидат заштитени од државата, и тоа е наша обврска. Затоа, заеднички со производителите на зелка, ќе ги следиме состојбите и ќе носиме соодветни мерки и политики во следниот период“, рече министерот Николовски.
Местото на земјоделците не е на улица, туку во нивите остварувајќи поголемо домашно производство. Ова е заедничкиот заклучок од денешната средба помеѓу министерот Николовски и производителите на пролетна зелка.
“Како министерство остануваме фокусирани на зголемување на домашното производство, преку мерки кои ги носиме со Националниот план за производство на храна. Земјоделците во министерството имаат гарант дека загуби во производството нема да има, дека производството ќе биде добро и навремено платена,“ изјави министерот Николовски.
На средбата, министерот Николовски информираше дека министерството и дипломатско – конзуларните претставништва се мобилизирани, постојано се комуницира со земјите од регионот, со цел да има да има непречен извоз на пролетната зелка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Светска банка: Војната во Украина може да доведе до глобална рецесија

Шефот на Светската банка, предупреди дека руската инвазија на Украина може да доведе до глобална рецесија со оглед на зголемените цени на храната, енергијата и ѓубривата.
Малпас наведува дека многу европски земји се уште се премногу зависни од руската енергија, гас и нафта. Тој рече дека руското нарушување на снабдувањето со гас може да предизвика „значително забавување“ на економската активност во регионот.
Тој додава дека повисоките цени на енергијата веќе се одразуваат на германската економија, една од најголемите во светот.
Русија и Украина се меѓу најголемите производители на ѓубрива и храна. Малпас, кој вчера зборуваше во САД, рече дека земјите во развој веќе чувствуваат недостиг,пренесуваат светските агенции.
Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Македонија е на економското дно во регионот, после ребалансот кризата уште ќе се влошува

Владата на СДСМ и ДУИ е виновна поради економската катастрофа која ни се случува. Македонија има најмал раст на БДП во регионот, Македонија има најмалку странски инвестиции во регионот, Македонија со двоцифрена инфлација има една од најголемите стапки во Европа и регионот, Македонија е една од најкорумпираните и најсиромашните држави во Европа. Ете ова е резултатот од политиките на оваа власт, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека сега со ребалансот на буџетот потврдуваат дека немаат никаква визија како да се справат со кризите кои самите ги разгоруваат. Со ребалансот се кратат капиталните инвестиции, кои во секоја нормална економија се двигател на развојот. Со ребалансот се предвидува намален раст на БДП за оваа година за 1,4% што значи дека за истиот процент ќе порасне и долгот на државата. Долгот веќе е 7 милијарди евра со тенденција до крајот на годината да стигне 8 милијарди евра.
Наместо да се засрамат од СДСМ се гордеат што во буџетот за 2022 година имаат стотици милиони евра непродуктивни трошоци. Овие стотици милиони евра доколку беа наменети за стопанството и граѓаните од почетокот на годината немаше да има 4000 затворени компании за три месеци, немаше да има над 35% граѓани во ризик од сиромаштија, немаше да има половина милион лица кои живеат само со 150 денари дневно, немаше да има вртоглава инфлација на основните животни потреби од 30 до 100%, немаше да има страв и неизвесност.
Оваа Влада и пред, а особено после ребалансот нема капацитет да се справи со кризите. Напротив уште повеќе кризите се продлабочуваат, се вели во соопштението.
Економија
СДСМ: Пратениците да го поддржат ребалансот на Буџетот, за поголеми плати и пензии и заштеда на 200 милиони евра

Владата предводена од СДСМ го утврди ребалансот на Буџетот за 2022 година. Овој ребаланс е исклучително важен со оглед на тоа што со него за време на најголема светска економска и енергетска криза се прават сериозни кратења во делот на расходите, а средствата се пренаменуваат за мерки и помош на граѓаните и компаниите, се вели во соопштението од СДСМ.
Заштедата од 200 милиони евра ќе се искористи за засилена заштита на животниот стандард на граѓаните, особено на ранливите категории, за финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите, но и за повеќе средства кон земјоделците со цел зголемено производство на храна.
Од партијата наведуваат дека преку брзи и ефикасни мерки се справуваме со последиците од светската економска криза, покажавме дека и во време на најголемата криза платите и пензиите можат да растат, трошоците да се намалуваат, а стандардот на граѓаните да биде заштитен.
Сите пратеници од сите пратенички групи да се вклучат конструктивно во носење на овој ребаланс затоа што е особено важно помошта кај граѓаните да биде постојана и навремена.
Наместо со блокади и кочења, опозицијата да придонесе со аргументирана дебата и конструктивност во носењето на ребалансот.
СДСМ останува посветена на реализација на мерки и политики кои се во интерес на граѓаните и државата, се вели во соопштението.