Економија
Обезбедени дополнителни над 4,6 милиони евра за 1.216 нови вработувања

Oбезбедeни се дополнителни 284,9 милиони денари или над 4,6 милиони евра за нови 1.216 вработувања, кои ќе бидат реализирани преку оперативниот план на активни програми и мерки за вработување, најави на прес-конференција пратеничката на СДСМ, Жаклина Лазаревска.
Како што рече, целта на овој чекор е да се зајакне пристапот до активните политики за пазарот на труд, особено за нискоквалификувани невработени лица и лица од ранливите категории, што е предвидено и со акцискиот план за реализација на препораките од заедничките заклучоци од економско-финансискиот дијалог.
„Од вкупно предвидените средства, 36,9 милиони денари се наменети за Програмата 1, односно за поддршка за самовработување (претприемаштво) за дополнителни 115 самовработувања; над 135 милиони денари за мерката за субвенционирање плати, со што дополнително ќе бидат опфатени 674 невработени лица. Обезбедени се средства и за имплементација на новата пилот-мерка за субвенционирање плати во текстилниот сектор за 300 невработени лица во висина од 73,8 милиони денари, како и над 15 милиони денари за мерката вработување и раст на правни субјекти за 127 дополнителни вработувања“, рече Лазаревска.
Пратеничката додаде дека со оперативниот план во 2021 година се опфатија речиси 12.000 невработени лица, повеќе од 8 вида програми, во рамките на кои се содржани и одделни мерки. До ноември реализирани се 85 отсто од оперативниот план за 2021 година.
Сето ова, вели Лазаревска, е во насока на намалување на стапката на невработеност, која сега изнесува 15,9 отсто, со тенденција дополнително да се намалува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени речиси 290 милиони денари дополнителни субвенции за овоштарство кон 10.604 корисници

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира земјоделците дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурланиот развој изврши исплата за дополнителни директни плаќања од подмерка 1.7 по обработлива земјоделска површина за одделни овошни видови. Исплатата е реализирана кон 10.604 корисници во висина од 286.673.118,00 денари.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства што имаат засадени површини со следниве овошни видови: јаболко, слива, праска, круша, вишна,кајсија ,цреша, јагода на отворено, малина, капина, боровинка ,дуња,мушмула, актинидија, маслинка, калинка, јапонско јаболко,смоква, аронија, шип, рибизла, гоџи бери, барем, лешник, ореви и питоми костени, кои се корисници од подмерка 1.7 од оваа уредба и се регистрирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства.
Висината на директните плаќања изнесуваат 29.000 денари по хектар, односно 38.000 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум 1 хектар до максимум 5 хектари јаболко.
За слива и праска висината на директните плаќања изнесува 24.000 денари по хектар односно 30.600 денари по хектар со пријавена површина за финансиска поддшка од минимум 1 хектар до максимум 5.
Кај овошните видови круша, вишна, кајсија , цреша, јагода на отворено, малина, капина и боровинка висината на плаќањата изнесува 21.000 денари по хектар, односно 27.600 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска подршка од минимум 1 до максимум 5 хектари.
Додека пак 13. 000 денари по хектар односно 18.000 денари по хектар, изнесува висината на директни плаќања за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум 1 хектар до максимум 5 хектари за дуња, мушмула, актинидија, маслинка, калинка, јапонско јаболко, смоква, аронија, шип, рибизла, гоџи бери, бадем и лешник.
Економија
(Видео) Ковачевски на тркалезна маса за енергетика: Македонија станува зелен енергетски центар

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, придружуван од заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска учествуваше на тркалезната маса на тема енергетика во рамки на вториот Самит на Европската политичка заедница, кој се одржува во Кишињев, Молдавија.
На тркалезната маса се зборуваше за предизвиците поврзани со енергетската криза и енергетската отпорност во рамките на глобалните предизвици со кои се соочуваат земјите во Европа, а лидерите се осврнаа на енергетската безбедност која мора да се овозможи од сите земји кои учествуваат во Европската политичка заедница. Констатирана е потреба од активно вклучување на земјите од Западен Балкан во енергетската поврзаност. Лидерите говореа и за конечно разгледување на можноста за создавање на нов механизам за финансирање на земјите кои не се членки на ЕУ.
Како што наведуваат од кабинетот на Ковачевски, тој ги истакнал чекорите кои Македонија ги има преземено за обезбедување на енергетска транзиција и диверзификација, како најважниот придонес кон регионалниот пристап и градењето на отпорност на регионот.
Премиерот Ковачевски истакна дека Северна Македонија е посветена на енергетската диверзификација, и кризата ја претвори во можност, и токму затоа во кратки 15 месеци во Северна Македонија има инсталиран капацитет од околу 200 MW енергија од обновливи извори и тоа претежно фотоволтаични централи но и ветерни и биогасни капацитети. Со ова Северна Македонија станува регионален центар на зелена енергија.
Во рамките на овој Самит, се одржаа три тркалезни маси насочени кон три главни теми, а тоа се заеднички напори за мир и безбедност, енергетската отпорност и климатска акција и меѓусебните врски во Европа за подобро поврзан и постабилен континент. Европската политичка заедница е платформа за политичка координација меѓу европските земји. Платформата има за цел промоција на политичкиот дијалог и соработка со цел адресирање на темите од заеднички интерес и зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.
Економија
Од денеска нови летови од Охрид кон Лондон и Манчестер

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска, на Меѓународниот аеродром „Св. апостол Павле“ во Охрид присуствуваше на воспоставување две нови авиолинии од охридскиот аеродром, и тоа кон Лондон и Манчестер.
„Задоволство ми е што сум присутен на аеродромот ‘Св. апостол Павле’ во Охрид, каде што од денеска воспоставуваме две нови авиолинии, односно го поврзуваме Охрид со две нови дестинации во Англија, и тоа до аеродромите во Лондон и Манчестер. За нас, Охрид, како најголем туристички центар на Северна Македонија, ни е многу важен и затоа нашите политики се токму во насока на обезбедување негов забрзан развој. Убеден сум дека овие нови дестинации значително ќе придонесат за развој на целиот регион, развој на авиосообраќајот, бидејќи нови авиолинии значат зголемен број туристи, а тоа е значаен чекор кон обезбедување економски и туристички развој. Ова е само уште една потврда на заедничките заложби на Владата и на ТАВ да ги развиваме капацитетите на двата наши аеродрома, притоа да создаваме услови за нови авиолинии и, генерално, да го развиеме авиосообраќајот во земјата“, изјави министерот Бочварски.
Тој исто така истакна дека и оваа година, како и минатата 2022, забележан е позитивен тренд на раст на авиосообраќајот во земјава.
„Во првите четири месеци од годинава имаме раст на бројот на патници за 44% повеќе во споредба со минатата година или раст од 11% во споредба со 2019 година кога беше најдобра година со најголем број на превезени патници. Конкретно за охридскиот аеродром Св. Апостол Павле имаме раст на бројот на патници од преку 30% во споредба со минатата година. Продолжуваме да ги реализираме нашите успешни политики за обезбедување на квалитетни услови во авиосообраќајот, за нови дестинации за граѓаните и зголемен број туристи во нашата земја“ потенцираше министерот Бочварски.