Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,16 % во однос на одлуката од 28.10.2022 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,870 %, кај дизелот намалување од 1,202 %, кај екстра-лесното масло намалување од 0,228% и кај мазутот зголемување од 2,506 %.
Малопродажната цена на „евродизелот (Д-Е V)“ се намалува 1,50 денар/л, а малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува 1,00 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот „евросупер БС-95“ се зголемува за 0,50 ден/лит, додека малопродажната цена на бензинот „евросупер БС-98“ не се менува.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,584 денари/кг и сега ќе изнесува 50,067 денари/кг.
Од 1.11.2022 година, од 00.01 часот. максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– моторен бензин „евросупер БС-95“ – 90,50 (денари/литар);
– моторен бензин „евросупер БС-98“ – 92,50 (денара/литар);
– дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 99,00 (денари/литар);
– масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 96,00 (денари/литар);
– мазут М-1 НС – 50,067 (денари/килограм).
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,387 %.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Славески во работна посета на Банката на Англија
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари работна посета на Банката на Англија во Лондон, заради засилување на билатералната соработка и за размена на експертски искуства со една од најстарите и најзначајни централни банки во светот.
Во текот на посетата, гувернерот Славески оствари повеќе работни средби со високи претставници на Банката на Англија, меѓу кои и со гувернерот Ендрју Бејли.
„Особено значаен дел од агендата беа активностите поврзани со управувањето со златните резерви. Во тој контекст, беше организирана посета на трезорот на Банката на Англија, каде што Народната банка ги чува резервите во монетарно злато, заради подобро запознавање и увид во оперативните процедури за чување и ракување со монетарното злато, сигурносната заштита и во можностите коишто Банката на Англија ги нуди за пристап до пазарот за злато во Лондон, како најголем светски пазар преку шалтер на овој благороден метал“, соопштија од Народната банка.
Гувернерот одржа и работни средби со главниот економист на Банката на Англија, Хју Пил, и со заменик-гувернерката Сара Бриден. На средбите се разговараше за актуелните предизвици во спроведувањето на монетарната политика и за технолошките иновации во секторот на финансии.
Посетата беше во организација на Центарот за студии од областа на централното банкарство (CCBS) при Банката на Англија.
Економија
Од 1 декември поскапува парното: сметките повисоки за околу 130 денари
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ) ја информира јавноста дека од 1 декември цената на топлинската енергија ќе се зголеми за дел од потрошувачите.
Според одлуката, за домаќинствата што се снабдуваат од најголемиот систем – ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Снабдување и ЕСМ Производство – цената се зголемува во просек за 5,9%. За потрошувачите на ЕСМ Енергетика зголемувањето е во просек 7,6%, а за корисниците на Скопје Север – Енерџи Еко Линк во просек 7,7%.
„Од 1 декември просечната сметка ќе биде зголемена за 130 денари – од 2.200 денари на 2.330 денари“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Тој нагласи дека во следниот период е потребно долгорочно стратешко планирање и сериозна санација и модернизација на топловодната мрежа. Според него, овие инвестиции ќе ги намалат дефектите, ќе го подобрат квалитетот на снабдување и ќе овозможат проширување на мрежата, што би довело до зголемување на конзумот.
Бислимоски повтори дека греењето на парно и понатаму е најекономично, додавајќи дека анализите покажуваат дека доколку сите исклучени потрошувачи се вратат на системот, сметките би се намалиле за околу 10%.
Вкупно 65.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија.
Економија
За мерката Самовработување се издвоени 2,5 милијарди денари, кажа Мицкоски
Самовработувањето е многу важна мерка и во Буџетот се издвоени средства коишто се од износ отприлика 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година. И ова е историски највисока поддршка којашто до сега се случила, кажа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната седница за поставување на пратенички прашања.
Премиерот Мицкоски истакна дека Оперативниот план за самовработување е доказ дека државата инвестира во младите.
„Со овој план во 2025 година ќе бидат опфатени нешто повеќе од 16.500 лица. Нешто што мислам дека е најголем опфат до сега и јасен доказ дека државата практично инвестира во луѓето, а посебно во младите“, рече Мицкоски.
„До пред една недела издадени се вкупно 2.916 ваучери за изработка на бизнис план и дел од тие ги промовиравме во Владата. Оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност. Во моментот повеќе од 2.500 лица веќе се во процес на потпишување договори. Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО“, нагласи Мицкоски и додаде дека ова е нешто коешто за прв пат се случува во Македонија.
„Морам да кажам дека ги изненади и нашите очекувања и во годините коишто следат очекувам поддршката којашто е дел од овој Оперативен план за самовработување само да се зголемува, бидејќи ако ние со 40 милиони евра успеавме да анимираме повеќе од 16.500 луѓе, тоа е сериозна бројка и убеден сум дека од тие бизниси ќе излезат многу бизниси старт-ап коишто понатаму ќе донесат додадена вредност во македонската економија“, дециден е Мицкоски.
„Ваква поддршка за младите немало. Генерално зборувам, реконструкција на студентските домови, ваучерите за студентите за електронски уред и кога сето ова ќе се земе во предвид, ценам дека како Влада правиме нешто коешто до сега никој не го направил во независна Македонија за младите“, објасни Мицкоски.

