Економија
„Отворен Балкан“: Усогласување на ветеринарните сертификати и олеснување на трговијата на животни

Во рамки на дводневниот самит на „Отворен Балкан“ кој се одржа во Охрид, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, беше домаќин на министрите за земјоделство на Република Србија и Албанија, Бранислав Недимовиќ и Фрида Крифца.
Делегации на трите држави, предводени од министрите за земјоделство, одржаа работна средба на техничко ниво каде се разговараше за забрзување на процесот за усогласување на ветеринарните сертификати со цел олеснета размена на живи животни и производи од животинско потекло помеѓу трите држави од „Отворен Балкан“. На средбата е договорено дека Агенцијата за храна и ветеринарство во рок од 15 дена треба да направи измени во Правилникот кој го регулира извозот и увоз на живи животни и производи од животинско потекло, со цел непречена трговија помеѓу државите.
„Отворен Балкан е симбол на нашата меѓусебна доверба и почит. Преку „Отворен Балкан“ овозможуваме достоинствен живот денес, но и сигурна иднина, за граѓаните на трите држави. Меѓусебната почит и реципроцитет во односите меѓу трите земји, значи заеднички да одиме напред, помагајќи си меѓусебно онаму каде што е најпотребно за секој од нас. Денешните здравствени и економски кризи, со кои се соочени нашите земји, но и светот, се уште една потврда за потребата и продобивките од иницијативата „Отворен Балкан“. Благодарение на успешната соработка, преку оваа иницијатива заеднички, успеавме да обезбедиме стабилно снабдување со основните прехрамбени производи меѓу нашите држави, директно помаѓајќи им на граѓаните“, истакна министерот Николовски во своето обраќање.
Преку посветена работа на сите министерства и тимовите во работните групи, од започнувањето на Иницијативата, до денес, направен е голем напредок во делот на соработката меѓу трите држави во областа на земјоделството.
Зелените коридори на граничните премини за земјите од „Отворен Балкан“ веќе функционираат, што претставува големо олеснување за економските оператори. Признати во сите три земји се фитосанитарните сертификати и трговијата со растенија и растителни производи се одвива непречено.
Министерот Николовски упати благодарност до двајцата министри, за соработката помеѓу државите во овие кризни моменти и заедничката посветеност кон полесно надминување на кризата.
Тимовите на министерствата и работните групи од трите држави, продолжуваат посветено, преку разговори да работат на решавање и на отворените прашања меѓу државите дел од „Отворен Балкан“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Гувернерката Ангеловска-Бежоска на средба со претставникот на ЕИБ, Бјорн Габриел: Зелените финансии станаа потреба

Тековната криза е потсетник за потребата од постојано проактивно делување на полето на структурните реформи, како предуслов за поголема отпорност на економиите. Во овој контекст се и активностите за зајакнување на зеленото финансирање, односно поддршката на инвестициите во обновлива енергија, енергетска ефикасност, одржливо земјоделство и технолошки иновации.
За исполнување на своите основни цели, како одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, сѐ повеќе централни банки во светот преземаат активности за поддршка на зелените финансии. Нашата централна банка ги постави зелените финансии како стратегиска цел и работи на повеќе активности и монетарни мерки за нивно поттикнување.
За ова беше разговарано на состанокот помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и Бјорн Габриел, претставникот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во земјава, кој беше назначен кон крајот на мај.
Гувернерката посочи дека Народната банка, од минатата година, спроведува активности за подетално прибирање податоци за зеленото финансирање, како Анкетата за ризиците од климатските промени, којашто беше спроведена кај сите банки и штедилници во земјава. Анкетата покажа дека во банкарскиот сектор има висока свесност за ризиците коишто ги носат климатските промени, како и висок интерес за воведување „зелени“ производи.
Во овој контекст значајна улога имаат кредитите линии на меѓународните финансиски институции, како што е ЕИБ. Следејќи ја европската практика, Народната банка планира подготовка на насоки за работењето на банките во доменот на зелените финансии, за начинот на вклучување на ризиците од зелената транзиција во стратегиите и деловните политики на банките, како и за транспарентно известување. За оцена на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени се планираат стрес-тестови коишто ќе го вклучат и ризикот од климатските промени.
Габриел ја истакна тековната поддршка на ЕИБ за секторот на малите и средни претпријатија во земјава, проектите од областа на животната средина за чиста вода и поголемите инфраструктурни проекти во транспортот и енергетиката. ЕИБ е подготвена да ја зголеми поддршката за Република Северна Македонија во заложбите за декарбонизација и инклузивна економија, како и заложбите на Народната банка во делот на зелените финансии и во одржувањето на стабилноста на финансискиот систем при нови предизвици поврзани со климатските промени.
Економија
Развојната банка со нова кредитна линија за енергетска ефикасност преку банки учеснички

Развојната банка започна со реализација на Кредитна линија за енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ) преку банки учеснички наменета за обезбедување на средства за инвестиции за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија на микро, мали и средни трговски друштва, ТП и занаетчии, информираат од оваа институција.
Износот на средствата за реализација на оваа кредитна линија е 10 милиони евра.
Намената на кредитната линија е за поддршка на проекти за: Енергетската ефикасност ЕЕ – Максимална вредност на проектот е 30.750.000 денари со рок на отплата до 8 години со вклучен грејс период до 12 месеци и за обновливи извори на енергија (ОИЕ) – Максимална вредност на проектот е 49.200.000 денари со рок на отплата до 12 години со вклучен грејс период до 24 месеци.
И во двата случаи банката ќе кредитира до 60% од износот на проектот, додека останатите минимум 40% ќе се кредитираат од останати извори како кредит од банката учесник или сопствени средства на инвеститорот (градежи, опрема, обртни средства, готовина и сл.)
Каматна стапка за крајните корисници е 1,6% годишно.
Заинтересираните компании можат да поднесат барање за користење на средства од кредитната линија до 9 (девет) банки учеснички и тоа: Шпаркасе Банка АД Скопје, Стопанска Банка АД Битола, Стопанска Банка АД Скопје, Уни Банка АД Скопје, Халк Банка АД Скопје, Силк Роад Банка АД Скопје, ТТК Банка АД Скопје, НЛБ Банка АД Скопје и ПроКредит Банка АД Скопје.
Економија
Горивата остануваат со иста цена, се менува цената на мазутот

Малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“, „евродизелот“ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат, а малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува 1,000 денар/кг и сега ќе изнесува 54,291 денари/кг.
Од 24.6.2022 година, од 00.01 часот. максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– моторен бензин „евросупер БС-95“ – 110,00 (денари/литар)
– моторен бензин „евросупер БС-98“ – 112,00 (денари/литар)
– дизел-гориво „евродизел БС“ (Д-Е V) – 110,00 (денари/литар)
– масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 107,00 (денари/литар)
– мазут М-1 НС – 54,291 (денари/килограм)