Економија
Поголем, попрактичен, поефикасен – новиот Volkswagen Caddy почна со продажба во Македонија

Volkswagen Комерцијални возила официјално го претстави новото Caddy на нашиот пазар. Петтата генерација на мошне успешниот модел, од кој се произведени над три милиони примероци, се лансира како MPV и градско товарно возило наменето за испорака. За прв пат, сеопфатниот систем се заснова на модуларната попречна матрица (MQB), што се користи за повеќе модели од Volkswagen Групацијата. Со најновата еволуција на MQB, бројни нови технологии се имплементрани во новото Caddy: иновативниот систем за асистенција „Travel Assist“ го олеснува возењето и го прави побезбедно управувањето со Caddy. „Секогаш онлајн“ инфо-забавните системи и дигитализираните контроли го прават Caddy паметен телефон на тркала, a новиот систем со двојно дозирање ги претвора емисиите на NOx во вода и безопасен азот. Надворешноста има нов и харизматичен дизајн, а внатрешноста исто така е функционално испланирана до последниот детал. Во исто време, просторот што го нуди овој нов повеќенаменски систем меѓу компактните комбиња се зголемува, како вистински Volkswagen.
Харизматичен дизајн и нови карактеристики на надворешноста
Визуелно, преминувањето на MQB платформата станува веднаш забележително од подолгото меѓуоскино растојание. Растојанието е зголемено од 2.682 на 2.755 мм, со што Caddy добива подинамичен изглед. Дизајнерите ја искористија техничката можност претставена од платформата, за да создадат целосно редизајнирано возило – кое е похаризматично од кога било. Во однос на инженерството и функционалностите, надворешноста на Caddy со седум седишта има голем број нови карактеристики. Овие вклучуваат особено голем панорамски подвижен покрив со транспарентна површина од 1,4 м2 и опционални електрични помагала за затворање на лизгачките врати и задниот отвор. Исто така нови се и 16”, 17” и за прв пат 18 инчни алуминиумски тркала стандардно достапни во верзијата „Style“, која вклучува нови LED предни и задни светла. За прв пат, достапен е системот за заклучување, отклучување и палење на моторот „Keyless Access“. Со верзијата Keyless Access / Advanced сѐ што треба возачот да направи, е да му пристапи на возилото со клучот во џеб, така што централната брава се отклучува без воопшто да се допира рачката на вратата. Новоразвиениот систем е заштитен со врвна технологија, што го прави исклучително безбеден.
Најпросторен во својата класа
Во внатрешноста, петтата генерација на Caddy импресионира со нови високотехнолошки решенија и значително покорисен простор. Caddy Cargo обезбедува простор за товар од 3,1 m3 (дефинирано во стандардот SAE V6); во Caddy Cargo Maxi капацитетот е 3,7 м3. Целосно редизајнираната задна оска го подобрува пристапот до товарниот простор. Ова станува јасно со Caddy Cargo како пример: евро-палета сега може да се внесе странично во задниот дел на возилото. Тоа е затоа што максималната ширина помеѓу лаковите на тркалата сега изнесува 1.230 mm. Благодарение на лизгачките врати што се зголемени во ширина за повеќе од 840 mm (претходно 701 mm), новиот Caddy Cargo Maxi сега може да собере и втора евро палета, што претставува голема конкурентска предност. Максималната должина на товарот до преградата е 1.797 mm (Cargo) и 2.150 mm (Cargo Maxi).
Верзиите за патнички автомобил и Kombi се нудат стандардно со пет седишта. Опционално достапен по нарачка е и трет ред за седење. Нова карактеристика е што седиштата од третиот ред можат индивидуално да се отстранат, со што се нуди максимална флексибилност. Се разбира, новот Caddy 5, ги задржува веќе докажаните карактеристики: седиштата во вториот и третиот ред сè уште можат да бидат повлечени на напред и да се преклопат. И седиштата од вториот ред, лесно може да се извадат. Kombi и семејниот MPV обезбедуваат простор за багаж до 2.556 литри; во верзијата со пет седишта, просторот за багаж натоварен до висината на грбот на седиштата изнесува импресивни 1.213 литри. Просторот за товар кај Kombi и MPV е 1.913 mm до првиот ред на седишта; помеѓу лаковите на тркалата е со максимална ширина од 1.185 mm.
Дигитализиран високотехнолошки кокпит и дигитални копчиња на допир
Индикаторот и контролните елементи се редизајнирани: основниот интерфејс вклучува аналогни инструменти со дигитален мултифункционален дисплеј или – како опција, и стандард во верзијата „Style“- новиот „Digital Cockpit“ (целосно дигитализирана инструмент табла). Вклучено како стандардно или опционално во зависност од верзијата: радио и навигациски системи со 6,5-инчни, 8,25-инчни или 10-инчни екрани на допир. Спојот на дигитален кокпит и врвен 10-инчен систем за навигација Discover Pro создаваат нов дигитален пејзаж на индикатори и контроли: „Innovision Cockpit“. Преку единицата за поврзување на Интернет (OCU) со интегриран eSIM, информатичките системи на Caddy’s пристапуваат и до мобилни мрежни услуги (МО). Иновативните контроли за климатизација под системот за инфозабава за прв пат се дигитални, со лизгачи кои се лесни за употреба.
Нови во Caddy се дигитални копчиња за светло, аудио и функциите на менито. Предниот панел со копчињата „Light & Sight“ сега ја презема својата улога. Позициониран лево, тој е интегриран во пилотската кабина и системот за инфозабава на една линија на гледање и контрола. Таканаречените копчиња за директен пристап на посебен панел под централниот систем за инфо-забава и контролите за климатизација овозможуваат брзо и интуитивно работење на системите за асистенција и напредните функции за контрола на
климата и паркирањето. Покрај тоа, новите и моќни LED светла за внатрешно осветлување и напојување за надворешни 230V уреди ја зголемуваат секојдневната функционалност.
Новите системи за асистенција го прават Caddy побезбеден и полесен за возење
Пет од 19-те системи за асистенција се целосно нови во Caddy, а другите се обемно ажурирани и проширени со различни функции: новите карактеристики вклучуваат „Travel Assist“, кое за прв пат е достапно во Volkswagen Комерцијални возила и го олеснува возењето со помош преку целиот опсег на брзина на движење. Поради новите функционалности на „Travel Assist“, редизајнираниот мултифункционален управувач на Caddy е опремен со капацитивни сензори. Позадината на ова е дека од правни и безбедносни причини возачот мора трајно да го следи системот. Со други зборови, сè додека едната рака го допира воланот, системот не дава никакви инструкции за управување. Ново во Caddy 5, а со тоа и за прв пат во сегментот „A“ на градски комбиња за испорака: асистент за маневрирање со приколка, веќе докажан во моделот Crafter, – „Trailer Assist“ (што го олеснува маневрирањето со приколка). Двојното дозирање значително ги намалува емисиите на азотни оксиди во TDI моторите
Како и системите за асистенција, и новите мотори со четири цилиндри на Caddy се исклучително иновативни. Тие се следната фаза на еволуција на моторот и сите се опремени со филтри за микро-честички. За прв пат во Volkswagen Комерцијални возила се користи новиот систем „Двојно дозирање“ за 55 kW (75 КС), 75 kW (102 КС) и 90 kW (122 КС) TDI моторите со 6-степен мануелен менувач или автоматски 7-степен менувач со двојна спојка. Преку два SCR катализатори и двојно вбризгување на AdBlue постигнато на овој начин, системот значително ги намалува нивоата на емисија на азотни оксиди (NOx) во споредба со оние од претходниот модел. TDI моторите на Caddy 5 се меѓу најчистите турбо-дизел мотори во светот.
Ефикасен и еколошки: бензински мотор со турбо полнење (TSI) кој испорачува 84 kW (114 КС). Новите технологии на погонски систем имаат значително позитивно влијание и еколошки и економски. На пример, TDI: комбинираната потрошувачка на гориво NEDC на новата генерација Caddy 2.0 TDI со 6-степен мануелен менувач и моќност од 75 kW (102 КС) е 4,7 литри на 100 километри, што претставува 1,4 литри на 100 километри помалку од моторот во претходната генерација на Caddy. Еден од факторите кои придонесуваат за оваа значително подобрена ефикасност е аеродинамиката со новиот надворешен дизајн: вредноста на cW- коефициентот на отпор (претходниот модел: 0,33) е намалена на 0,30 кај новото Caddy и претставува нов стандард во овој сегмент. Во споредба со неговите конкуренти, новото Caddy 5 е во просек 10% поефикасно во поглед на потрошувачката на гориво, а испушта и 10% помалку CO2.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Битиќи по средбата со Лукаревска: УЈП е еден од најважните столбови на економијата

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, денеска остварија работна средба на која разговараа за даночните активности и предизвиците на Управата.
Тие во рамки на заедничките активности, прво ја посетија Дирекцијата за големи даночни обврзници на УЈП.
„Оваа дирекција администрира 366 најголеми плаќачи на данок во државата и истата наплатува 44.63% од вкупната наплата на даноци“, информираше Лукаревска за време на посетата.
Лукаревска го запозна Битиќи со тековните активности и предизвиците со кои се соочува дирекцијата, во спроведување на даночните активности, како и за успешните резултати остварени од наплата на даноците и партнерскиот однос кој оваа дирекција го негува со даночните обврзници.
Работната средба продолжи и во генералната дирекција, каде вицепремиерот Битиќи, директорката Лукаревска и раководството на УЈП разговараа за досегашната успешна реализација на антикризните мерки. Дополнително тие го запознаа вицепремиерот со тековните проекти кои ги спроведува УЈП, како што се: е-даноци, е-МПИН, автоматски поврат и пребивање, матична евиденција и даночно книговодство. Сите овие проекти се имплементираат со цел подобрување на деловните практики и внесување промени во согласност со севкупната дигитална трансформација, а во насока на подобро администрирање на даночни приходи и придонеси и давање квалитетни услуги на обврзниците, информираат од овие институции.
Вицепремиерот Битиќи истакна дека ова е една од најзначајните институции и еден од столбовите на економијата.
,,Коронавирусот ни покажа дека дигитализацијата е неопходна секаде, а вие како институција во време на пандемија целосно одговоривте на предизвикот“, нагласи Битиќи и ја истакна големата улога која УЈП ја има при имплементацијата на економските мерки за поддршка на граѓаните и стопанството за време на кризата.
За време на ативностите беше потенцирано дека во март 2021 година, Управата за јавни приходи реализирала наплата на даноците во износ од 7.720.610.346,00 денари, што во споредба со истиот месец во 2020 година претставува повисока наплата кај даноците од страна на компаниите, што е добар знак дека економијата постепено закрепнува. Поединечно, кај данокот на додадена вредност се бележи поголема наплата за 29,49 %, наплатата кај данокот на личен доход е повисока за 12,55%, додека пониска наплата за 1,32 %, се регистрира само кај данокот на добивка, информираат од УЈП.
Економија
Поврзување на студентите и академскиот кадар од УКЛО со бизнис-заедницата

Во рамките на проектот „Мојата успешна приказна“, што го реализира Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и универзитетскиот Центар за кариера, алумни и доживотно учење за студентите и академската заедница на УКЛО, се одржа онлајн-средба со Виктор Мизо, генерален менаџер на KOSTAL Охрид.
Проектот „Мојата успешна приказна“ на УКЛО,`според проректорот Марјан Ѓуровски, е во функција на промоција на студиските програми и воспоставување поинтензивна соработка со бизнис-заедницата.
Овие настани треба да им помогнат на студентите да го запознаат деловниот свет, да стекнат искуство уште за време на студирањето и да развиваат знаења и вештини за развој на кариерата по дипломирањето. Проректорот Ѓуровски нагласи дека УКЛО создава услови за реализација на индивидуалните можности за усовршување на своите студенти, кои своето идно вработување може да го побараат во компаниите во земјата.
Освен за кариерниот и професионален развој, Виктор Мизо ја претстави компанијата што ја раководи и го потенцира значењето на студентската пракса како нужно дополнување на теоретските знаења и можност, тоа искуство да се имплементира во компаниите.
Во рамките на презентацијата беа предочени можностите студенти од УКЛО да се вклучат и да ги користат бенифитите од програмите, како што се „Инженери на тренинг“ и „Летна студиска програма“, кои нудат знаење и отвораат преспективи за вработување.
Виктор Мизо како директор на една од најуспешните странски инвестиции кај нас, која е дел од германскиот гигант и произведува автомобилска и индустриска електроника за најпознатите автомобилски брендови, оценува дека поврзувањето со студентите и акдемскиот кадар од УКЛО претставува продолжување и продлабочување на воспоставената соработка.
Економија
Бесими и Николовски: Нулта толеранција за корупцијата и неформалната економија за забрзан и одржлив економски раст

За подобра деловна клима и забрзан и одржлив економски раст, потребно е во континуитет да се работи на екосистем со нула корупција и праведна (лојална) конкуренција, каде што сите ќе го плаќаат својот дел од давачките. Во оваа насока се и 16-те мерки од акцискиот план за сузбивање на сивата економија на Министерството за финансии и 18-те мерки од „Акција 21“ – планот за сузбивање корупција, за кои министерот за финансии, Фатмир Бесими, и заменик-претседателот на Владата за борба против корупција, криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, дискутираа со претставници на бизнис-секторот.
Бесими рече дека сивата економија го нарушува интегритетот на целиот наш даночен систем, влијае штетно на буџетот и наплатата на приходите и со тоа ги скратува средствата за инвестиции во подобрo и поквалитетно здравство, образование и услуги за сите граѓани.
Toj истакна дека целта на акцискиот план за сузбивање на сивата економија на Министерството за финансии е преку дефинирани мерки и активности да ги зајакне механизмите за сузбивање на сивата економија. Тој посочи дека планот содржи 6 приоритети: 1) Унапредување на процесот на мерење, следење и детектирање на сивата економија; 2) Ефикасни инспекциски служби; 3) Подобро деловно окружување за основање, раст и развој на компаниите; 4) Јакнење на свеста за сивата економија и јакнење на даночниот морал; 5) Адресирање на сивата економија во е-трговија и 6) Мерки на Царинската управа во борбата против неформалната економија. Со спроведување на мерките и активностите во контест на овие приоритети се очекува намалување на сивата економија на среден рок за речиси 5-процентни поени, која сега се проценува на речиси 37 % од БДП во согласност со индикаторите на Меѓународниот монетарен фонд.
„Усвојувањето на овој акциски план е резултат на заложбата на државата да ја намали сивата економија имајќи предвид дека нема земја каде што сивата економија како феномен не постои. Одговорност е на државата да ја подобрува правната и економската околина, во која најлесен и најисплатлив начин за развој на бизнисите е легалното работење, водејќи се по принципите на рамоноправност, објективност и транспарентност преку обезбедување јасни прописи и правила лесни за следење и почитување, како и обезбедување санкции за оние што не ги применуваат и почитуваат“, посочи Бесими.
Вицепремиерот Николовски посочи дека заедно со неговиот тим активно работат на следење на економските процеси и подобрување на економските текови преку креирање соодветни мерки што помагаат во постојаната борба со корупцијата и криминалот. Овие мерки значително придонесуваат за зајакнување на бизнис-секторот и бизнис-релациите и создаваат состојби за непречено функционирање на компаниите. Во овој поглед се и интервенциите што се предвидени во делот на јавните набавки, како и воспоставувањето единствена точка за издавање лиценци за соодветни компании.
Николовски рече дека системските решенија претставени во планот за борба против корупцијата значително помагаат во поглед на креирањето поволна бизнис-клима, нудат сигурност и отвораат можности за развој на економијата во Северна Македонија.
„Корупцијата како општествено лоша појава предизвикува несакани последици, кои го нарушуваат доброто менаџирање и управување со бизнисите. Од исклучителна важност е да обезбедиме услови преку системски решенија и закони, кои ќе овозможат напредок на бизнисот, кои ќе придонесат за отворање нови претпријатија, ќе ја зголемуваат трговијата и извозот и ќе овозможат отворање поголем број работни места за младите генерации што се нашата иднина“, посочи Николовски.
Од бизнис-заедницата беше посочено дека дејствувањето во насока на решавање на овие два горливи проблеми, односно сивата економија и корупцијата, се неопходни за градењето на еден здрав економски систем, кој ќе продуцира додаена вредност и економски раст.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Црна хроника3 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Економија3 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?
- Македонија3 недели
Ѓорчев: Мојот татко е во кома откако се вакцинираше во Ниш