Економија
Посилен приватен сектор, инфраструктура и регионална поврзаност, предвидува меморандумот потпишан со ЕБОР
Зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и инклузивен раст, одржлива инфраструктура и транзиција кон зелена економија, вклучувајќи ги и приоритетите за регионална поврзаност и зајакнување на инвестициската клима и управување, се приоритетите во фокус на Меморандумот за разбирање кој денеска го потпишаа премиерот Зоран Заев и претседателката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Одил Рено-Басо, на виртуелната церемонија на која се обрати и ЕУ-амбасадорот Дејвид Гир, а учествуваше и министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Целта на Меморандумот е зацврстување на соработката со ЕБОР во насока на поттикнување на пристапот на земјата кон Европската Унија.
Премиерот Заев искажувајќи благодарност за соработката ја потенцира важноста од реализација на приоритетите во Меморандумот, ставајќи акцент на владеењето на правото, намалување на корупцијата, зајакнување на транспарентноста и решавање на прашањето со неформалната или сива економија, како предуслов за зголемување на инвестициската активност.
На состанокот премиерот Заев истакна дека и покрај бројните предизвици и неизвесност со пандемијата предизвикана од Ковид-19, заложбите на Владата на среден и на долг рок се преку системски мерки да се придонесe за севкупен економски раст.
Во таа насока се и овие иницијативи за соработка кои имаат прецизно воспоставени цели за подобрување на конкурентноста на приватниот сектор и на севкупното деловно опкружување.
Претседателката на ЕБОР, Рено-Басо, го поздрави потпишувањето и истакна дека се охрабрени од чекорите кои Северна Македонија ги прави во нејзиното пристапување кон ЕУ.
„Ни претставува задоволство да ги поддржиме овие витални напори со нашиот придонес. Во овие времиња кои бараат поголем ангажман, поважно од кога било е со заеднички сили, не само да се справиме со моменталните предизвици, туку и да ги согледаме долгорочните цели на земјата”, рече Рено-Басо.
Во Меморандумот за разбирање банката изразува поддршка во сет мерки на политички ангажман, техничка помош и инвестиции, со цел да го задржи моментумот на приближување на земјата кон ЕУ.
Владата ќе ги дефинира реформските области, инвестициските можности и ќе промовира активности од овој меморандум.
ЕБОР ќе го поддржи развојот на домашните компании, преку финансирање и долгорочни советодавни услуги, зајакнување на конкурентноста преку поголем пристап до финансии и поддршка кон економската инклузивност, младите и оние од подалечните региони.
ЕБОР има инвестирано над 2 милијарди евра во 136 проекти во земјата. Банката се фокусира во поддршка на интеграцијата на земјата во регионалните и глобалните пазари, особено во интензивирање на соработката со клучните партнери како што е Европската Унија и Европската инвестициона банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

