Економија
ДУИ: Инвестицискиот циклус од 3,1 милијарди евра во следните 5 години ќе овозможи подобар живот за сите граѓани
Демократската унија за интеграција (ДУИ) го поздравува усвојувањето на предлог-буџетот од страна на Владата, имајќи предвид дека овој буџет вклучува неколку столбови кои се од суштинско значење за справувањето на земјата со влијанието на глобалната пандемија, но и закрепнувањето на домашната економија, велат од партијата.
„Ова го велиме со оглед на тоа што клучните аспекти на овој буџет се темелат на здравствена заштита, како и економското закрепнување и нејзиниот раст. Нагласуваме дека ова е првпат во историјата на земјата за еден буџет да не биде за 12 месеци, туку да биде 5-годишна проекција.
Со оваа стратегија на буџетот се предвидува во следните 5 години да почне циклус на инвестиции од 3,1 милијарди евра, исто така, за проекти во патна и железничка инфраструктура, енергетска и општинска инфраструктура, како и капитални инвестиции, што неопходно ќе ги подобри условите во здравството, образованието, земјоделството, заштитата на животната средина, итн.
Го потенцираме ова со оглед на тоа што со овој буџет е планирано само во 2021 година, преку буџетот да се инвестираат 374 милиони евра за капитални расходи или 20% повисоки во споредба со 2020 година.
Во областа на патната инфраструктура, во наредниот период се планираат инвестиции во проекти како што се: Изградба на автопатот Скопје – Блаце, изградба на автопатот Кичево – Гостивар, подобрување на патната инфраструктура на општините во Република Северна Македонија, преку Проектот за локални патишта, финансирање на Коридорот VIII преку делницата Куманово – Ранковце, Ранковце – Крива Паланка, Крива Паланка до границата со Бугарија, финансирање на делницата Кичево – Охрид, проширување на автопатот Тетово – Гостивар, како и на проектот за брз автобуски превоз на територијата на Градот Скопје.
Во областа на железничката инфраструктура се планира да почне проектот за изградба на железничката пруга Кичево – границата со Албанија, како и финансирање на трите фази на изградба и рехабилитација на источниот дел на железничката пруга – Коридор VIII, делот кон Бугарија.
Во областа на гасификација, изградбата на главните гасоводи, делница Скопје – Тетово, Гостивар – Кичево, изградбата на поврзувачки гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Косово, како и изградбата на поврзувачки гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Грција.
Во областа на креирањето на инфраструктура за собирање и третман на отпадните води и создавање на интегриран и финансиски одржлив систем за управување со отпад, кој ги исполнува барањата на ЕУ како важни капитални проекти што ќе се финансираат преку ИПА 2-програмата, во периодот 2020-2025 година се: Рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Град Скопје, проект за изградба на пречистителна станица за отпадни води и санација и проширување на канализациската мрежа во општина Тетово, санација и проширување на канализациската мрежа во општина Кичево, подготовка на проектна документација за подобрување на инфраструктурата за собирање и третман на отпадни води и водоводна мрежа во општина Арачиново.
Сите овие проекти ќе придонесат за побрз и постабилен економски раст по надминување на кризата со Ковид-19, која за 2021 година е предвидена да расте за 4,1%, по што, во 2022 година, се очекува раст од 4,6%, во 2023 година од 5,2%, во 2024 година од 5,6%, и во 2025 година од 5,9%. Проекцијата за 2025-2030 година е просечен економски раст од 5,75%“ додаваат од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.