Економија
Потребни се повеќе од 2.000 работници, аплицирале 370: Бочварски и Рустеми на саемот за вработување на „Бехтел и Енка“

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми денеска во Прилеп го отворија саемот за вработување во организација на „Бехтел и Енка“, како дел од процесот на ангажирање на домашни работници за реализација на проектот за изградба на автопатските делници на Коридор 8 и 10 – Д.
Тие ја потенцираа важноста од одржување на ваков тип на саеми, каде граѓаните ќе можат да се информираат за можностите за вработување понудени од светски реномирани градежни компании како „Бехтел и Енка“.
На саемот очекуваат интерес од стручни лица од повеќе области, градежни инженери, архитекти, работници, со цел што поголема ангажираност на домашна работна сила во реализација на овој најголем инфраструктурен проект во независна Македонија.
„Градежништвото во овој регион значи развој и ќе биде дополнителен мотор на економијата и за време на градбата на овие патишта, но од друга страна и по завршувањето на овој автопат ние ќе добиеме комплетно нова слика на овој регион, каде што ќе се отвораат нови работни места, ТИРЗ зоните ќе се раздвижат, компаниите ќе ги планираат своите бизниси овде, тоа е практично еден цел ланец кој што ќе придонесе да ги задржиме нашите граѓани во овој регион. Навистина ми е драго што по 32 години независност започнува изградбата на првиот автопат во Пелагонијата, но се гради и целиот друг дел од Коридорот 10-Д. Тука на саемот има понуди за секакви работни позиции и мене ќе ми биде драго доколку се вклучат што повеќе граѓани од Македонија, и во делот на градежништвото, но и во сите пропратни дејност“, изјави Бочварски.
Директорот на ЈПДП, Рустеми, истакна дека оваа година активно се работат сите капитални проекти и очекува рекордна реализација на капиталните инвестиции за 2023 година.
„Владата преку Министерството за транспорт и врски и преку Јавното претпријатие за државни патишта силно се залага патната инфраструктура да ја издигнеме до европските стандарди. Затоа оваа година имаме 480 милиони евра капитални инвестиции за патната инфраструктура, со што сите може да се увериме како работиме буквално во секој дел од државата. Ги градиме и рехабилитираме патните правци, се наоѓаме во силна градежна офанзива. Сакам да информирам дека до крајот на месец август имаме реализација од 60% од капиталните инвестиции, односно околу 300 милиони евра, а очекуваме до крајот на годината целосно да ги реализираме сите 480 милиони евра, што ќе биде историски потег на Владата“, истакна Рустеми.
„Оптимисти сме во однос на саемите, очекуваме голем интерес од граѓаните, бидејќи навистина станува збор за работни позиции кои опфаќаат повеќе области и многу различни профили. На нас ни се потребни повеќе од 2 илјади работници, а до сега имаме примено апликации од околу 370 работници, кои ќе ги прегледаме и уредно ќе ги информираме во однос на вработувањето. Исто така, до сега имаме ангажирано 37 македонски градежни компании кои ќе работат како подизведувачи на овој огромен проект. Продолжуваме со одржување на саемите за вработување, сакам да известам дека веќе од 20 септември ќе бидеме и во Велес, Кичево и Куманово“, изјави Џошуа Бејкер, директор на проектот и претставник од компанијата Бехтел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавен јавен повик за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство

Денеска е објавен Јавниот повик 08/2025 за доставување на барање за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка на рурален развој за 2025 година.
Поддршката е наменета за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство, со цел зачувување на руралните подрачја и промовирање на одржливо земјоделство.
Право на поддршка имаат земјоделски стопанства регистрирани согласно Законот за земјоделство и рурален развој во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Висина на поддршката:
• 100% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина еднаква или повисока од 700 метри;
• 60% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина пониска од 700 метри.
Услови за доделување:
• 1 вработено лице на 150 овци;
• 1 вработено лице на 100 кози;
• 1 вработено лице на 50 говеда, но не повеќе од 620.000 денари по вработено лице.
Задржување на истиот број вработени најмалку една година по исплатата.
Барањата со потребната документација потребно е да се поднесат најдоцна до 30.07.2025 година.
Економија
Божиновска: Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот

Македонија влегува во клучна фаза на трансформација на енергетскиот систем, земјата не само што вложува во стабилноста и модернизацијата на сопствената мрежа, туку стана активен играч во регионалното поврзување и енергетската интеграција, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Според неа, со новите интерконектори, стратешките трансформаторски станици и инвестициите во паметна енергетска инфраструктура, државата го поставува курсот кон енергетска независност и улога на регионален енергетски коридор.
Божиновска најави дека во следните денови официјално започнува изградбата на гасниот интерконектор со Грција.
„Интерконекторот е долг 68 километри, ќе пренесува не само природен гас, туку и водород, остварена e заштеда од 12 милиони евра и ќе биде изграден од македонска компанија – директна корист за домашната економија“, рече таа.
Во меѓувреме, додаде Божиновска, Македонија и Србија направија значаен исчекор кон ново енергетско поврзување – минатата недела се потпиша Меморандум за соработка меѓу НОМАГАС и Србијагас за изградба на интерконектор меѓу Клечовце и Врање, со вкупна должина од 70 километри, од кои 23 километри ќе бидат на македонска територија. Во рамки на проектот ќе се изградат и мерни станици од двете страни на границата. Студиите за изводливост и за влијание врз животната средина се веќе во тек, со поддршка од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
„Преку овие две стратешки поврзувања, Македонија се позиционира како нова транзитна точка за природен гас на релација Југ – Север, односно од ТАП гасоводот и ЛНГ терминалот во Александруполис кон Србија и Средна Европа, со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно. Ова е директна поддршка на енергетската диверзификација на целиот регион, со зголемена употреба на гас од различни извори“, рече таа.
Изградбата на 400/110 kV врската Охрид – Елбасан, пак, ќе го заокружи електроенергетското поврзување на Македонија со сите соседни држави – стратегиски проект за цел регион.
„Ова е новата сила на македонската енергетика. Со регионалните интерконектори, Македонија веќе не е само краен потрошувач – станува активен учесник во преносот и стабилноста на енергетиката во Југоисточна Европа. Ова е патот кон сигурна енергија, економска отпорност и стратешка позиција на енергетската карта на Балканот. Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот.“, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе учествува на 4. меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севилја

Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија.
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на Тркалезна маса „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), којашто под покровителство на Организацијата на Обединетите нации ќе се одржи во Севиља.
На Конференцијата, на којашто е најавено учество на педесетина шефови на држави и влади, министри, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен „Договорот од Севиља“.
Целта на лидерскиот собир е изнаоѓање на решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор.
Во рамки на посетата, предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а на средбата ќе присуствува и министерката Димитриеска -Кочоска.