Економија
По бурната расправа договорот CETА доби зелено светло во ЕП
Повеќето застапници во Европскиот парламент, во средата по бурната седница го поддржаа ратификувањето на договорот за слободна трговија на Европската унија со Канада, односно Сеопфатниот економски и трговски договор (Comprehensive Economic and Trade Agreement – CETА), меѓутоа решително спротиставување на договорот искажаа претставниците на Зелените, крајно левите и на крајно десните пратенички групи.
По тричасовната дебата, за CETA гласаа 480 пратеници, додека 245 изразија противење, а 33 беа воздржани, Поддршка на договорот дадоа три од четирите големи пратенички групи во Европскиот парламент, Европската народна партија (EPP), либералите ALDE и конзервативците ECR, додека дел од социјалдемократите S&D беа против.
Договорот CETA би требало да ја зголеми размената на услугите, стоките и вложувањата меѓу Канада и ЕУ и да ги укине речиси сите царини во трговијата меѓу двете странич.
Најжестоки противници на договорот се зелените, крајно левите и крајно десните пратеници, Противниците на CETА на гласањето дојдоа со транспарентите „Луѓето пред профитот. Да ја запреме CETA“.
Европската комесарка за трговија, Сесилија Малстром, за договорот рече дека „претставува голема економска и геополитичка шанса“, а на пратениците им порача дека во него „се наоѓа сето она што со години го бараа, од заштитата на работничките права до заштитата на природната околина“, ветувајќи дека ЕУ „нема да ги намали постојните стандарди“.
„Овој договор ќе ни овозможи да ја искористиме оваа економска и геополитичка шанса којашто ни се укажува. Ќе ја зајакнеме нашата заштита во социјална смисла и ќе покаже да трговијата и вредностите одат рака под рака“, рече Малстром и порача дека во неа нема ништо што некоја општина или земја би ја присилила на приватизација.
„Ние нема да ги намалиле стандардите, нема да ги казнуваме владите кои носат прописи кои ги штитат нивните граѓани. Она што постои, што сега е забрането, ќе биде и натаму забрането и оваа заедничка комисија нема да ги менува приписите“, додаде еврокомесарката за трговија.
„Имаат силен јавен сектор и навистина со нас сакаат да соработуваат за оваа глобализација да ја оформат (…) за да имаме силни меѓународни правила, како и за да се почитува мандатот кој го добивме од земјите членки во Европската комисија“, рече Малстром. За оцените на некои пратеници од пратеничката група Европа на слободата и демократијата кои договорот го нарекоа „прикриен државен удар“ рече дека „отидоа предалеку“.
Известителот на Европскиот парламент за CETA, Артис Пабрикс на почетокот од расправата рече дека „наместо протекционизам и стагнација, со усвојувањето на CETA избираме отвореност и економски раст“, нарекувајќи ја Канада „сојузник на кој може да се смета“. „CETA ќе биде светилник за идните трговски договори ширум светот“, додаде Пабрикс.
На крајот од расправата им се заблагодари на сите известители во смени на „квалитетниот догово“, и во кусото обраќање се наврти на „крајно десните и крајно левите пратеници кои во овој дом се обединети против сето она што е позитивно и добро за Европската унија“.
„Ако некој укинува работни места и им го одзема богатството на луѓето во Европа и ги поткопува самите темели на националните држави на ЕУ, погледајте ги овие радикали на двете страни, тие се виновни за тоа“, рече Пабрикс и ги повика пратениците да не ги слушаат „алтернативните факти одлево и десно“, туку правилно да гласаа. „Ова е вистинскиот глас за ЕУ и земјите членки“, порача Пабрикс.
Иако пратеникот на Зелените Јаник Жадот пред парламентарната група на Зелените го отфрли договорот оценувајќи го како продолжување на „процесот на дерегулација“, а протагонистите на преговорите ги обвини за врски со мултинационалните компании, неколку пратеници на Зелените го поддржаа договорот.
По ратификацијата во Европскиот парламент, треба да го ратификуваат и националните и регионалните парламенти на земјите членки на ЕУ, но неговата привремена примена ќе може да започне веќе во април годинава. Привремената примена ги исклучува спорните одредби, како онаа за арбитража за инвестициските спорови.
Преговорите за CETA се водеа од 2009 година, а завршија во август 2014 година. Договорот во октомври 016 година го потпишаа во името на ЕУ, претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Доналд Туск односно Жан-Клод Јункер, како и словачкиот премиер Роберт Фицо чијашто земја тогаш претседаваше со ЕУ. Од канадска страна договорот го потпиша премиерот Џастин Турдо кој во четврток треба да им се обрати на пратениците во Европскиот парламент.
CETA ќе укине околу 98 отсто од царините на стоки и услуги, а исто така, обезбедува и заемно признавање на сертификатите за низа производи. Канада ќе ги отвори своите пазари за јавни набавки на сојузно и на локално ниво, з да се осигури симетричен пристап на пазарот.
Во преговорите ЕУ тврди дека ја обезбедила заштитата за повеќе од 140 европски ознаки за заштитено географски потекло за храна и пијалаци кои се продаваат на канадскиот пазар. Во договор се вклучени одредби за одржливиот развој за да се зачуваат општествените и стандардите за заштита на природната околина и да се обезбеди трговијата и вложувањата да бидат од полза на двете страни, наведува Европскиот парламент.
За да се ублажат стравувањата на граѓаните дека договорот ќе им даде преголема моќ на мултинационалните компании и дека владите нема да можат со законите да ги штитат, на пример, здравјето и околината, ЕУ и Канада во преамбулата на договорот и во заедничка изјава им го признаваат правото на државите на законска регулација.
Постојаниот арбитражен суд, кој го предвидува CETA, ќе има 15 професионални судии кои ќе ги именуваат ЕУ и Канада. Сите расправи на тој суд ќе бидат јавни и ќе постои можност да се поднесуваат жалби.
CETA е првиот трговски договор кој ЕУ го склучува со една од земјите од групата индустриски најразвиени земји и најсилни светски економии Г7, и најдалекусежниот трговски договор кој ЕУ го случила досега.
Поборниците на договорот тврдат дека CETA ќе ја зголеми размената меѓу партнерите за 20 отсто и ќе го поттикне растот на двете економии. За Канада договорот е важен и поради тоа што ја намалува нејзината зависност од САД, кои се нејзиниот главен извозен пазар.
Противниците на договорот изразуваат стравувања дека им овозможува на мултинационалните компании да ги тужат државите членки на ЕУ пред меѓународните арбитражни судови кога владите ќе донесат одлуки во позла на интересите на домашните јавности, а на штета на тие компанија, па така ќе го заобиколуваат националните судови. CETA, сметаат критичарите, така би можела во името на профитот на големите компании да ги наруши стандардите на јавните услуги и заштитата на природната околина кои се повисоки во ЕУ.
Потпишувањето на договорот беше предвидено за 27-ми октомври лани, но беше одложено бидејќи недостасуваше согласноста од сите земји членки на Европската унија. Белгија не можеше да даде согласност поради противењето на франкофонскиот регион Валонија, кој бараше дополнителни гаранции за заштита на своите земјоделски производи и заштита од надмоќта на мултинационалните компании во можните инвестициски спорови со државите членки на ЕУ.
Разни граѓански здруженија во Холандија повикуваат на референдум, за граѓаните да одлучат дали парламентот ќе го ратификува договорот CETA. Со петицијата покрената во октомври 2015 година се собрани веќе 190.000 потписи од 300.000 потребни за распишување референдум. Организаторите на петицијата против CETA тврдат дека не се евроскептици, туку оти веруваат дека Европа мора да биде подемократична.
Доколку потребните 300.000 потписи бидат собрани, референдумот ќе биде организиран за неколку месеци, но сигурно не пред парламентарните избори предвидена за март 2017 година.
Противниците на договорот обединети во граѓанската иницијатива „STOP TTIP & CETA“ во понеделникот во Стразбур на Европскиот парламент му предадоа петиција против склучувањето на договорите, која собра повеќе од три милиона потписи на граѓани од сите земји од ЕУ.
Во средата противниците на договорот протестираа против ратификувањето пред зградата на Европскиот парламент, но и во чамците на каналот кој ја опкружува зградата на парламентот. Неколку стотици демонстранти носејќи транспаренти и извикувајќи пароли против договорот, го блокираа влезот во зградата, но немаше инциденти./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Спасовски: Со минимална плата од 600 евра ја штитиме егзистенцијата на граѓаните, прифатете го Законот
„Со континуираниот раст на минималната плата, државата го штити и вреднува трудот на работниците. Предлог-законот за минимална плата, во износ од 36.960 денари, претставува продолжение на континуираниот раст на минималната плата, што започна системски во 2017 година и кој во изминатите години значително го подобри животниот стандард на работниците со најниски примања“, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната комисиска расправа .
Тој посочи дека, и покрај законскиот механизам за усогласување на минималната плата со растот на просечната плата и трошоците за живот, реалноста покажува дека динамиката на поскапувањето ја надминува динамиката на законското усогласување.
„Најзасегнати од ова се граѓаните кај кои минималната плата е единствен извор на приход. Со овој закон предлагаме утврдената минимална плата од 36.960 денари со цел да се зачува реалниот животен стандард и да се обезбеди достоинствен надомест за трудот на сите работници“, додаде Спасовски.
Тој посчи дека дека средствата за спроведување на законот, предвидени во износ од 7,5 милијарди денари, ќе се обезбедат преку пренамена во рамките на постојниот буџет, без зголемување на дефицитот и без ново задолжување.
„Станува збор за одговорна и внимателно планирана пренамена која обезбедува високи примања на работниците, а при тоа ја зачувува и финансиската стабилност на државата. Минималната плата е показател на тоа колку едно општество го вреднува трудот на работниците. Таа е прашање на социјална правда, економска стабилност и човечко достоинство. Ако трошоците за живот растат, платите мора да го следат тој раст“, рече Спасовски.
Тој повика на единство во носењето на законот: Барам од сите колеги, без разлика на политичката припадност, да застанеме заедно во носењето на ова законско решение. Со тоа испраќаме порака дека го слушаме гласот на работниците и синдикатите и дека обезбедуваме егзистенција за граѓаните.
Економија
(Видео) Битиќи: Минималната плата од 600 евра не е привилегија, туку право на работниците
Зголемувањето на минималната плата на 600 евра не е никаков каприц, туку барање за социјална нормалност, а без оваа законска интервенција, оваа нормалност може да биде само политичка привилегија. Кога велиме 600 евра минимална плата, ние не велиме државата да продолжи да биде пасивен набљудувач и работите во економијата да се движат по инерција. Бараме платата да се зголеми, а Владата да си ја преземе одговорноста, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната комисиска расправа во Собранието за предлог-законот за зголемување на минималната плата.
Битиќи остро ја критикуваше Владата за продлабочувањето на сиромаштијата, слабата контрола врз цените и отсуството на вистински социјален дијалог околу минималната плата од 600 евра. Тој предупреди дека растот на трошоците директно ја нагризува куповната моќ на граѓаните.
„Оваа динамика ни кажува едноставно дека куповната моќ се јаде одвнатре, односно постои изразена тенденција сиромаштијата системски да е толерирана. Во овие услови, Владата нема право да зборува за одржливост кога се отвора темата за плати, а да молчи за сопствените институционални потфрлања што директно ја гушат економијата“, појасни Битиќи.
Тој посочи дека наместо да преземе одговорност, Владата го префрла товарот врз работниците и синдикатите.
„Се соочуваме со последователно множество на институционални слабости што го креваат стопанството на колена, а потоа Владата им држи лекција на работниците и фирмите да се договорат, праќајќи порака дека од нејзината страна нема простор за достоинствени плати.“, рече пратеникот на СДСМ.
Во однос на социјалниот дијалог, Битиќи беше дециден:
„Трошоците на живот растат, синдикатите бараат решение, а одговорот што го добиваат е одложување, игнорирање и политичка острина кон барањата на работниците. Во таква клима, социјалниот дијалог не се одржува, туку се задушува. 600 евра минимална плата е линија под која државата не смее да се повлече. Цените и трошоците веќе покажаа дека сегашните политики на Владата произведуваат работничка сиромаштија. Да не го оставаме работникот сам да се бори со инфлацијата и слабата контрола на државата. Достоинството не се одложува, туку мора да се гарантира.“, заклучи Фатмир Битиќи.
Економија
Скопскиот аеродром ја доби наградата за квалитет на аеродромските услуги „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми
Аеродромот во главниот град на Македонија ја добива наградата ASQ по 11-ти пат. Ова признание се базира целосно на повратните информации од патниците преку анкетата ASQ што ја пополнуваат додека чекаат да се качат во авион.
Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП и оваа година ја доби престижната награда за квалитет на аеродромските услуги (ASQ) за 2025-та година за „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми(ACI).
Наградата која скопскиот аеродром ја добива по 11 пат е уште едно признание од патниците во заминување кои што ги пополнуваа анкетите за задоволство од квалитетот на аеродромските услуги, преку кои се мерат клучните индикатори како што се ефикасноста на пријавувањето на патници и багаж (чекирањето), безбедносната проверка, снаоѓањето низ аеродромот, како и целокупната леснотија при движење низ аеродромот.
Ова континуирано меѓународно признание е уште еден доказ за посветеноста на вработените на аеродромот кон квалитетот на услугите, грижата за патниците и постојаното унапредување на стандардите во работењето. А наградата, која се темели на оценките од патниците, покажува дека скопскиот аеродром ги исполнува нивните очекувања.
„ Добивањето на наградата за квалитет на аеродромските услуги за патничко искуство за 2025 година, во категоријата Најпријатно аеродромско искуство во Европа од Меѓународниот совет на аеродроми е значајно достигнување за Меѓународниот Аеродром Скопје и ТАВ Македонија.
Признанието по 11-ти пат ја покажува конзистентноста на нашата оперативна извонредност и нашата постојана посветеност на квалитетни аеродромски услуги. Во 2025 година, исто така, достигнавме историски успех со тоа што услуживме рекордни над 3 милиони патници – што го прави ова достигнување уште позначајно.
Оваа награда, целосно заснована врз повратните информации од патниците преку програмата за квалитет на аеродромските услуги, го потврдува нашиот стратешки фокус на ефикасност, сигурност и патничко искуство.
Изразувам искрена благодарност на сите вработени, партнери и патници на Меѓународниот Аеродром Скопје. Во ТАВ Македонија, ние остануваме целосно посветени на обезбедување беспрекорно, висококвалитетно патување и континуирано подобрување на нашата работа“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Џастин Ербачи, генерален директор на ACI World, изјави:
„Добивањето на ASQ наградата за квалитет на аеродромските услуги од ACI ја потврдува континуираната посветеност на Меѓународниот Aеродром Скопје да ги слуша своите патници. Ова признание ја одразува вашата заложба за постојано унапредување и обезбедување исклучително патничко искуство за сите патници“.
Меѓународниот Aеродром Скопје припаѓа во ASQ панел од 20 аеродроми, во категоријата аеродроми во Европа со големина од 2 до 5 милиони патници годишно. Покрај Меѓународниот Aеродром Скопје, другите аеродроми во овој панел се аеродроми во Италија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Естонија како и уште два аеродроми управувани од ТАВ Аеродроми, аеродромот во Загреб и Тбилиси во Грузија.
Досега, за 2012, 2015, 2013 и 2018 Меѓународниот Аеродром Скопје ја доби ASQ наградата – Најдобар аеродром во Европа во големината до 2 милиони патници, додека за 2019, 2020, 2021, 2022, 2023 и 2024 аеродромот ја доби ASQ наградата, но во големина од 2 до 5 милиони патници годишно, врз основа на порастот на бројот на патници кој автоматски овозможи да се натпреварува со таа група на аеродроми во регионот на Европа.

