Економија
Прогнози на САД: Седум намирници чии цени најмногу ќе пораснат до крајот на годината

До крајот на годината се очекува поскапување на различни прехранбени производи, а американското Министерство за земјоделство во својата прогноза наведе за која храна станува збор.
Според Стејт департментот на САД, цените на храната во февруари 2022 година биле за 7,9% повисоки отколку во февруари 2021 година, а како главна причина за зголемувањето на цените се наведува конфликтот во Украина.
Поради пореметувања во синџирот на снабдување, но и климатските промени, подолу е списокот на храна која би можела да поскапи до крајот на годината.
Масти и масла – Се очекува мастите и маслата да поскапат за 6 до 7%. Свежо овошје – Се очекува поскапување од 5 до 6%.
Свеж зеленчук – Се очекува зголемување од 1 до 2%. Преработено овошје и зеленчук – Се очекува зголемување од 4,5 до 5,5%.
Шеќер и слатки – Се очекува поскапување од 3 до 4%. Житарици и пекарски производи – Се очекува зголемување од 3 до 4%.
Безалкохолни пијалоци – Се очекува поскапување од 3,5 до 4,5%.
Според „Business Insider“, една од главните причини за растот на цените е војната во Украина. Руската инвазија на Украина предизвика недостиг на ѓубрива, го наруши земјоделството ширум светот и доведе до пораст на цените.
Покрај војната, на нарушувањето на цената влијаеја и климатските промени. Имено, уште пред руската инвазија, влошената климатска криза го отежна снабдувањето со храна.
ОН претходно известија дека во текот на следните три децении „безбедноста на храната ќе биде сериозно загрозена доколку мерките за справување со климатските промени и ранливоста на системот за храна од климатските промени се преземат со мал или никаков обем.
Непредвидливите временски прилики можат да му наштетат на производството на храна. На пример, зголемувањето на температурата на морето и океаните го нарушува снабдувањето со риби и јастог, е посочено во анализите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Ребалансот на буџетот покажа дека Владата води катастрофална економска политика

Ребалансот на буџетот покажа дека Владата на СДСМ и ДУИ води катастрофална економска политика. Кризата со ребалансот на буџетот нема да се надмине, туку уште повеќе ќе се разгорува, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Од партијата потенцираат дека ребалансот на Буџетот предвидува кратење на капиталните инвестиции кои се основа на економските движења и се клучниот развоен дел од буџетот.
„Со ребалансот на буџетот власта на СДСМ и ДУИ покажува дека растот на економијата оваа година ќе биде најмалку 1,4% понизок од проектираното, што значи дека најмалку за толку ќе се зголеми долгот.
Патем и до сега долгот е исклучително висок и изнесува над 7 милијарди евра со тенденција до крајот на годината да изнесува над 8 милијарди евра или над 65% од БДП.
Проекциите за раст покажуваа дека и оваа година Македонија ќе има еден од најлошите економски резултати во регионот, што сето е резултат на погрешните и лоши економски политики на власта.
И на крајот кратењето на 200 милиони евра непродуктивни трошоци од буџетот, со кои СДСМ се обидува да се фали, се уште еден поразителен показател.
Ребаланс од кој секој би се срамел, СДСМ го слави. Ковачевски скроил буџет со стотици милиони евра непродуктивни трошоци во време на кризи, наместо истите уште од самиот старт да ги алоцира за потребите на стопанството и заштита на стандардот на граѓаните.
Доколку овие стотици милиони евра беа правилно искористени на почетокот на годината немаше да има 4000 компании кои се затворени и над 35% од граѓаните во ризик од сиромаштија“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
Маркоска: Ребалансот обезбедува заштеда од 200 милиони евра и повиоски плати, пратениците да го поддржат

Пратеничката од редовите на СДСМ, Даниела Маркоска, ги повика своите колеги во Собранието да го поддржат ребалансот на буџетот за оваа година, со кој, како што рече, се обезбедува заштеда од 200 милиони евра и повисоки плати.
Маркоска пред новинарите посочи дека овој ребаланс е важен затоа што со него во време на најголема светска економска криза се прават сериозни кратења во делот на расходите, а средствата се пренаменуваат за мерки за помош на граѓаните и компаниите.
„Заштедата од 200 милиони евра ќе се искористи за засилена заштита на животниот стандард на граѓаните, особено на ранливите категории, понатаму за финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите, но и за повеќе средства кон земјоделците со цел зголемено производство на храна. Преку навремени и ефикасни мерки се справуваме со последиците од глобалната економска криза, покажавме дека и во време на најголема светска економска криза платите и пензиите може да растат, трошоците да се намалуваат и стандардот на граѓаните да биде заштитен“, рече Маркоска.
СДСМ очекува во согласност со роковите ребалансот да се најде пред пратениците на матичната комисија, а потоа и на пленарна седница. Маркоска изрази очекување дека опозицијата, наместо со блокади и кочења, ќе придонесе со аргументирана дебата и конструктивност при носењето на ребалансот.
Економија
Битиќи на состанок со Кристин Мелсом: Северна Македонија е вистинска дестинација за норвешките инвеститори

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, одржа работен состанок со Кристин Мелсом, директорка на норвешкото Министерство за надворешни работи задолжена за Југоисточна Европа.
На состанокот беа присутни и Томас Холм Кнудсен, директор на инвестицискиот фонд на Норвешка, како и Бесим Зекири, претседател на управниот одбор на норвешката компанија „Нормак“, Аки Етеми, претседател на управниот одбор на „Нормак инвестмент груп“ и директорот на ТИРЗ – Тетово, Александар Зарков.
ТИРЗ – Тетово е првата индустриска зона со јавно-приватно партнерство, која успешно работи во земјата, и на состанокот беше искажано задоволство за успешната соработка во овие години.
Вицепремиерот Битиќи истакна дека партнерскиот однос ќе продолжи и во иднина заедно надминувајќи ги сите предизвици, кои можеби доаѓаат посочувајќи ја отвореноста за сите заинтересирани инвеститори што сакаат да инвестираат во земјата.
Директорката Мелсом упати отворена покана за бизнис-средба со потенцијални инвеститори и партнери во Норвешка, со цел продлабочување на соработката и развој на Северна Македонија.