Економија
Проектот за ветерен парк во Богданци, во вредност од 37,6 милиони евра, влегува во финална фаза на реализација

АД ЕСМ („Електрани на Северна Македонија“) и Siemens Gamesa Renewable Energy (SGRE) денес потпишаа клучни договори за реализација на проектот „Ветерен парк Богданци “ – втора фаза. Ова стратешко партнерство ќе го зголеми капацитетот на обновлива енергија и ќе ја зајакне енергетската независност на државата. Проширувањето на ветерниот парк претставува значајна инвестиција во енергетската инфраструктура на обновливи извори во Македонија. Договорите беа потпишани од страна на Лазо Узунчев, генерален директор на АД ЕСМ, и Стјепан Черкез од виенската канцеларија на SGRE.
Вкупната финансиска рамка изнесува 37,6 милиони евра. Оваа сума е обезбедена преку комбинација од поволен заем од развојната банка КфВ (25,7 милиони евра), грант од ЕУ преку Инвестицискиот рамковен фонд за Западен Балкан (ВБИФ) (приближно 8,9 милиони евра) и сопствени средства на АД ЕСМ во износ од 3 милиони евра. Ова е доказ дека Германија и Европската Унија се долгорочни стратешки партнери на Македонија на патот кон климатска неутралност и енергетска трансформација.
Втората фаза предвидува изградба на четири ветерни турбини, секоја со капацитет од 3,4 MW. Ова проширување значително ќе ја намали зависноста од увоз на електрична енергија и ќе ја зајакне стабилноста на енергетскиот систем на државата. Оваа инвестиција ќе го зголеми инсталираниот капацитет на ветерниот парк за дополнителни 15 MW, со очекувано годишно производство од 46 GWh електрична енергија, што е доволно за задоволување на потребите на речиси 6.000 домаќинства. Вкупно над 22.000 домаќинства ќе добијат посигурно и одржливо снабдување со електрична енергија.
„Овој проект претставува моќен симбол за она што можеме да го постигнеме преку стратешко партнерство, доверба и заедничка визија за позелена и поотпорна иднина. Тој ја зајакнува нашата национална посветеност кон забрзување на енергетската транзиција, зголемување на капацитетите за обновлива енергија и зајакнување на енергетската независност на нашата земја“, изјави Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини.
„Германија, ЕУ и Северна Македонија се обединети за одржлива и јаглеродно неутрална енергетска иднина: проширувањето на ветерниот парк во Богданци во соработка помеѓу германската развојна банка КфВ, ЕУ ВБИФ и ЕСМ е уште една илустрација на нашето континуирано силно партнерство. Енергијата од ветер се издвојува како една од најчистите енергетски извори поради нејзината нула емисиона работа и исклучително нискиот јаглероден отпечаток во целиот животен циклус“, рече Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Земјоделците се херои на денешницата, Владата останува посветена на нивната поддршка

На манифестацијата „Од нива до трпеза“, која денеска се одржува во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски упати јасна порака за поддршка на македонските земјоделци, нагласувајќи дека Владата силно се залага за развојот на земјоделскиот сектор и поддршка на оние кои го одржуваат аграрот жив.
„Македонија има потенцијал – и тоа не е празна фраза, туку фактичка состојба. Имаме сонце, имаме вода, имаме плодна почва, но најважно од сè – имаме луѓе. Луѓе кои не се плашат да станат рано наутро, да ги извалкаат рацете во кал, да работат до доцна навечер. Тие се тивките херои на нашето време. Тие се темелот на нашата економија, чуварите на традицијата и креаторите на иднината“, изјави премиерот.
Мицкоски подвлече дека земјоделството е еден од стратешките приоритети на Владата, наведувајќи дека во последните 11 месеци биле исплатени повеќе од 8 милијарди денари за субвенции и други форми на финансиска помош за земјоделците.
„Ова не се празни ветувања – ова се мерливи резултати. Тие говорат за нов пристап, нова енергија и визија со која сакаме да го издигнеме земјоделството, да ги поттикнеме младите генерации да се вклучат во овој сектор, и пред сè – да ја зајакнеме довербата кај секој земјоделец“, рече премиерот, апелирајќи до граѓаните да избираат македонски производи и со тоа директно да го поддржат домашното производство.
На манифестацијата учествуваат 25 општини од целата земја, претставувајќи уникатни традиционални производи како што се домашни вина, печива, мед и рачни изработки.
Настанот е во организација на здружението „Наша традиција, наша иднина“, со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Главната цел е да се истакне богатството на македонската традиционална храна и да се промовира руралниот туризам како ресурс со сериозен економски и културен потенцијал.
Економија
За четири дена доставени повеќе од 2.500 пријави за самовработување

Во салата на киното „Манаки“ во Битола денеска беа презентирани мерките од оперативниот план за вработување за 2025 година.
Пред голем број граѓани претставниците од Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото и Агенцијата за вработување ги презентираа мерките од оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемаштво), каде што јавните повици се објавени и сите заинтересирани може да се пријават до 20 јуни.
„Со мерките за самовработување на сите невработени лица им даваме финансиска поддршка за отворање сопствен бизнис, која се движи од 7.000 до 10.000 евра, а со здружување две лица од 14.000 до 20.000 евра. Имаме исклучително голем интерес за овој јавен повик и за само четири дена се пријавени повеќе од 2.500 лица. Ги повикувам сите лица што се заинтересирани да се пријават во кој било од 30-те центри за вработување при Агенцијата за вработување во државата“, рече заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Во рамките на јавните повици од мерката 1, „Поддршка за самовработување (претприемаштво)“, во тек се три јавни повици, со кои им се дава можност на повеќе од 1.700 лица да отворат сопствен бизнис и со нив се предвидени:
– финансиска поддршка во форма на грант до 7.000 евра за основање и почнување бизнис за лица постари од 29 години;
– финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра за основање и почнување бизнис за млади лица до 29 години;
– финансиска поддршка за здружување две лица во ДОО, каде што таа изнесува од 14.000 до 20.000 евра во зависност од целните групи.
Економија
Укинувањето на царините за стоките од САД не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, вели Стојанова

Со новите измени и дополнувања на Законот за царинските тарифи, Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата да се намалат царинските давачки на голем број суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија и во енергетиката, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Списокот со 70-ина производи, кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора, вклучува намалување до 50 % на царинските стапки што важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД. Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања“, рече таа.
Укинувањето на царините за стоките по потекло од Соединетите Американски Држави, пак, додаде Стојаноска, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот, со што директно ќе влијае на растот на економијата. Ова е само еден чекор од поширокиот план за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија“, рече Стојаноска.