Економија
Производителите на облека во очај: Сите купуваат само пижами, не може да се ослободиме од залихите
Европските и американските трговски синџири за облека не успеваат да се ослободат од залихите и ги намалуваат нарачките за пролетните колекции, а фабриките во Бангладеш залудно чекаат нарачки, затоа што во ковид-светот најголема е побарувачката на пижами.
Глобалната индустрија за облека само што започна да закрепнува од тешката 2020 година, кога пристигна нов удар – нов бран на ширење на вирусот и ограничувања од страна на владите кои се обидуваат да го запрат, но и нееднакви програми за вакцинација.
Некои брендови на облека сè уште не успеале да се ослободат од облеката од минатата година, што нормално би се потрошила за миг при првата распродажба. Британски „Прајмарк“ има на залиха колекција за пролет/лето 2020 во вредност од 150 милиони фунти и колекција вредна 200 милиони фунти за есен/зима.
Во консултантската фирма „Мекинси“, вредноста на непродадената облека во светот, во продавниците и магацините, се проценува на 140 до 160 милијарди евра, што е повеќе од двојно од нормалното ниво.
Британскиот „Маркс енд Спенсер“ и германскиот „Хуго Бос“ порачле помалку облека од вообичаеното за пролетната колекција годинава.
Здружението на производители и извозници на облека од Бангладеш спровело истражување во педесет фабрики при што е утврдено дека тие за оваа сезона добиле 30 проценти помалку порачки од вообичаеното, поради затворањето пред Божик во поголем дел од Европа. Нови проблеми пристигнале во јануари, при новите мерки за блокада.
„Нарачките обично пристигнуваат три месеци однапред. Но, нарачките за март не пристигнаа“, вели сопственикот на фабрика Шахидула Азим, чии клиенти се трговци од Северна Америка и Европа.
„Работиме со 25 проценти од капацитетот. Имам неколку нарачки за фабриката да работи во февруари, но по тоа не се знае каква ќе ни биде иднината. Тешко е да се каже како ќе преживееме“, додава Азим.
Поради сето ова се поставува прашањето дали има некоја светла точка во ваква ситуација? Некаков вид утеха за производителите донесе популарноста на пижамите за време на карантинот.
„Ако сакате да знаете што е хит во Велика Британија – пижамите се вратија во мода“, рече во јануари извршниот директор на „Маркс енд Спенсер“, Стив Роу.
„Хуго Бос“ алудираше на истиот феномен намалувајќи ја понудата на класична деловна облека, а проширувајќи ја онаа за дома и за во слободно време.
За производителите, ова е мала утеха.
„Побарувачката за пижами никогаш не била поголема, но не можеме сите да правиме пижами“, вели Азим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)

