Економија
Прометот кај домашните е-трговци пораснал за 135 проценти во 2020 година

Од започнувањето на пандeмијата со Ковид-19 е-трговијата на глобално ниво забележува значително забрзан раст. И во Република Северна Македонија се забележува значителен раст во бројот и вредноста на реализирани онлајн трансакции и тоа најмногу во трансакциите реализирани со домашни картички кон домашни е-трговци, покажала платежната статистика на Народна банка.
Согласно последните објавени податоци од таму, растот на вредноста на реализирани онлајн трансакции кон домашни интернет-продажни места изнесува 135% во 2020 споредено со 2019 година. Во 2020 година реализирани се 178 милиони евра кон домашните е-трговци, од кои 6% или 11 милиони евра се направени со странски картички, додека во 2019 вредноста на реализираните трансакции кон домашните е-трговци изнесувала 75 милиони евра.
Што се однесува до вредноста на реализирани трансакции со домашни картички кон странски е-трговци, истата бележи пад од 54% во 2020 година споредено со 2019 година или во апсолутен износ реализирани се 62 милиони евра во 2020, наспроти 135 милиони евра во 2019 година. Секако, ова е очекувано со оглед на пандемијата и рестрикциите за патувања. Оттука, падот на трансакциите направени кон странски е-трговци во најголема мера може да се каже дека се должи на авиобилети, хотелски сметувања и слично, анализираат надлежните.
Што се однесува до бројот на трансакциите, во текот на 2020 година реализирани биле вкупно 10 милиони онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 6,7 милиони во текот на 2019 година, што претставува пораст од 50,1%.
Доколку се погледне вкупната вредност на трансакциите, во 2020 година, Македонците потрошиле 229,5 милиони евра онлајн кон домашни и странски онлајн трговци.
Притоа промена има и во структурата на реализираните трансакции и сè повеќе се купува од домашни е-трговци. Споредено со 2019 година кога вкупната вредност на реализирани онлајн трансакции од Македонците изнесуваше 169 милиони, растот во 2020 не е значително поголем споредено со растот од претходните години, односно изнесува 35.6%. Меѓутоа, се забележува значајна промена во структурата на реализирани трансакции во 2020 година, односно ако во 2019 од вкупно потрошената вредност само 41% отпаѓаше на домашните е-трговци, во 2020 година кога 73% од вредноста на онлајн трансакциите е реализирана кон домашни е-трговци, сликата е сосема поинаква, упатуваат надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Пандемијата го измени списокот на десетте најголеми економии во светот, една земја отпадна

Пандемијата од Ковид-19 го разниша рангот на најголемите економии во светот, туркајќи многу земји во најлоша економска рецесија во поновата историја.
САД, Кина, Јапонија и Германија и нaтаму се рангираат во првите четири како најголеми економии во светот, додека некои економии напредуваа или паднаа на ранг-листата како резултат на пандемијата, а една земја излезе од листата на првите 10 економии, според анализата на СНБС.
Овој американски медиум ги спореди земјите во однос на номиналниот бруто-домашен производ од 2019 година, изразен во долари, со проценките на БДП за минатата година од извештајот на ММФ.
Соединетите Американски Држави ја задржаа водечката позиција на списокот на топ 10 економии во светот, при што номиналниот БДП падна минатата година на 20,9 трилиони долари од 21,4 трилиони долари претходната година.
Наспроти ова, второпласираната Кина минатата година забележа номинален БДП на 14,7 трилиони долари од 14,3 трилиони долари една година порано.
Јапонија остана трета по големина економија во светот во 2020 година со БДП проценет на 5,0 трилиони долари (5,1 трилиони долари во 2019 година), додека Германија се најде на четвртото место чија економија задржа вредност од 3,8 трилиони долари.
Индија, петта по големина економија во светот во 2019 година, минатата година падна на шестото место, зад Велика Британија, иако споредбените податоци покажуваат дека БДП на двете земји паднал од нивото од 2,8 трилиони долари пред две години на 2,7 трилиони долари минатата година.
Седмата позиција сè уште ја држи Франција со номинален БДП од речиси 2,6 трилиони американски долари (2,7 трилиони долари во 2019 година), а осмата е Италија со вредност на економијата од приближно 1,9 трилиони долари во 2019 година).
Бразил, кој беше деветта по големина глобална економија во 2019 година, испадна од првите десет, препуштајќи ѝ го местото на Канада, чиј БДП минатата година беше проценет на 1,6 трилиони долари (1,7 трилиони милијарди минатата година), и е рангиран на 10-то место од најмоќните.
Економија
Мицкоски со земјоделците од Арачиново и Гази Баба: Власта со години не им ги исплаќа средствата за обесштетување

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со претседателот на Комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски, остварија средба со претставници на иницијативниот одбор на земјоделците од Арачиново и Гази Баба, кои беа погодени од невремето во изминатите години.
Претставниците на земјоделците го информирале Мицкоски дека обесштетувањата уште не им се исплатени иако поминал подолг период.
Тие потенцирале дека се работи за речиси 250 семејства, чија примарна дејност е земјоделството и нивната егзистенција е нарушена.
Претседателот Мицкоски истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ им стои на располагање доколку треба да се донесе одредено законско решение пратениците тоа да го предложат, односно да го изгласаат, стои во писмениот допис од ВМРО-ДПМНЕ.
Од страна на Мицкоски беше посочено дека е безобразие ова што власта ги влече со години и не им ги исплаќа средствата на име обесштетување и дека за тоа треба да има одговорност, информираат од опозициската партија.
Економија
Заев: Преку иновативни решенија Владата вложува во развојна економија

Премиерот Зоран Заев, обраќајќи се на панел-дискусијата на тема: „Со инвестиции во иновации до одржлив економски раст“, во организација на Фондот за иновации и технолошки развој, а по повод 21 Април, Светскиот ден на креативноста и иновативноста, истакна дека со иновативноста и креативноста се надминуваат предизвиците од минатото и сегашноста и се создаваат промени за подобро утре.
„Посветеноста на компаниите за постојан развој базиран на трансфер на знаење и на унапредување на сопствените технолошки процеси низ иновативни решенија придонесува поквалитетни и поконкурентни производи и услуги, создавање нови работни места и економски раст и развој на секоја компанија одделно. Стремејќи и остварувајќи ги овие цели, вие учествувате и со подобрувањето на бизнис-климата во земјата и за создавање услови за развој на конкурентските капацитети на компаниите за да бидат покомпетентни и на европскиот и на светскиот пазар. Во оваа насока улогата на Фондот за иновации и технолошки развој како кредибилен партнер за поддршка на иницијативите на компаниите е веќе сериозно препознаен“, истакна Заев.
На настанот беше потенциран успехот што го бележи ФИТР во изминатите неколку години преку поддршка на повеќе од 550 компании. Претставниците на иновативните компании, кои беа дел од дискусијата, се осврнаа на тоа колку за нив била важна поддршката од ФИТР не само во финансиска смисла туку и во целиот процес, од идеја до реализација. Заклучокот беше дека за успешни компании со конкурентни и иновативни продукти неопходна е поддршката од Владата, но и партнерскиот однос помеѓу компаниите, особено при промоција надвор од границите на нашата држава.
На јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст, кој воедно е дел од петтиот пакет антикризни мерки, како што беше потенцирано, пристигнале дури 706 апликации, од кои 540 се од компании што аплицираат првпат, а 207 се стартап-компании.
За довербата во програмите на Фондот за иновации и технолошки развој и на економските политики на Владата говори и фактот што компаниите што аплицирале се подготвени да учествуваат со свој дел и сите заедно се подготвени да инвестираат околу 27 милиони евра сопствени средства.
Овој јавен повик следува по јавниот повик на ФИТР за поддршка на компаниите за брзо приспособување и надминување на последиците од Ковид-19, што беше дел од третиот пакет антикризни мерки.
За 2021 година, ФИТР ќе објави јавни повици за финансирање преку повеќе финансиски инструменти во износ од 17,5 милиони евра. Од портфолиото на Фондот во тек е реализацијата на проекти од 550 компании во вкупна вредност од 77 милиони евра, беше истакнато од страна на надлежните.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Регион6 дена
„Фајзер“, „спутник В“ или „Синофарм“ – истражување во Србија покажа која вакцина штити најбргу
- Економија3 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Црна хроника3 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?