Економија
Развојната банка повлече 18 милиони евра за мали и средни компании од заемот од Европската инвестициска банка

Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје, денес, ги повлече третата и четвртата транша во износ од 18 милиони евра за мали и средни компании од заемот од Европската инвестициска банка. Со овие транши се обезбедува поддршка на 45 проекти на домашни мали и средни компании и средно пазарнокапитализирани компании, кои ќе вработат нови 145 лица, информираат надлежните.
Од траншата најголем дел на средствата е наменет за компании во сегментот на трговијата и производството (14,7 милиони евра). Компаниите ги користат средствата од кредитната линија преку матичните комерцијални банки за заеми за тековни средства, со каматна стапка до 1,6 %.
Досега од кредитната линија ЕИБ 6 повлечени се вкупно 77,1 милиони евра за 227 компании, кои ќе вработат нови 608 лица.
Со овој заем, што РБСМ го склучи со ЕИБ во 2021 година, се обезбедија 100 милиони евра по поволни услови како директна поддршка на малите и средните компании и средно пазарнокапитализираните компании. Преку заемот се поддржуваат домашни компании од трудоинтензивните дејности, како производство, туризам и услуги, за брзо закрепнување од пандемијата на Ковид-19. Заемот од ЕИБ ќе им помогне на компаниите да обезбедат континуитет на деловните процеси и задржување на работните места, а истовремено да ја зголемат својата продуктивност и да ги прошират деловните активности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Твитер“ казнет со 150 милиони долари во тужба за заштита на приватноста

Американската компанија „Твитер“ се согласи да плати 150 милиони долари на тужба против таа социјална мрежа за заштита на приватноста, објави Федералната трговска комисија (ФТЦ). Социјалната мрежа ги прекрши регулативите на ФТЦ со тоа што ги измами корисниците до степен до кој „Твитер“ ги одржува и ги штити безбедноста и приватноста на своите информации за контакт на корисниците“, соопшти американското Министерство за правда (DoJ).
Во тужбата, поднесена пред судот во Калифорнија, се вели дека компанијата им кажала на корисниците дека собира лични информации за безбедносни цели на сметката, но не открива дека податоците ќе се користат и за насочено рекламирање. Во тужбата се наведува дека овие наводни прекршувања се случиле од мај 2013 до септември 2019 година.
Во тужбата исто така се наведува дека компанијата лажно тврдела дека нејзиниот бизнис е во согласност со регулативите на ЕУ и САД, како и со Швајцарија и САД, кои им забрануваат на компаниите да обработуваат кориснички податоци на начин што не го одобруваат корисниците, соопшти Министерството за правда.
Економија
Германскиот министер за енергетика: Г7 ќе го води патот до прекин на употребата на јаглен

Германскиот министер за енергетика и клима, Роберт Хабек, денеска изјави дека групата Г7 ќе го води патот кон ставање крај на употребата на јаглен.
Високите претставници на Г7 одржуваат тридневен состанок во Берлин, на кој ќе се обидат да се договорат за заедничките цели, а тоа е исклучување на фосилните горива и движење кон обновливите извори на енергија за која научниците велат дека е итно потребна за да се запрат климатските промени.
„Она што во моментот го гледаме како решение е да се забрза трансформацијата на животната средина“, рече Роберт Хабек, пренесе „Танјуг“.
Економија
Светската банка: Војната во Украина може да доведе до глобална рецесија

Шефот на Светската банка предупреди дека руската инвазија на Украина може да доведе до глобална рецесија со оглед на зголемените цени на храната, енергијата и ѓубривата.
Малпас наведува дека многу европски земји сè уште се премногу зависни од руските енергија, гас и нафта. Тој рече дека руското нарушување на снабдувањето со гас може да предизвика значително забавување на економската активност во регионот.
Тој додава дека повисоките цени на енергијата веќе се одразуваат на германската економија, една од најголемите во светот.
Русија и Украина се меѓу најголемите производители на ѓубрива и храна. Малпас, кој вчера зборуваше во САД, рече дека земјите во развој веќе чувствуваат недостиг, пренесуваат светските агенции.