Економија
Ристески: Откупот е во хаос, тутунарите се принудени да го даваат својот тутун по најниска цена
Тутунарите се принудени да го даваат својот тутун по најниска откупна цена во последните 15 години, изјави Петар Ристески, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека поради тоталната негрижа и неспособност на Владата предводена од СДСМ и катастрофалната состојба со откупот на тутунот, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднела информација до Собранието со цел подетаљно запознавање на јавноста и решавање на овој проблем со кој се соочуваат тутунарите.
„Состојбата со откупот на тутунот во моментот е крајно драматична и срамна. Откупот е во хаос, а тутунарите се принудени да го даваат својот тутун за рекордно најниската откупна цена по 2005 година. Повторувам, откупната цена во моментот буквално е најниската цена за откуп на тутун во последните 15 години. Срамно, жално и безобразно. Исто така, наместо навремен и регулиран пазар, постои безредие, наместо добар почеток на предоткупот, се соочуваме со слаба динамика во преземањето на производството, наместо исполнување на ветувањата дадени лично од Зоран Заев, повторно лаги и непочитување на договореното на одржаните состаноци. Наместо достоинствена откупна цена, сè уште имаме неприфатливо ниска просечна откупна цена, со што и понатаму се потценува трудот на тутунарите и се гази врз нивното достоинство“, рече Ристески.
Тој обвини дека тутунарите се соочуваат со егзистенционален проблем, а власта мува не ја лази и не нуди никакви конкретни решенија.
ВМРО-ДПМНЕ бара итна владина седница, на која ќе бидат усвоени следните мерки: зголемување на субвенцијата за тутун 100 %, државата да интервенира со обезбедување дополнителни финансиски средства потребни за откуп на произведената количина тутун останат без договори, да ги насочи кон Тутунскиот комбинат – Прилеп, кој ќе биде задолжен да го реализира откупот на недоговореното производство на ориентален тутун до последен лист, потоа во итна постапка да се изврши измена на Законот за тутунот и тутунските производи, со која ќе се врати старото законско решение, односно ќе се забрани увоз на тутун за домашните преработувачки капацитети, со единствена цел да се преработува ориентален тутун од домашно производство.
ВМРО-ДПМНЕ бара и ревидирање на мострите на ориентален тутун и инспекторите од Државниот земјоделски инспекторат секојдневно да бидат распоредени на откупните места за да ги контролираат процесот и текот на откупот заедно со поверениците поставени за заштита на интересите на тутунопроизводителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

