Економија
Русија: Гасоводот до Германија ќе биде готов до крајот на годинава

Изградбата на гасоводот „Северен тек 2“ ќе заврши до крајот на годинава, изјави рускиот вицепремиер Александар Новак.
„Тековните работи ќе бидат завршени до крајот на годината и проектот ќе биде ставен во погон“, рече Новак за телевизијата „Русија 1“
„Северен тек 2“ е меѓународен проект за изградба на гасовод што ќе се протега од рускиот брег до Германија преку Балтичко Море, заобиколувајќи ги транзитните земји како што се Украина, Белорусија, Полска и источноевропските и балтичките држави.
Новиот гасовод, долг 1,23 илјади километри, кој практично ја следи истата рута како „Северен тек“, минува низ економските зони и територијалните води на Русија, Финска, Шведска, Данска и Германија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Тренчевска за предлог-законот за работни односи: Целта е да креираме законско решение со точни и прецизни одредби

Во Клубот на пратениците денеска се одржа јавна расправа за новиот предлог-закон за работни односи, на која од страна на претставниците на Министерството за труд и социјална политика беа презентирани клучните новини во новото предлог законско решение, пред претставниците на Адвокатската комора, адвокати, судии, јавни обвинители, професори и експерти по трудово право, претставници на здружението на млади правници и на здружението на трудово и социјално право, како и претставници на Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување на Северна Македонија.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, упати на важноста на оваа јавна расправа и можноста да се слушне мислењето на судиите и адвокатите, кои го применуваат законот, како и на професорите теоретичари на трудовото право, а во насока на креирање квалитетно законско решение и негова успешна имплементација.
„Целта е да креираме законско решение, кое ќе содржи точни и прецизни одредби и нема да остави простор за исти прашања да има разни толкувања. Носиме системско решение, кое ќе одговори на потребите на современото општество“, истакна Тренчевска.
Некои од новините со предлог-законот за работни односи се времетраењето на договорите на определено време, односно од досегашните пет години се скратува на две години и обновување на договорите трипати во рок од две години. Промена има и кај договорите за вработување на определено време за вршење сезонски работи и можноста работодавецот да ги плаќа придонесите на сезонскиот работник сите 12 месеци, со обврска дека работникот и следната сезона ќе работи за истиот работодавец. Работниците на неполно работно време, во однос на правата и обврските од работниот однос, се изедначуваат со работниците на полно работно време, освен кај платата и надоместоците од плата, кои се пропорционални со работните часови на работникот.
Се воведува и работата од далечина како одговор на потребите што произлегуваат од развојот на дигитализацијата и искуствата со ковид-кризата.
На јавната расправа се дебатира и за колективните договори и нивното важење, како и постапувањето на Државниот инспекторат на труд, кој како контролен орган го врши надзорот над примената на законските прописи.
Присутните на јавната расправа го поздравија носењето нов закон за работни односи, кој, како што беше посочено, воведува нови правни институти, кои нема да остават правни празнини и дилеми во неговото толкување и имплементација, а истовремено има усогласеност со меѓународни инструменти.
Јавните расправи продолжуваат и во текот на февруари по што ќе биде дебатиран и на Економско-социјалниот совет пред да се предложи за усвојување од страна на Владата на Република Северна Македонија и негово влегување во собраниска процедура.
Економија
Се намалуваат цените на горивата

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,08 % во однос на одлуката од 30.1.2023 година.
Малопродажната цена на „евродизелот (Д-Е V)“ се намалува 2,50 денара/л, а малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува 2,00 денара/л.
Малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ и на „мазутот М-1 НС“ не се менуваат.
Од 2.2.2023 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– моторен бензин „евросупер БС-95“ – 84,00 (денари/литар)
– моторен бензин „евросупер БС-98“ – 86,00 (денари/литар)
– дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 82,00 (денара/литар)
– масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 80,50 (денари/литар)
– „мазут М-1 НС“ – 41,346 (денар/килограм)
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,648 %, кај дизелот 4,145 %, кај екстра-лесното масло 4,165 % и кај мазутот зголемување од 0,451 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,131 %.
Економија
Васко Ковачевски: АД ЕСМ успешно ја менаџира енергетската криза, реалноста ги демантира сите црни сценарија

„АД ЕСМ успеа значајно да го зголеми производството на електрична енергија и тоа сега достигнува и над 21.000 MWh дневно. Со наше домашно сопствено производство ги задоволуваме потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, но и количините за дополнителните снабдувања доделени на ЕСМ со одлука на Владата како антикризна мерка“, порача генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, на панелот посветен на теми од енергетиката на конференцијата што се одржа по повод една година од работењето на Владата.
„Целата јавност знае дека електраните со кои располага АД ЕСМ се стари по 40, 50 и 60 години, дека нивната амортизација е голема и производството на електрична енергија се одвива преку нивно постојано и континуирано санирање и одржување. Неинвестирањето во нови електрани во изминатите 30 години од страна на сите политички елити е нешто што не можеме да го вратиме назад, но со забрзано темпо и големи чекори можеме да надоместиме дел од изгубеното во минатото. Ние како раководство во изминатите години направивме капитални ремонти во РЕК ‘Битола’, кои не беа направени подолго време, вложивме средства и време и работа сè со цел да ги зајакнеме, да ги направиме поиздржливи и посигурни во производниот процес. Ги рехабилитираме и хидроелектраните. Но, нивната старост како постојки изградени во едно далечно минато ние не можеме да ја смениме. АД ЕСМ некаде од 2019 година почна да ги спроведува проектите од енергетската транзиција, односно енергетската трансформација. Сите наши активности беа во склад со усвоената стратегија за енергетика до 2040 година и со движењето кон зеленото сценарио. Но, додека ги поставувавме проектите и ги спроведуваме, а некои и успеавме да ги изградиме, се случи енергетската криза“, рече Ковачевски.
Сепак, во тек e реализација на 12 проекти од страна на АД ЕСМ, кои ќе донесат инсталирана моќност од 1760MW, што е повеќе од постојната инсталирана моќност на сегашните капацитети на ЕСM, од 1420MW.
„Што се однесува до енергентите јаглен и мазут, тоа се енергентите што во моментот нам ни овозможуваат базна енергија како држава. Додека ние не ги изградиме гасните електрани во РЕК ‘Битола’, и додека не го изградиме ‘Чебрен’ како реверзибилна хидроелектрана и додека не се воведат масовно батериски системи за обновливите извори, ние ќе мораме да се потпираме на јаглен и мазут. И ние како АД ЕСМ, и Владата и сите други надлежни институции работиме во правец на зеленото сценарио и во однос на регулативата и во однос на активностите на терен“, рече Ковачевски.