Економија
Светска банка прогнозира рецесија од -0,4 до најмногу -2 отсто годинава
Економската активност во земјава годинава ќе се намали за -0,4% споредено со лани и тоа во најоптимистичкото сценарио што го објави Светската банка во својот извештај. Оваа прогноза претпоставува дека пандемијата со коронавирусот ќе се смири до јуни.Но, доколку трае цела година, тогаш Светска банка проценува дека падот на бруто-домашниот производ годинава ќе надмине -2%.
Краткорочната перспектива, слично на другите земји во регионот, е негативна поради кризата поврзана со Ковид-19, која ќе предизвика рецесија во 2020 година.
Пандемијата и мерките за ограничување на дрижењето ќе влијаат врз економијата како на страна на побарувачката така и на страната на понудата. Ако епидемијата и рестриктивните мерки на национално и глобално ниво продолжат и во вториот квартал, рецесијата ќе биде потешка и ќе ги елиминира подобрувањата на пазарот на трудот од последните години и ќе ја продлабочи фискалната ранливост“, пишува во најновиот извештај на Светската банка.
Споредено со земјите од регионот, прогнозата за македонската економија е најоптимистичка. Првото сценарио кое засега го зема предвид Светската банка, превдиува пад на економијата од дури -6,2%, Бугарија -3,7%, Босна и Херцеговина -1,9%, Косово -1,6%, Црна Гора -1,5%, Албанија -1,3%, Србија -0,5%.
Од Светската банка анализираат дека економските и социјалните мерки за ублажување на влијанието од кризата ќе бидат приоритетни додека пандемијата не се стави под контрола, но во периодот на закрепнување по рецесијата ќе бидат потребни дополнителни фискални реформи, реформи во конкурентноста и во управувањето со јавите политики за одржливо забрзување на економскиот раст.
„Светската банка ја финализира програмата на активности за да ѝ помогне на Северна Македонија да се справи и да го намали влијанието од кризата, што вклучува и нов брз проект како одговор на итните приоритети во здравствениот сектор, но и за заштита на приходите на домаќинствата, како и реструктуирање на веќе одобрени проекти за мобилизирање на средства за поддршка на малите и средни претпријатија. Се очекува овие програми да изнесуваат околу 140 милиони евра“, велат од оваа меѓународна финансиска институција.
Првичната прогноза на Светската банка за македонската економија пред да се појави пандемијата со коронавирусот беше раст од 3,2%.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

