Економија
Северна Македонија со најголема реализација на препораките за економски реформи од ЕУ

Министерката за финансии, Нина Ангеловска, и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, учествуваа на редовниот годишен Економски и финансиски дијалог помеѓу Европската Унија и Западен Балкан и Турција, кој се одржуваше онлајн.
Како што информираат од Министерството за финансии, на него било посочено дека Република Северна Македонија годинава е најдобра во регионот во однос на препораките на Европска комисија од Програмата за економски реформи за периодот од мај 2019 до јануари 2020 година, кои се однесуваат на реформски мерки за јакнење на финансиската стабилност и креирање работни места.
Исто така, Европската комисија позитивно ги оценила македонските политики за справување со корона-кризата.
„Последниве три години Република Северна Македонија е меѓу првите земји во регионот во спроведувањето на економските мерки во согласност со препораките дадени од Европската комисија во рамките на Економскиот и финансиски дијалог“, било посочено во рамките на дебатата.
Министерската за финансии, Ангеловска, која го координира процесот на подготовка на економските мерки во Програмата, посочила дека има релативно добар напредок во мерките.
„Добра реализација има во реформите во поглед на социјалната заштита, како и спроведувањето на мерката за младинска гаранција. Исто така, се преземаат напори за справување со најгорливиот проблем, сивата економија, за која Министерството за финансии изготви акциски план“, нагласила Ангеловска.
Министерката за финансии истакнала и дека досега земјава има донесено три сета мерки во однос на корона-кризата – два за премостување на кризата, насочени кон даночни ослободувања, финансиска поддршка за зачувување на работните места, ликвидносни инјекции и регулаторни мерки и третиот, кој е насочен кон поддршка на потрошувачката и на стопанството преку низа мерки.
Било нагласено и дека Народната банка е директно вклучена во спроведувањето на неколку од минатогодишните препораки од Програмата за економски реформи, кои доминантно се насочени кон натамошно зајакнување на финансиската стабилност.
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска посочила дека препораките во рамките на дијалогот со ЕУ имаат значајна улога во зајакнувањето на економските фундаменти и дека Народната банка ќе продолжи посветено да работи на спроведување на препораките од Програмата за економски реформи за наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.