Економија
Се зголемува цената на бензините
Малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат 0,50 денари/литар.
Малопродажната цена на „евродизелот“ (Д-Е V) не се менува и останува на исто ниво како што била утврдена со одлуката за утврдување највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 28.6.2021 година.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,567 ден./кг и сега ќе изнесува 37,719 ден./кг.
Од 6.7.2021 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин „евросупер БС-95“ – 71,50 (денар/литар)
Моторен бензин „евросупер БС-98“ – 73,50 (денари/литар)
Дизел-гориво „евродизел БС“ (Д-Е V) – 63,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 63,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 37,719 (денари/килограм)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Цветков: Додека власта си дели тендери, нема пари за поголема минимална плата
Пратеникот на СДСМ, Борче Цветков, на денешната собраниска седница упати прашање до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кое се однесуваше на минималната плата и дека, власта нема пари за нејзино зголемување, додека истовремено, како што рече, продолжува да си дели тендери.
„Во изминатиот период сме сведоци на континуиран раст на цените на основните животни производи. Храната поскапува, сметките растат, а инфлацијата директно го јаде и она малку што работниците го добиваат на крајот на месецот.
Во такви услови минималната плата не расте со исто темпо, туку заостанува, оставајќи илјадници семејства во постојана финансиска неизвесност.
Семејниот буџет на работникот е на минимум, а притисокот од сè поголемиот раст на цените е огромен. Денес ниту три минимални плати не се доволни за покривање на основните животни потреби.
Инфлацијата од 4,1 проценти и вртоглавиот раст на цените го загрозуваат животниот стандард. Платите постојано стојат во место, а Владата упорно тврди дека нема финансиски простор за нивно зголемување.
Денес зборуваме за минималната плата како единствен приход за десетици илјади граѓани во оваа држава. Зборуваме за плата од која треба да се платат кирија или кредит, сметки за струја и греење, храна, лекови, училишни потреби и превоз.
И кога сето тоа ќе се собере, станува јасно дека минималната плата одамна не обезбедува ниту минимум достоинство“.
Постојано зборувате, додаде тој, за економски раст, за стабилни индикатори и за успешни политики, но прашањето, како што рече е, за кого е тој раст.
„Секако не е за работникот кој живее од минимална плата. За него секој нов месец е нова борба дали да купи храна или да плати сметки. Тоа, министре, не е економска стабилност, тоа е сиромаштија.
Потрошувачката кошница јасно покажува дека минималната плата не ги покрива ни основните потреби. Покрај тоа, вашето министерство, кое вие го водите, нема понудено јасен план како минималната плата ќе се усогласи со реалните трошоци за живот.
Почитувани, економијата не се мери во број на тендери, туку во квалитетот на животот на граѓаните, односно на работниците. А, денес квалитетот на животот на работниците е на самото дно.
Држава во која работник што работи полно работно време не може да живее од својата плата е држава која потфрлила во својата основна социјална функција“.
Според него, барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра, како и 100 евра зголемување во останатите сектори, е оправдано и неопходно.
„Ние, како опозиција, целосно ги поддржуваме барањата на работниците и Сојузот на синдикатите. Секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Оттука и моето прашање до вас, министре:
Дали ќе поддржите суштинско зголемување на минималната плата, односно дали ќе го поддржите барањето на работниците и ќе ја зголемите минималната плата на 600 евра, како и 100 евра за останатите“, праша пратеникот.
Економија
Мицкоски: Понудивме зголемување на платите на административните службеници за околу 40 проценти, ССМ го одбија покачувањето
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање на денешната собраниска седница, вели дека на вчерашниот протест на ССМ се изнесени многу лаги и невистини, бидејќи како што рече тој, до ССМ понудиле покачување на платата на административните службеници 8 проценти до 2028 година, со што истата ќе порасне од прилика од околу 40 проценти, додека пак во однос на минималната плата истакна дека таа согласно закон ќе порасне во март со платата во април, но кога ќе постигнат договор работодавачите и работниците, Владата е подготвена да го поддржи и прифати договореното.
„Прво и најважно е дека Владата е таа која што посредува во оној бипартитен дијалог помеѓу работодавачите и работниците и тоа е принципиелно и зрело однесување и така треба да се однесува секоја влада.
Второ, принципиелно ја поддржувам секоја иницијатива на секој работник кој што демократски излегува и го бара своето право за повисока плата. И тука треба да сме сите натпартиски сложни дека секој работник кој што сака повисока плата, треба да се поддржи.
Трета работа, раководството на ССМ и неколкумина вчера изнесоа многу невистини, лаги, конструкции, но и невистини кои што се резултат претпоставувам на нивната бујна фантазија, но и фрустрација која што ја имаат во своите соништа. И тоа не заслужува коментар, ние не треба да го коментираме.
Јас сум сериозно разочаран од тие кои што треба да се авангарда и водачи и пред се луѓе со интелектуална самосвест. Но вчера видовме на отворена сцена дека се целосно политизирани, инструментализирани и водени од гнев и омраза, најмногу кон мене и оваа влада“, истакна Мицкоски.
„Четврта работа, велат оваа Влада треба да ни помогне во остварување на нашите права, бидејќи е најголем работодавач. Точно е, владата е најголем работодавач и затоа владата бидејќи е влада која што е одговорна кон своите колеги, кон граѓаните, уште на почетокот на својот мандат потпиша Колективни договори за периодот кој што пледира да биде влада 2024-2028 година. Потпишавме Колективен договор со синдикатите од областа образованието, науката и културата за период од 4 години, со синдикатите од областа на здравството, за лекарите и здравствените работници. Повисока плата добија вработените во Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, центрите за социјална работа, голем дел институции, агенции, регулаторни тела итн., што ќе рече некаде од прилика 95 проценти од вкупниот број на вработени. Значи ние со нашите вработени, со нашите колеги сме имале дијалог и тој дијалог сме го заокружиле со Колективен договор за 4 години. Ние не преземавме обврски за после 2028 година. Така што да сумирам ние како работодавач сме одговорни и заедно со претставниците на нашите колеги сме си ги регулирале односите“, изјави тој и додаде:
„Повисоки плати треба да се бараат и треба секој што бара повисока плата да се поддржи. Но, не е таа адреса Владата, бидејќи ние сме ги регулирале односите со нашите колеги. Тоа треба да бидат работодавачите, но и оние кои што 7 години беа влада и ја крадеа и опустошува оваа држава, вклучително и работниците, го рекетираа бизнисот, го уценуваа бизнисот. Тие се тие кои што се вистинската адреса за протест. И кога таква ќе биде траекторијата на друга адреса, тогаш јас ќе речам во ред, овие не се инструментализирани и политизирани. Но, оние пораки кои што вчера ги слушнав немаа никаква врска со вистината, а тоа го знаат членовите на мојот кабинет кои што беа присутни на тие состаноци.
Петто, околу административните службеници, ние им понудивме уште минатата година која што се уште е на маса, сега за периодот од март, односно платата во април 2026 до март, април 2028, тоа се 2 години и 2, 3 месеци. Што е тоа кое што го понудивме? Моменталната плата да биде основица која што сега секако ќе се зголеми за минималната, и тој збир да се зголеми за 8 проценти, сега во април 2026, следната година повторно да се зголеми за минималната плата и тој збир со нови 8 проценти. Повторно во 2028 година да се зголемат со минималната плата и повторно тој збир да се зголеми за 8 проценти. Што ќе каже дека од април оваа година до април 2028 зголемувањето ќе биде околу 40 проценти, со потпишување на индивидуални или гранкови колективни договори. Имаме еден услов, општиот Колективен договор е истечен, но факт е дека и покрај тоа што е истечен до носење на нов, овој останува во сила. Барем само делот кој е збунувачки и нејасен за плати, да го избришеме и да преговараме нова формулација која ќе биде унифицирана, затоа што сега имаме 4-5 документи кои што административните службеници се повикуваат. Доволен период имаме 3 години да испреговараме и после 2028, односно 2029 година да биде сето тоа унифицирано. Од ССМ го одбија, затоа што тие се потписници кога имаа монопол во репрезентативноста на синдикатите со поранешната влада. И велеа како ние сме го потпишале, како сега ние ќе се бришеме. Ете ова е вистината“, нагласи Мицкоски.
„Ова стои на маса до сите административни службеници 7700 се во моментот. Кога ова ќе се реши 99 проценти од нашите колеги ќе имаат регулиран однос со нас како влада, како работодавачи. Ова стои на маса, подготвени сме веднаш да го потпишеме и прифатиме“, дециден е Мицкоски.
„А во дел на минималната плата, согласно закон, бидејќи ние мораме по закон да постапуваме ќе има сега зголемување. И првиот момент кога работниците и работодавачите ќе се договорат ние како странка тоа ќе го поддржиме и примениме“, заклучи Мицкоски.
Економија
„Партнерство за енергетската иднина“: Потпишан Меморандум меѓу Министерството за енергетика и УНДП“
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува јасна и долгорочна рамка за заедничко делување во областа на енергетиката, енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и одржливиот развој.
Меморандумот го потпишаа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Северна Македонија, Армен Григорјан. Со Меморандумот се зајакнува институционалната соработка меѓу двете страни и се отвора простор за координирани активности насочени кон праведна и инклузивна енергетска транзиција, зајакнување на енергетската независност и отпорност на државата, како и исполнување на националните и меѓународните климатски цели.
„Овој Меморандум претставува силна потврда на нашата заложба за модерна, одржлива и праведна енергетска транзиција. Преку партнерството со УНДП добиваме дополнителна експертиза и поддршка за креирање и спроведување политики кои носат конкретни придобивки за граѓаните, економијата и животната средина“, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Соработката ќе се реализира во согласност со националните приоритети и Програмскиот документ на УНДП за Република Северна Македонија за периодот 2026–2030, со посебен фокус на добро управување, транспарентност и активно вклучување на јавноста во процесите на донесување одлуки поврзани со енергетиката.
„УНДП останува посветен партнер на институциите во Северна Македонија во унапредувањето на одржливиот развој. Овој Меморандум создава силна основа за заедничка работа во енергетскиот сектор, со фокус на чиста енергија, намалување на емисиите и инклузивен јавен дијалог“, истакна постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.
Меморандумот предвидува заеднички активности во развојот на енергетскиот сектор, рударството и управувањето со минералните ресурси, намалување на емисиите на стакленички гасови преку зголемена примена на обновливи извори и мерки за енергетска ефикасност, како и поддршка во изработката и спроведувањето на национални стратегии, законодавство и акциски планови во областа на енергетиката.
Особено значаен сегмент од соработката е насочен кон јакнење на институционалните, техничките и човечките капацитети, преку градење експертиза и подобрување на процесите за креирање и спроведување јавни политики, како и кон унапредување на транспарентноста и инклузивниот јавен дијалог, со посебно внимание на младите, жените и ранливите групи граѓани. Во рамки на партнерството е предвидена и заедничка организација на национални и меѓународни настани, форуми и иницијативи посветени на одржливиот развој и енергетската транзиција.
Меморандумот е склучен на период од четири години, со можност за продолжување, и претставува значаен чекор кон продлабочување на соработката меѓу Министерството за енергетика и УНДП во насока на одржлива и сигурна енергетска иднина за Северна Македонија.

