Економија
Се чека ред за ваучер од 25 илјади денари за клима, за три саати примени 150 апликации
Архивата на Министерството за економија од утрово е преполна од граѓани кои аплицираат за ваучер за инвертер клима-уред. Од почетокот на работното време вжештени се и телефоните на кои граѓаните можат да добијат информации за начинот на аплицирање откога вчера министерот за економија Крешник Бектеши ги повика граѓаните со помош од државата во висина од 23 – 27 илјади денари да ги намалат сметките за струја и да го сменат начинот на греење.
„Во првите три часа, од 09.30 до 12.30 часот, веќе имавме околу 150 апликации. Во оваа бројка не влегуваат апликациите кои се испратени преку пошта. Крајниот рок за аплицирање е 12 февруари, но доколку има интерес, рокот ќе биде продолжен“, изјавија од Кабинетот на министерот за „Макфакс“.
Услов за да добијат ваучер за клима-уред е домаќинствата да немаат достапен приклучок на мрежа за централно греење и во последните три години не користеле субвенција за какво било грејно тело, а обврска ќе им биде да купат инвертер клима – уред кој може да грее и кога надворешната температура е минус петнаесет степени.

За ваучерот се аплицира со барање кое може да се преземе од веб-страницата на Министерството за економија, фотокопија од лична карта од сите членови на семејството или извод од матична книга на родените за малолетните лица, фотокопија од последна сметка за струја од 2023 година, и изјава заверена на нотар со која се потврдува бројот на членови во домаќинството, се потврдува дека домаќинството не користело субвенција за какво било грејно тело во последните три години и дека нема приклучок на парно. Изјавата како документ, исто како и барањето за ваучер, може да се преземе од веб-страницата на Министерството за економија или од архивата, каде што и се поднесуваат апликациите.
Ваучерите се во вредност од 23.000 – 27.000 денари. Потврда во вредност од 23.000 денари во бруто износ по домаќинство со вклучен данок на додадена вредност ќе добијат домаќинствата кои ќе аплицираат од Скопскиот, Источниот, Југоисточниот, Североисточниот, Вардарскиот и Полошкиот регион. Ваучер вреден 25 илјади денари е предвиден за домаќинствата од Пелагонискиот и Југозападниот регион.
За ранливите категории, ваучерот ќе изнесува од 27 до 30 илјади денари во зависност од примањата и членовите во семејството.
Предвидено е да се поделат 7.000 ваучери, но министерот Бектеши рече дека има можност да се зголемат средствата доколку се случи граѓаните да се пријават, а да се исцрпат предвидените 4 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

