Економија
Силен удар за криптовалутите на „Фејсбук“, од проектот се повлекоа „Мастеркард“ и „Виза“
Американските компании „Мастеркард“ и „Виза“ се повлекоа од проектот на „Фејсбук“ за издавање дигитални ризици на дигиталните валути.
„Виза“ и „Мастеркард“ во петокот најавија повлекување од „Либра асосиејшн“ придружувајќи му се на „Пејпал холдингот“, кој се откажа од „либра“ пред повеќе од една недела.
По нивните стапки тргнаа и „Ибеј инк“, „Страјп инк“ и латиноамериканската компанија за вршење исплати „Меркадо Паго“. Тоа значи дека проектот на „Фејсбук“ повеќе не е поддржан од ниту една голема финансиска компанија и дека шансите да израсне во глобален финансиски играч се сведени на минимум.
„Фејсбук“ ја најави „либра“ во јуни здужувајќи ги силите со 28 партнери, вклучително и „Мастеркард“, „Виза“, „Спотифај технолоџи“, „Пејпал“ „иБеј“, „Убер технологис“ и „Водафон груп“, во „Либра асосиејшн“, која требаше да управува со новата дигитална валута.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рударските комплекси „Бучим“ и „Боров Дол“ и официјално се присоединија
Од ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш информираат дека заврши административната постапка за припојување на рударско-геолошкиот комплекс Боров Дол кон Бучим, со што двата рударски комплекси официјално продолжуваат да функционираат како еден правен субјект.
Со ова, како што велат, се зацврстува единствениот оперативен и управувачки модел, што ќе придонесе за уште поголема ефикасност и транспарентност во работењето на компанијата во целост.
Присоединувањето е оценето како стратешки чекор што овозможува поефикасно планирање и управување со ресурсите, унапредени процеси и појасна корпоративна структура, подобрена усогласеност со меѓународните стандарди и ESG принципите, зголемена транспарентност и стабилност во работењето, како и следење на единствена долгорочна визија за развој на целиот комплекс.
Од компанијата нагласуваат дека присоединувањето не подразбира никаква промена во управувачката структура. Исто така, условите на воспоставените партнерства, договорните односи и обрвски со добавувачи, институции и други заинтересирани страни, остануваат непроменети.
Во изминатите денови беше спроведена стандардната административна постапка за техничкиот пренос на сите вработени во рамките на единственото правно лице. Од Бучим истакнуваат дека преносот беше изведен континуирано, без какви било промени во работните места, правата или обврските на вработените. Статусот и сите бенефиции на вработените останаа непроменети. Техничкиот пренос не влијаеше врз работните процеси ниту врз редовното извршување на обврските.
“Присоединувањето на Боров Дол кон Бучим ни овозможува да работиме како единствен систем, во рамки на нашата Групација, со зајакнати операции и повисок степен на координација. Ова претставува значаен чекор кон модернизација, континуирано подобрување и понатамошно унапредување на одржливото рударство во регионот,“ изјави Ивица Карапетров, заменик генерален директор на Бучим.
Со новата интегрирана структура, рудникот Бучим продолжува да гради стабилна, модерна и конкурентна компанија, подготвена за долгорочни предизвици и инвестициски планови.
Економија
Министерството за финасии: Утре завршува рокот за запишување граѓански обврзници од третата емисија, каматата 4,5 отсто, рочноста 2 години
Граѓаните имаат можност да запишат граѓански обврзници од третата емисија во деловните банки во земјава уште два дена, односно денеска и утре, извести Министерството за финансии.
Граѓанските обврзници oд оваа емисија се со рок од 2 години и каматна стапка од 4,5% годишно. Износот на една граѓанска обврзница којашто граѓаните можат да ја запишат е 10.000 денари. Проспектот е објавен на износ од 100 милиони денари. Понудите се доставуваат во деловните банки во земјава. Аукцијата ќе се одржи на 12 декември.
Датумот на достасување на обврзниците од оваа емисија е 19 декември 2027 година, а каматата за исплата достасува за првата година на 19 декември 2026 и за втората година на 19 декември 2027 година.
Економија
УЈП: Секоја четврта контрола открива неиздавање фискална сметка
Управата за јавни приходи (УЈП) спроведува засилени контроли во пресрет на новогодишните и божиќните празници, со особено внимание на ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичари и други угостителски објекти.
Пред контролите, УЈП реализирала околу 3.500 советодавни посети, овозможувајќи време за отстранување на најчестите неправилности кај фискалните уреди, како што се несоодветна адреса, оштетени пломби или недостасување на налепница од сервисер. Дополнително, инспекторите проверувале и неуплаќање на дневниот промет во банка и неводење на книгата на дневни финансиски извештаи.
„Истовремено, УЈП спроведе детални анализи на податоците од ГПРС системот, теренските контроли и ДДВ пријавите. Резултатите покажуваат ризично однесување кај некои субјекти кои особено ќе бидат таргетирани за контрола: низок или идентичен регистриран дневен промет, отстапки на регистрираниот промет од капацитетот на локалот, разлика меѓу прометот во фискалните каси и пријавениот во ДДВ-пријавите и др.“, информираат од Управата за јавни приходи.
До крајот на ноември УЈП извршила околу 4.000 контроли. Изречени биле околу 2.500 глоби, а запечатени над 100 локали.
„Секоја четврта контрола открива неиздавање фискална сметка – појава што значи неевидентиран промет, загуби за буџетот и нелојална конкуренција. Казнетите обврзници добија персонализирани повици за корекција на пријавите и пријавување на прометот. Доколку не постапат, следуваат дополнителни контроли со индиректни методи“, велат од УЈП.

