Економија
Системски инфраструктурни решенија за одржлива иднина

Висококвалитетната инфраструктура го поддржува развојот, го подобрува квалитетот на животот и создава работни места. Сепак, инвестирањето во инфрастуктурата е сложен процес, а патот од планирање до завршување на градбата е полн со пречки и предизвици. Квалитетната, сигурна, одржлива и отпорна инфраструктура е еден од таргетите што до 2030 година треба да ги остварат 193-те земји потписнички на Агендата 2030 на Обединетите нации во рамки на деветтата цел за одржлив развој (Индустрија, иновации, инфраструктура). Истовремено, одржливата инфраструктура влијае врз остварувањето на сите 17 цели, односно 92 проценти од зацртаните 169 таргети. Инфраструктурата е систем составен од помали системи: мрежните инфраструктурни системи како што се енергетскиот систем, превозот, водоснабдувањето и дигиталните комуникации, но и самостојните системи како болниците, училиштата, индустриските капацитети и институционалните објекти. Средствата, институциите и знаењето од кои се составени овие системи се меѓусебно зависни и можеа значително да влијаат врз одржливиот развој на земјите.
Основната претпоставка врз која се темелат целите за одржлив развој е задоволување на потребите на денешницата без загрозување на можноста идните генерации да ги задоволат сопствените потреби. Имајќи ја предвид масивноста на инфраструктурните проекти, ресурсите потребни за нивно изведување и одржување, но и нивната долговечност, начинот на кој тие ќе бидат имплементирани може во голема мера да придонесе кон остварување на овие цели, но и да предизвика долгорочни негативни развојни последици.
Претпоставката е дека до 2040 година ќе бидат потребни инвестиции во вредност од 97 трилиони долари со цел да се задоволат основните инфраструктурни потреби на глобалното население. Можноста на институциите и професионалците во овој сектор да влијаат позитивно или негативно врз животната околина и добросостојбата на населението е повеќе од очигледна, и налага исклучително внимателен пристап со цел да се направат вистинските избори и да се избегнат грешките од минатото.
Потребни се визионерски, иновативни и системски решенија кои во својата суштина ја имаат добросостојбата на човештвото и планетата: потребна е соодветна инфраструктура направена на соодветен начин.
Како што Канцеларијата за програмска поддршка на ООН (УНОПС) изнесува во извештајот „Инфраструктура за климатска акција“, соодветната инфраструктура бара интегриран пристап кој води сметка за употребата на постојната инфраструктура во однос на идните потреби за развој на долгорочни стратегии за остварување на националните приоритети за одржлив развој кои пак ќе овозможат напредок кон меѓународните заложби.
Откако ќе бидат идентификувани соодветните инфраструктурни проекти, инженерите, финансиерите и изведувачите имаат можност да ги спроведат на соодветен начин, водејќи сметка за нивното влијание врз севкупниот еко-систем. Или, со зборовите на Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш: „Седумнаесетте Цели за одржлив развој бараат ништо помалку од трансформирање на финансиските, економските и политички системи кои ги водат нашите општества со цел да се гарантираат човековите права за сите.“
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.