Економија
Славиме за рекордна лото 7-ка со семејство од Визбегово

Мите Велковски е млад пензионер, вреден, скромен и ведар човек, ги обожава своите четири внучиња и вели дека сè што прави, прави за нив. Во ова ќе се препознаат многумина. Она што го го вбројува во (сè уште) поретките, е тоа што редовно, најредовно, уплаќа лото, без испуштање коло. Со непоколеблива надеж и верба во среќата, од својата скромна пензија, за секое коло издвојувал по 200/240 денари. Но, тоа што го направи најредок е 7-ката. Најголемата премија за 7-ка во историјата на лото-игрите на среќа кај нас, падна токму со броеви коишто ги содржани една од 10-те комбинации уплатени од Мите Велковски, на продажното место ЈМБ Компани во скопско Визбегово. За само 200 денари тој освои рекордна премија вредна 41 163 771 денар (близу 670 000 евра).
Среќен, пресреќен за добивката, сакаше да им ја поддржи вербата на учесниците во играта на среќа лото и да им се заблагодари. Затоа застана пред камерите и ја сподели својата радост и радоста на своето семејство коешто се вброи во среќните лото-семејства на играчи со наградена долгогодишна верба.
Ние, од Државна лотарија, имавме задоволство да го запознаеме семејството Велковски, од скопско Визбегово, при нивната посета (со торта со лого Лото-7), првиот работен ден по извлекувањето. По редовната проверка на уплатеното ливче и официјална потврда на добивката, видно возбудени, ни ја раскажаа среќната приказна и без двоумење се согласија за јавна објава.
Имено, во сабота вечерта на 26.6.2021 извлекувањето на 7-те добитни бројчиња од нашата Лото-7 (коло 50), го следела сопругата заедно со внучињата. Како што ни се довери, таа го има задолжението да ги запишува извлечените броеви, кога сопругот не е дома. Кога видела дека била постигната 7-ка и кога на екранот, прочитала испис – продажното место ЈМБ Визбегово, му се јавила на Миле за да ги проверат броевите.
„7-ката е кај нас“ – одговорил Мите. Сè уште не верувајќи, го повикала синот за уште еднаш, заедно да ги проверат седумте броеви.
Вечерта, веднаш по извлекувањето, Мите се јавил во контакт центарот на Државна лотарија и го оставил својот број. Ние, уште истата вечер го контактиравме, а веќе во понеделникот се запознавме. По посета на просториите на Државна лотарија, следуваше гостување во студиото на Лото-7, во Канал 5, на местото каде што разиграните топчиња ја потврдија неговата верба во среќата и се совпаднаа со броевите во неговата 3-та комбинација. Потоа, го посетивме и среќното место „ЈМБ Компани“ во Визбегово, каде што Мите, последните две години, секое коло уплаќа по 10 комбинации. Добитната комбинација: 1, 20, 24, 25, 31, 32, 34 е составена од роденденски датуми, но и од броеви кажани од внучињата.
Мите, 32 години бил вработен како чувар во Македонски железници. Со сопругата (пензионирана негувателка во детска градинка), ќерката, синот, снаата и 4-те внучиња живеат во семејната куќа во Визбегово. Куќата, како што ни раскажаа, ја граделе со години „со свои раце“. Во саботата наутро, посакал да се живи и здрави со сопругата и да дочекаат да пораснат внучињата и направат свои семејства, а дотогаш да успеат да им купат по еден стан „од дедо и баба“.
Среќата, вербата и надежта, очигледно имаат заеднички патишта.
Честитајќи му на Мите и семејството Велковски, сите граѓани над 18 години ги поттикнуваме на верба и надеж. Ние сме тука за да обезбедиме можност за остварување соништа. Не треба посебна подготовка, ниту голема инвестиција за со редовна игра да се дојде до вонредна среќа.
Во тек е уплатата за коло 51, а премијата за 7-ка изнесува 7 000 000 денари.
Во летните горештини предлагаме онлајн уплата и онлајн игра на www.loto.mk
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавен јавен повик за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство

Денеска е објавен Јавниот повик 08/2025 за доставување на барање за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка на рурален развој за 2025 година.
Поддршката е наменета за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство, со цел зачувување на руралните подрачја и промовирање на одржливо земјоделство.
Право на поддршка имаат земјоделски стопанства регистрирани согласно Законот за земјоделство и рурален развој во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Висина на поддршката:
• 100% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина еднаква или повисока од 700 метри;
• 60% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина пониска од 700 метри.
Услови за доделување:
• 1 вработено лице на 150 овци;
• 1 вработено лице на 100 кози;
• 1 вработено лице на 50 говеда, но не повеќе од 620.000 денари по вработено лице.
Задржување на истиот број вработени најмалку една година по исплатата.
Барањата со потребната документација потребно е да се поднесат најдоцна до 30.07.2025 година.
Економија
Божиновска: Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот

Македонија влегува во клучна фаза на трансформација на енергетскиот систем, земјата не само што вложува во стабилноста и модернизацијата на сопствената мрежа, туку стана активен играч во регионалното поврзување и енергетската интеграција, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Според неа, со новите интерконектори, стратешките трансформаторски станици и инвестициите во паметна енергетска инфраструктура, државата го поставува курсот кон енергетска независност и улога на регионален енергетски коридор.
Божиновска најави дека во следните денови официјално започнува изградбата на гасниот интерконектор со Грција.
„Интерконекторот е долг 68 километри, ќе пренесува не само природен гас, туку и водород, остварена e заштеда од 12 милиони евра и ќе биде изграден од македонска компанија – директна корист за домашната економија“, рече таа.
Во меѓувреме, додаде Божиновска, Македонија и Србија направија значаен исчекор кон ново енергетско поврзување – минатата недела се потпиша Меморандум за соработка меѓу НОМАГАС и Србијагас за изградба на интерконектор меѓу Клечовце и Врање, со вкупна должина од 70 километри, од кои 23 километри ќе бидат на македонска територија. Во рамки на проектот ќе се изградат и мерни станици од двете страни на границата. Студиите за изводливост и за влијание врз животната средина се веќе во тек, со поддршка од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
„Преку овие две стратешки поврзувања, Македонија се позиционира како нова транзитна точка за природен гас на релација Југ – Север, односно од ТАП гасоводот и ЛНГ терминалот во Александруполис кон Србија и Средна Европа, со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно. Ова е директна поддршка на енергетската диверзификација на целиот регион, со зголемена употреба на гас од различни извори“, рече таа.
Изградбата на 400/110 kV врската Охрид – Елбасан, пак, ќе го заокружи електроенергетското поврзување на Македонија со сите соседни држави – стратегиски проект за цел регион.
„Ова е новата сила на македонската енергетика. Со регионалните интерконектори, Македонија веќе не е само краен потрошувач – станува активен учесник во преносот и стабилноста на енергетиката во Југоисточна Европа. Ова е патот кон сигурна енергија, економска отпорност и стратешка позиција на енергетската карта на Балканот. Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот.“, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе учествува на 4. меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севилја

Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија.
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на Тркалезна маса „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), којашто под покровителство на Организацијата на Обединетите нации ќе се одржи во Севиља.
На Конференцијата, на којашто е најавено учество на педесетина шефови на држави и влади, министри, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен „Договорот од Севиља“.
Целта на лидерскиот собир е изнаоѓање на решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор.
Во рамки на посетата, предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а на средбата ќе присуствува и министерката Димитриеска -Кочоска.