Економија
Собранието го усвои ребалансот на буџетот

Со 67 гласа „за“, 7 против и без воздржани, Собранието попладнево го усвои ребалансот на буџетот за 2024 година.
Со ребалансот, вкупните приходи се планирани на 318,2 милијарди денари што е 2,6 проценти повеќе во однос на иницијалните проекции, вкупните расходи се планирани на 362,8 милијарди денари или за 5,6 проценти повеќе во однос на иницијалните проекции, капиталните расходи се планирани во висина од околу 44,7 милијарди денари, а дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4 проценти на 4,9 проценти од БДП.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска претходно образложи дека ребалансот предвидува над 4 милијарди денари дополнителни средства за исплата на плати и 5 дополнителни милијарди за пензии. Се обезбедуваат надополнувања во: Државната изборна комисија, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Агенцијата за заштита на лични податоци, Оперативно-техничката агенција, Инспекцискиот совет, Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за образование, Царинската управа, судската власт, Јавното обвинителство, Советот на јавни обвинители, Народен правобранител и слично.
Со надополнувањата, како што рече, се обезбедуваат средства за исплата на плати, како и за набавка на опрема. Меѓу другото во Државната изборна комисија се дополни износ од 350 милиони денари, 147 илјади денари за набавка на опрема во Инспекциски совет, 60.000.000 денари во МВР за набавка на материјали за лични документи, 87,2 милиони за дореализација на Проект Брана Отиња и дополнителни 20 милиони денари се наменети за надомест за одземен имот за Проектот Брана Отиња (експропријација), кај Македонската академија на науките и уметностите 18,7 милиони денари за научно истражувачки проекти и 3,3 милиони за набавка на опрема, како и 138.000 денари за дореализација за набавка на опрема кај Народниот правобранител.
Министерката ребалансот го опиша како надграден документ со кој се надоместени пропустите во планирањето на иницијалниот Буџет и обезбедени се средства за исплата на сите права во согласност со законот. На тој начин, според министерката, обезбедени се средства за целосно сервисирање на сите права и доспеани обврски до крајот на годината, средства за пензионерите, за вработените во администрацијата, за бизнисот, за здравство и слично.
Со ребалансот на Буџетот се издвојуваат 6 милијарди денари за проекти во општините.
На денешната седница се обрати експремиерот Димитар Ковачевски кој истакна дека СДСМ нема да го поддржи ребалансот, коментирајќи дека од сите 58 амандмани кој ги поднеле, Владата не прифатила ниту еден.
„Одлуката за неприфаќање на ребалансот на буџетот е многу јасна: со ребалансот не се предвидени пари за раст на платите во ниту еден сектор“, рече пратеникот на СДСМ.
Тој ги потенцираше зголемувањето на дефицитот и јавниот долг.
„Со ребалансот на буџетот, зголемен е и буџетски дефицитот и сега е 4.9% од планираниот БДП. Со ова се зголемува и јавниот долг на државата.
Јавниот долг сега ќе се искачи до 67 проценти, со новите задолжувања, а ние успеавме да го одржиме на ниво до 60% во време на криза“, рече Ковачевски.
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, ја обвини Владата дека прави ребаланс на буџет по нарачка на стопанските комори.
„Овој ребаланс ќе отвори нова ера на рај за богатите и пекол за сиромашните! Владата прави ребаланс на буџет по нарачка на стопанските комори”, истакна Мециновиќ.
ДУИ претходно ја напушти седницата бидејќи беше симнат од дневен ред Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
600.000 евра за модерна и дигитална преносна мрежа во Македонија: потпишан грант-договор меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD)

Во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија денес се одржа свечената церемонија на потпишување на Грант-договорот меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD), со што се означува континуитетот и продлабочувањето на техничката соработка насочена кон поддршка на модернизацијата на националната преносна електроенергетска мрежа.
Настанот се одржа во присуство на Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини; Кристоф Ле Ригољер, амбасадор на Франција во Република Северна Македонија; Бурим Љатифи, Генерален директор на МЕПСО; Вероника Милевски, извршна директорка на RTE International; Франсоа Винс, заменик-директор на Канцеларијата на AFD за Западен Балкан, како и гости од енергетскиот сектор.
Овој грант во вредност од 600.000 евра овозможува насочена техничка помош за унапредување, модернизација и дигитализација на преносната мрежа – суштински чекори за обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија, намалување на техничките загуби, зголемување на ефикасноста на системот и подготовка на МЕПСО за растечкиот удел на обновливи извори и интеграцијата на регионалниот пазар.
Проектот е фокусиран на четири клучни области:
· изработка на студии за адекватност на системот со користење на пазарниот симулатор ANTARES,
· димензионирање на системските резерви,
· воспоставување методологија за пресметка на преносни загуби и изработка на студија за изводливост,
· како и подготовка на концептуален дизајн за дигитализација на трафостаница.
Во рамките на проектот, експерти од RTE International – подружница на францускиот оператор на преносниот систем RTE – веќе одржаа обуки за инженерите на МЕПСО за користење на симулаторот ANTARES, со што се унапредуваат нивните технички и аналитички капацитети за поефикасно управување со системот во сè подинамичен електроенергетски пазар.
Во своето обраќање, министерката Сања Божиновска ја нагласи важноста на ова партнерство за изградба на современ и отпорен енергетски систем:
„Денес го потврдуваме партнерството што го зајакнува нашиот пат кон модерен, сигурен и достапен енергетски систем. Техничката помош од Француската агенција за развој ќе му овозможи на МЕПСО да ја забрза модернизацијата и дигитализацијата на мрежата, да го подобри планирањето и работењето и поефикасно да ја управува променливоста што произлегува од поголемото учество на обновливите извори и динамиката на пазарот. Понапредна и попаметна мрежа значи помалку прекини, подобро искористување на чиста енергија, посилни регионални врски и поголема отпорност на системот – без разлика дали станува збор за временски услови, флуктуации на побарувачката или пазарна нестабилност.“
Генералниот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи, го истакна посветеното ангажирање на компанијата кон техничка извонредност и дисциплина во реализацијата:
Проектот, како што нагласуваат од министерството, ќе продолжи со нови активности за градење капацитети и техничка поддршка, со што ќе се овозможи примена на напредни технологии и аналитички модели за управување со преносниот електроенергетски систем на Северна Македонија.
Економија
Гувернерот Славески учествува на годишните средби на ММФ и на Светската банка

Делегација предводена од гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ќе учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ), коишто ќе се одржат оваа седмица во Вашингтон, САД. Во составот на делегацијата на Народната банка се и вицегувернерката Емилија Нацевска и советничката на гувернерот Весна Стојчевска. Во рамките на Годишните средби, гувернерот Славески, вицегувернерката Нацевска и советничката Стојчевска ќе одржат состаноци со високи претставници на ММФ и СБ, како и со претставници на други меѓународни финансиски институции.
Економските состојби и предизвиците во контекст на геоекономските тензии и ефектите од трговскиот протекционизам, финансиската стабилност и монетарната политика се дел од темите коишто ќе бидат обработени на предвидените работни средби со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Јерун Клик, и заменикот на извршниот директор, Марникс ван Рај. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерот, ќе оствари средби и со претставниците на одделите за статистика, за правни работи и за монетарните и капиталните пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на кои ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Делегацијата ќе оствари средби и со високи претставници на Светската банка, односно со потпретседателката на Светската банка, Антонела Басани, и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
На маргините на средбите, гувернерот Славески ќе го потпише писмото за намери за остварување на проектот за клонот на ТИПС. Овој систем ќе ги унапреди брзината, сигурноста и ефикасноста на финансиските трансакции и значително ќе ги намали трошоците и ќе ги поедностави секојдневните финансиски активности преку извршување инстант плаќања во реално време 24 часа дневно, седум дена во неделата.
Годишните средби на ММФ и СБ се платформа на која првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки соработуваат и разговараат за повеќе суштински теми, како намалувањето на сиромаштијата, меѓународниот економски развој и финансии, развојот на човечкиот капитал и зајакнувањето на отпорноста и одржливоста.
Економија
Концесијата за „Пискупштина“ во Струга еднострано раскината

На последната седница, Владата, на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, еднострано ја раскина концесијата за рудникот за експлоатација на јаглен на локалитетот „Пискупштина“ во Струга. Истовремено, констатиран е престанок на важењето на уште четири концесии кои се истечени.
Од Министерството информираат дека одлуките следат по сериозни пропусти на концесионерите во исполнувањето на законските обврски.
Во случајот „Пискупштина“, инспекцискиот надзор утврди дека концесионерот вршел експлоатација надвор од дозволеното поле, што претставува директно прекршување на договорот и законот. Жалбите од жителите на селото Пискупштина доведоа до детален инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за енергетика и рударство, кој ја потврди неправилноста.
Ова е втора еднострана раскината концесија за само неколку недели. Претходно беше донесена одлука и за раскин на концесијата за експлоатација на варовникот „Лавинчеви“ во Општина Гази Баба.
Компанијата не обезбедила минимална експлоатација од 20% – односно 25.000 тони годишно – и за три години практично нема активност, а не е исплатен ниту концесиски надоместок. Долгогодишниот прекин на активностите и непочитувањето на законските обврски беа потврдени со вонреден инспекциски надзор.
„Министерството и Владата испраќаат јасна порака: секое несовесно користење на природните ресурси ќе се санкционира, а заштитата на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните е приоритет. Сите надлежни институции се известени за понатамошни мерки, а одговорното и одржливо управување со природните ресурси останува стратешка цел на државата. Владата и Министерството нема да толерираат несоодветно користење на природните ресурси, а здравјето и безбедноста на граѓаните остануваат на прво место“, нагласи министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.