Економија
Со отписот на камати опфатени се 150 илјади лица од ранливите категории, најави Заев

Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција, во присуство на вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за правда Бојан Маричиќ, го презентираше Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на граѓаните во услови на Ковид-19, чиј текст беше утврден на денешната, 83-та седница на Владата.
Тој истакна дека со овој Закон како мерка за ублажување на последиците од пандемијата, вклучен во петтиот пакет мерки, Владата уште еднаш ја потврдува грижата за граѓаните и социо-економските последици кои ги почувствуваа поради пандемијата со Ковид-19. Премиерот Заев посочи дека со Предлог-законот се уредуваат условите, начинот и постапката за отпишување на пресметани камати по основ на долгови на физичките лица кон државните органи и јавните институции и даночни долгови, како и репрограмирање на главниот долг и трошоците на физичките лица кои доспеале за плаќање заклучно со денот на влегување во сила на законот.
„Грижата што ја покажуваме со оваа мерка, опфаќа преку 150.000 граѓани, а законското решение нема негативни финансиски импликации. Напротив, сметаме дека ќе донесе позитивен импакт, бидејќи ќе им овозможи на граѓаните, растоварени од притисокот да ги плаќаат каматите, да ја исплатат само главницата на долгот и тоа на повеќе рати, подвлече Заев. Тој додаде дека ова законско решение е еднократна помош за решавање на проблемот на граѓаните кои со задоцнето плаќање, или неплаќање на долговите кон државните органи, акумулирале дополнителен долг врз основа на каматите и тука се опфатени пред сè најсиромашните граѓани.
Во однос на практичното спроведување на овие предложени законски можности, државните органи и јавните институции опфатени со овој закон и Управата за јавни приходи, се должни да го утврдат износот на главниот долг, трошоците и каматата на секој граѓанин во рок од 90 дена од денот на влегување во сила на овој закон.
Потоа, најдоцна во рок од 15 дена, да ги известат физичките лица кои се јавуваат како нивни должници, со јавна објава на официјалната веб страна на државните органи и јавните институции, преку електронските и печатените медиуми или друг начин, како, на пример, известување и опис на постапката преку сметките што ги добиваат граѓаните по пошта, објаснуваат од владата.
„Како Влада, немаме право да им наложиме на приватните компании ваква законска обврска, но и во законското решение и од оваа прес-конференција, упатуваме порака да го следат овој пример на доброволна основа, и со тоа да демонстрираат општествена одговорност и да им излезат во пресрет на граѓаните и со тоа да покажат разбирање за причините поради кои тие задоцниле со плаќање на нивните обврски кон нив. Верувам дека тоа позитивно ќе се одрази и во нивните биланси, а ќе биде и во интерес на граѓаните“, рече премиерот.
Тој додаде дека дел од мерките беше и временото неколкумесечно суспендирање на Законот за извршување и посочи дека извршителите мораа да запрат со преземање какви било извршни дејствија.
„Од сличните мерки беше и одлуката за одложување на кредитите кај банките за 3 до 6 месеци и тие тоа го прифатија“, продолжи Заев подвлекувајќи дека Владата продолжува со грижа за граѓаните, за нивната социјална сигурност, како и за работата на компаниите, за платите на работниците и зачувување на работните места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавен јавен повик за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство

Денеска е објавен Јавниот повик 08/2025 за доставување на барање за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка на рурален развој за 2025 година.
Поддршката е наменета за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство, со цел зачувување на руралните подрачја и промовирање на одржливо земјоделство.
Право на поддршка имаат земјоделски стопанства регистрирани согласно Законот за земјоделство и рурален развој во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Висина на поддршката:
• 100% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина еднаква или повисока од 700 метри;
• 60% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина пониска од 700 метри.
Услови за доделување:
• 1 вработено лице на 150 овци;
• 1 вработено лице на 100 кози;
• 1 вработено лице на 50 говеда, но не повеќе од 620.000 денари по вработено лице.
Задржување на истиот број вработени најмалку една година по исплатата.
Барањата со потребната документација потребно е да се поднесат најдоцна до 30.07.2025 година.
Економија
Божиновска: Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот

Македонија влегува во клучна фаза на трансформација на енергетскиот систем, земјата не само што вложува во стабилноста и модернизацијата на сопствената мрежа, туку стана активен играч во регионалното поврзување и енергетската интеграција, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Според неа, со новите интерконектори, стратешките трансформаторски станици и инвестициите во паметна енергетска инфраструктура, државата го поставува курсот кон енергетска независност и улога на регионален енергетски коридор.
Божиновска најави дека во следните денови официјално започнува изградбата на гасниот интерконектор со Грција.
„Интерконекторот е долг 68 километри, ќе пренесува не само природен гас, туку и водород, остварена e заштеда од 12 милиони евра и ќе биде изграден од македонска компанија – директна корист за домашната економија“, рече таа.
Во меѓувреме, додаде Божиновска, Македонија и Србија направија значаен исчекор кон ново енергетско поврзување – минатата недела се потпиша Меморандум за соработка меѓу НОМАГАС и Србијагас за изградба на интерконектор меѓу Клечовце и Врање, со вкупна должина од 70 километри, од кои 23 километри ќе бидат на македонска територија. Во рамки на проектот ќе се изградат и мерни станици од двете страни на границата. Студиите за изводливост и за влијание врз животната средина се веќе во тек, со поддршка од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
„Преку овие две стратешки поврзувања, Македонија се позиционира како нова транзитна точка за природен гас на релација Југ – Север, односно од ТАП гасоводот и ЛНГ терминалот во Александруполис кон Србија и Средна Европа, со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно. Ова е директна поддршка на енергетската диверзификација на целиот регион, со зголемена употреба на гас од различни извори“, рече таа.
Изградбата на 400/110 kV врската Охрид – Елбасан, пак, ќе го заокружи електроенергетското поврзување на Македонија со сите соседни држави – стратегиски проект за цел регион.
„Ова е новата сила на македонската енергетика. Со регионалните интерконектори, Македонија веќе не е само краен потрошувач – станува активен учесник во преносот и стабилноста на енергетиката во Југоисточна Европа. Ова е патот кон сигурна енергија, економска отпорност и стратешка позиција на енергетската карта на Балканот. Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот.“, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе учествува на 4. меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севилја

Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија.
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на Тркалезна маса „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), којашто под покровителство на Организацијата на Обединетите нации ќе се одржи во Севиља.
На Конференцијата, на којашто е најавено учество на педесетина шефови на држави и влади, министри, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен „Договорот од Севиља“.
Целта на лидерскиот собир е изнаоѓање на решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор.
Во рамки на посетата, предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а на средбата ќе присуствува и министерката Димитриеска -Кочоска.