Економија
Средба Ангеловска-Бежоска-Петров: Прва национална стратегија за финтек-секторот до крајот на годината

Подготовката на Националната стратегија за развој на финтек-секторот кај нас би завршила до крајот на годинава. За успешно да се изработи и да се спроведе стратегијата, како една од стратегиските цели на Народната банка, потребное активно вклучување на голем број институции. Оттука, во Народната банка беше остварена средба помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Коста Петров, како и тимовите од двете институции.
На средбата директорот на ФИТР, Петров, ги презентира предлог-мерките за забрзан раст на македонскиот стартап-екосистем, а исто така беше искажана подготвеност за вклучување на Фондот во изработката на Националната стратегија за развој на финтек-секторот. Воедно, се разгледаа и можностите за соработка меѓу институциите во наредниот период, во областа на иновациите во финансискиот сектор, како тема од заемен интерес.
На состанокот беа презентирани и активностите на Работната група за финтек-секторот во рамките на Народната банка, како воспоставувањето на т.н. Порта за иновации ‒ платформа за комуникација на Народната банка со иновативната бизнис-заедница (финтек-секторот) и други релевантни институции. Како што беше посочено, досега преку оваа платформа се доставени повеќе прашања за консултација и е изразен интерес од повеќе домашни и странски субјекти за вложување во финтек-секторот во земјава. Исто така, со поддршка на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ), се спроведени анкета и студија за остварливост за развојот на финтек-секторот во земјава, а извршено е и првото мапирање на финтек-екосистемот во земјава.
Инаку, неодамна ЕФСЕ ја посочи Народната банка како лидер во регионот во активностите за поддршка на развојот на финтек-секторот, а Република Северна Македонија како единствена земја во регионот чијашто централна банка го има мапирано финтек-екосистемот, посочуваат од Народната Банка.
Дел од експертите на Работната група за финтек-секторот во Народната банка, како што информираат од таму, се вклучени и во работните групи за финансиски иновации формирани од Банката за меѓународни порамнувања (БИС), со што нашата централна банка учествува во оформувањето на најновите меѓународни согледувања и регулативи за финтек-секторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.