Економија
Став на Кирил Лазаров за меѓувладината седница во Софија

Македонско бугарската стопанска комора е еден од учесниците кои на оперативно ниво ќе бидат вклучени во процесот на враќање на дијалогот меѓу двете држави, вели претседателот на комората, Кирил Лазаров.
– Кој е вашиот коментар во врска со меѓувладината седница која денеска се одржува во Софија?
Меѓувладината седница е резултат и потврда на заложбите целиот процес да се одвива збрзано и преставува позитивна основа за враќање на довербата и дијалогот. Во светло на решавање на спорните прашања би рекол дека оваа седница е логична бидејќи после средбата на премиерите Петков и Ковачевски излегоа со заклучоци дека пристапуваат кон суштинско решавање на проблемот и ќе применат тактика на дефининирање на задачите на работните групи и реализирање на динамиката која е договорена. Тоа покажува дека повеќе нема да бидат работите ставани под тепих и оставени само на декларативни заложби и зборови туку дека се има искрена намера да се конкретизираат и реализираат сите отворени прашања, од економска, па се до културна платформа.
– Дали Вие или претставник на Комората е веќе дел од работните групи формирани од Владата?
Да, немаме дилеми, Владата формираше работни групи кои ќе бидат преставени од институциите на стратешкo ниво, а на оперативното ниво, секако дека како комора ќе бидеме вклучени како дел од процесот. Имаме најави за наше активно учество се со цел димензионирање на задачите во нашиот делокруг на работа и обврски кои гравитираат во економијата и инвестициите. Се ставаме во комплетна функција сите чинители на комората се со цел да дадеме активен придонес во дијалогот и задачите.
– Какви се очекувањата на Македонско бугарската стопанска комора од денешната седница? Имате ли чувство дека економијата како дел од фокусот во релациите Македонија – Бугарија, брзо ќе даде позитивни ефекти?
Нашите очекувања се потпираат на рационални и паргматични основи и се базираат низ призма на бројки и статистики. Една работа стана јасна целиот овој период, а тоа е кога имаме блиски, стабилни и пријателски односи со Бугарија, расте трговската размена, туристичката понуда, интересот за инвестирање односно економските односи во целина. Кога има економија има близина, има иднина и убави чувства еден кон друг. Во интервју некаде после Божиќ ја кажав статистиката и кога беше актуелна блокадата од Бугарија и таму се воочува дека таа стагнира, стагнација во економијата создава антагонизам меѓу народите. Затоа и фокусот меѓу релациите на двете држави треба да биде економијата, бидејќи само таа има сила да создаде позитивен ефект во односите и само економијата ќе го пробие патот за полесно изнаоѓање на политичкото решение.
– Дали го делите оптимизмот со министерот Бектеши дека многу лесно ќе се усогласат двете страни во делот на економијата, трговијата, транспортот и енергетиката?
Тоа е реален оптимизам, ние во овие сегменти немаме недоразбирања со Бугарија, туку имаме силен мотив. Бугарија има силен мотив да биде економски доминантно позиционирана во нашата држава, од нивна стратешка гледна точка, но и да ги подобри споствените економски перфоманси бидејќи според нивниот попис, Бугарија има изгубено над 900.000 млади работноспособни луѓе во последните 10 години, кој разбира економија знае колку тоа ќе се одрази на нивниот БДП, и ние имаме силен мотив бидејќи и ние сме кусок со работна сила заради миграциските движења. Ако и двете држави имаат реален мотив да соработуваат економски со проекти кои имаат регионален карактер како што е проектот за коридорот 8, тогаш многу лесно ќе се усолгласиме на темите кои имаат економска платформа.
– Со какви предлози треба да настапи македонската страна? Кои проблеми според вас се приоритетни за решавање?
Во политичкиот дел, Владата на Македонија ги поседува предлозите, црвените линии и резулуцијата во нашето Собрание за заштита на идентитетските и јазичните посебности на нашата држава. Предлозите кои се од економска природа се веќе јавно презентирани и позиционирани од нас како комора, и ќе ги повториме и во оваа прилика. Забрзување на изградбата на коридорот 8 и негово конечно завршување, проект за автопатско поврзување освен предвиденото експресно поврзување од Куманово до граничен премин Деве Баир Бугарија, гасното поврзување од Петрич кон нас преку интерконекторот. Бугарија да го забрза поврзувањето од нивна страна до грничен премин Клепало кај Берово, бидејќи од наша страна е завршен. И, во периодот што доаѓа, да дефинираме нови инвестиции како што налага новата светска економија, а тоа е инвестиции во обновливи извори на енергија, дигитализација и ИТ индустрија, стратешки земјоделски проекти, туризам и итн. За мене лично приоритет би било проектирање и брза изградба на автопат кон Бугарија. Железницата би била за 5 години од сега, а авионската линија за два месеци од сега. На среден и долг рок заради забрзана економска и туристичка размена со Бугарија потребна е изградба на еден убав европски автопат.Тоа ќе биде вистинско поврзување помеѓу народите и бизнисмените.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Грција одлучи да го плати рускиот гас во рубли, објавија агенциите

Сите грчки компании кои увезуваат руски гас се префрлија на нова процедура за плаќање на „Гаспром“ во рубли и нема да има прекини во снабдувањето, пренесуваат агенциите.
Извор од гасната индустрија во изјава за „РИА Новости“ кажал дека сите грчки компании кои увезуваат руски гас се префрлиле на нова процедура за плаќање на „Гаспром“ во рубли.
Изворот за агенцијата навел дека рокот за плаќање за испорака на гас е 25 април и дека затоа е неопходно парите да се уплатат на посебна сметка на 23 мај, бидејќи конверзија во рубли и префрлање пари од една сметка го продолжува рокот за еден до два дена.
„Потребни се два дена за да се претворат во рубли и да се префрлат пари од една на друга сметка. За да се направи ова, плаќањето во евра треба да пристигне на 23 мај“, објаснил тој.
Во Грција, трите главни увозници на руски природен гас се „ДЕПА Комерц“, „Митилинеос“, „Прометеј Гас“, пренесува агенцијата.
Според изворот, сметките се отворени а процесот на плаќање е во тек, пишува медиумот.
Коментирајќи ги објавите на грчкиот печат дека во случај на прекин на испораката на руски гас, грчките власти ќе бидат принудени да ја исклучат електричната енергија поради недостаток на капацитет, соговорникот на агенциите изјавил: „Нема да има прекин на залихи, се е во ред“.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 18.5.2022 година.
Малопродажната цена на „евродизелот“ (Д-Е V) се намалува 1,00 ден./л, а малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ се зголемуваат 0,50 ден./л.
Малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува 0,50 ден./л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,624 ден./кг и сега ќе изнесува 54,963 ден./кг.
Од 24.5.2022 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин „евросупер БС-95“ – 95,00 (денари/литар)
Моторен бензин „евросупер БС-98“ – 97,00 (денари/литар)
Дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 85,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 83,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 54,963 (денари/килограм)
Економија
Ангеловска-Бежоска: И во светот и кај нас сѐ уште се очекува економски раст за годинава

Рецесија за годинава во моментот не се очекува. И покрај сите предизвици, сите релевантни меѓународни финансиски институции, сепак предвидуваат економски раст, но забавен. Рецесија не се предвидува ниту со песимистичките сценарија на меѓународните институции, како ММФ, Европската Унија, Европската централна банка, туку дополнително забавување на растот, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за Радио Слободна Европа. Но, потребно е внимателно следење со оглед на природата на шокот и високата неизвесност.
Централната банка направи надолна ревизија на проекциите за економскиот раст на земјата за оваа и следната година, со коja за 2022 година се очекува економски раст од 2,9 %, а за 2023 година раст од 3,6 %.
Гувернерката посочува дека војната во Украина има ефекти врз глобалната економија преку повеќе канали. Првиот канал е високиот раст на цените на примарните производи, особено на храната и на енергијата, имајќи ја предвид улогата што Русија и Украина ја имаат на овие пазари. Друг значаен канал е намалувањето на трговијата, ММФ предвидува забавување на стапката на раст на глобалната трговија и од 10 % минатата година, таа би се свела на 5 % оваа година. Значаен канал е и затегнувањето на финансиските услови на меѓународните финансиски пазари. Последниот, но многу значаен канал, е намалувањето на довербата кај инвеститорите и потрошувачите.
Гувернерката истакнува дека за нашата економија е специфично оти нема позначајни директни финансиски и трговски врски со Русија и Украина. Трговијата со нив учествува со речиси 2 % во вкупната трговија. Финансиските врски се релативно слаби: странските директни инвестиции оттаму се помалку од 1 %, приватните трансфери имаат незначително учество, а не се присутни руски и украински финансиски институции.
„Кај нас ефектите повеќе ќе се почувствуваат преку индиректни канали, а тоа е степенот до кој ќе биде погодена ЕУ како наш најзначаен трговски партнер и колку ќе се прелее тоа и кај нас. Исто така, ќе се одрази и затегнувањето на финансиските услови на меѓународните пазари, како и зголемената неизвесност, која може неповолно да се одрази врз одлуките за инвестиции и потрошувачка“, посочува гувернерката.
________________