Економија
Стојаноски за одлуката на Регулаторна: ВМРО-ДПМНЕ ќе ги користи сите инструменти за да нема ценовни шокови за граѓаните
Бојан Стојаноски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека ја поздравуваат одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, за минималното незначително покачување на цената на електричната енергија.
Мораме да нагласиме, вели Стојаноски дека оваа одлука доаѓа откога се создадоа услови, по усвојувањето на предлог-законот за енергетика поднесен од тогашниот пратеник, сегашен Премиер, Христијан Мицкоски и од пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ.
„Само да ја потсетам јавноста, со тие измени кои беа усвоени со 84 гласа “ЗА”, прво се создаде услов за продолжување на лиценцата на универзалниот снабдувач, со што се заштеди и на средства кои што се потребни за да се формира ново правно лице, но и на роковите кои што беа потребни за формирање на истото правно лице со што пак се создаде можност маржата која што е клучна за пресметување на цената на електричната енергија да биде од 11,5% на 9,9%.
Би сакал да потсетам дека премиерот, Христијан Мицкоски упати еден апел до универзалниот снабдувач за оптимизација на енергетскиот систем, за да оној остаток од 15% кој што требаше да се набави од слободниот пазар кој што чини од 90-100 евра мегават час, наместо оние 60 кои што беа понудени на домашниот тендер ќе успеат да се надополнат од домашниот пазар и на тој начин цената на електрична енергија да остане скоро иста како што е сега“, појаснува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова, како што додава е максимум што можеше новото парламентарно мнозинство и новата владејачка коалиција да го направи со оглед на тоа што, како што појаснува, сè уште во клучните институции не е преземено владеењето.
„Но она кое што планираме да го направиме во наредниот регулациски период тоа е од 01.01 до јуни месец 2025 година, да го оптимизираме енергетскиот систем со што ќе ги намалиме трошоците кои што се нудат на универзалниот снабдувач, ќе успееме подомаќински да работиме и на тој начин доколку надворешните влијанија во енергетскиот сектор не бидат на некое подруго ниво, ќе успееме дополнително да ја намалиме цената на електричната енергија.
Зошто е тоа важно? Бидејќи нашата држава во изминатите 7 години мака мачи со покачувањето на потрошувачката кошничка и со инфлацијата, а добро е економски познато дека два клучни фактори ја подгреваат инфлацијата тоа е едниот кој што е цената на електричната енергија и вториот е цената на горивата. Така да со оваа одлука која што е рационална на Регулаторната комисија за енергетика и по самото укажување на претседателот на комисијата дека по усвојувањето на овој Закон се создале услови за да нема ценовен шок на граѓаните, ВМРО – ДПМНЕ и во иднина ќе продолжи на ваков начин, со сите инструменти кои се дадени во можност да ги искористува за да нема ценовни шокови и за да го подобрува животот на граѓаните“, истакнува Стојаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Во октомври годишен раст од 11,0 отсто на вкупните депозити и од 9,2 отсто на вкупната кредитна поддршка
Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,0%, којшто произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 9,2% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на следниот линк.
Економија
Преку Wine vision by Open Balkan ќе се промовира македонското врвно вино и традиционалната македонска храна
Од 22 до 24 ноември оваа година се одржува најголемиот саем во Белград „Wine vision by Open Balkan“ каде што свое место ќе заземе и македонското вино и традиционалната македонска храна.
Оваа година од Македонија на саемот во Белград ќе учествуваат 80 наши винарии и дестилерии, 6 изложувачи на храна и ресторан со 3 готвачи.
Токму на овој настан посетителите ќе имаат можност да ги вкусат врвните македонски вина, да се запознаат со нашите традиционални вкусови и гастрономски особености.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги поддржува нашите изложувачи се со цел да се промовираат земјоделските производи и да се прошири извозот на истите надвор од границите на државата.
Во склоп на настанот кој што се одржува овие неколку дена ќе се одржи и македонска вечер на која што ќе присуствуваат високи делегати и владини претставници од други држави.
Преку македонската вечер присутните гости ќе се запознаат со богатството со кое што располага Македонија кога станува збор за вино и храна, велат од МЗШВ.
Економија
Следната недела ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост
Следната недела, од 26 до 28 ноември, ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост, коишто ги организираат финансиските регулаторни институции во соработка со приватниот финансиски сектор и граѓанските здруженија. Конкретно, организаторите се Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурување.
Деновите на финансиската писменост ќе бидат организирани главно како едукативни предавања. Сите институции коишто учествуваат во годинешното издание, преку своите веб-страници и преку страниците на социјалните мрежи, ќе ги информираат граѓаните за активностите и за настаните што се планираат, известувајќи и за начинот на пријавување на секој заинтересиран граѓанин.
Финансиските регулаторни институции ги повикуваат граѓаните да ги следат информациите за планираните активности и активно да се вклучат во годинешното издание на Деновите на финансиската писменост. Целта на оваа акција е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да се зголемат свесноста и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги.
Конкретно, Народната банка организира Јавен повик до јавноста за земање учество на повеќе едукативни активности. На првиот ден, Народната банка ќе ги отвори вратите за сите заинтересирани лица коишто ќе можат да се информираат за правата на потрошувачите на финансиските услуги. Вториот ден ќе бидат организирани три он-лајн предавања на три теми: „Во светот на финансиите – Финансиска едукација за средношколци“, „Заштитни елементи на македонските пари“ и „Платежна сметка со основни функции“. Во текот на третиот ден ќе биде организиран студентски час во просториите на Народната банка наменет за студентите од факултетите во земјата на следните три теми: „Монетарната политика на Народната банка“, „Улогата и значењето на статистичките податоци на Народната банка“ од страна на претставници на Народната банка и „Младите и финансиската едукација“ во соработка со Здружението Алпбах.
Во текот на годинава, финансиските регулаторни институции спроведоа голем дел од планираните активности во сферата на финансиската едукација и финансиската инклузија. За следниот период се очекува дополнително засилување на ваквите активности, имајќи го предвид спроведувањето на Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.