Економија
Тевдовски: Само преку инвестирање во подобри јавни услуги може да постигнеме одржлив развој
Македонија е прва земја во регионот што ќе воведе гарантиран минимален приход, истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски, во своето обраќање на годишните средби на ММФ и Светската банка.
Министерот, обраќајќи се на панел од високо ниво, посочи дека одржлив раст може да се постигне само преку вложување во подобар живот за граѓаните, односно преку подобар систем на социјална заштита, подобро образование, здравство и јавни услуги.
Тевдовски посочи дека дека приоритет на македонската Влада е членството на земјата во Европската Унија и НАТО. Оваа агенда предвидува подобрување на животниот стандард на граѓаните, владеењето на правото, еднаквоста, квалитетен образовен и здравствен систем. Овие политики се во насока на исполнување на глобалните цели за одржлив развој.
„Еден од првите чекори на Владата во 2017 беше да се зголеми минималната плата и тоа да се однесува на сите вработени. Подготвивме и сеопфатна реформа во системот на социјална помош и детска заштита. Еден од столбовите на оваа реформа е воведувањето гарантиран минимален приход, со што сме прва земја во регионот со ваква реформа. Со поддршка на Светската банка работиме и на подобрување на системот на социјална заштита. Целта е социјалните трансфери подобро да се таргетираат кон ранливите групи. Исто така, ќе воведеме фер даночен систем. Сите овие мерки се во насока на намалување на нееднаквоста, а со тоа постигнување на глобалните цели за одржлив развој“, рече Тевдовски.
Министерот се осврна и на значењето на образованието во постигнувањето одржлив развој. Тој рече дека целта на македонската Влада е во наредниот период да се удвои бројот на деца во претшколското образование. Тевдовски истакна дека со Светската банка е потпишан нов проект кој ќе ја подобри покриеноста на претшколското образование, како и дека во буџетот за 2018 се издвоени повеќе средства за повисоки плати за вработените во градинките. Исто така, изминатиов период изградени се и реконструирани 24 градинки, а во наредниот период планирано е интензивирање и на ова поле.
Министерот за финансии рече дека Македонија заедно со меѓународните партнери континуирано инвестира во подобрување на јавните услуги и комуналната инфраструктура. Со поддршка на Европската инвестициска банка се подобрува водоводната и канализациската мрежа, а со поддршка на Европската Унија се градат пречистителни станици. Како што истакна министерот за финансии, земјата голема поддршка добива и од други меѓународни институции, како Европската банка за обнова и развој, Светската банка и банката „КфВ“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,02 п.п., при што во јануари таа изнесува 2,20%, известува Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,48 п.п. и изнесува 4,73%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

