Економија
Туристичкиот сектор: Бектеши мора да преговара со Грција, парите ни се заглавени во нереализирани патувања
Туристичкиот сектор е крајно револтиран по изјавата на министерот за економија, Крешник Бектеши, кој денеска рече дека македонската влада нема да преговара билатерално со грчката влада, по примерот на српската, бидејќи Македонија не сака да ги загуби домашните туристи за летната сезона.
„Дали министерот има некакво решение за ваучерите кои не се реализираа поради Ковид-19? Туристичките агенции сите ваучери ги доставија до Министерство за економија. Најголемиот дел од тие ваучери се за нереализирани аранжмани за лето 2020 во Грција. Сакале или не парите на агенциите и граѓаните се во Грција, па токму поради тоа државните институции, а посебно Министерство за економија треба да помогне за истите да се реализираат, а не категорично да одбиваат преговори и соработка со Грција за решавање на ова витално прашање за опстанок на туристичките агенции“, реагира туристичкиот сектор.
Од таму велат дека Министерство за економија располага со информацијата која е вкупната сума што е потребна да се обештетат граѓаните за нереализираните патувања за Грција, па доколку не се во можност да ги реализираат истите ова лето агенциите очекуваат да го реши овој проблем.
„Нормално дека е важно да има туристи и во Македонија, но нашите капацитети не се толку големи, а исто така треба да се работи и на привлекување странски туристи, со што ќе се компензира бројот на наши граѓани што би патувале во странство. Со ова ќе се помогне и на агенциите што работат рециптивен и емитивен туризам. Ситуацијата е многу загрижувачка, со немање стратегија за масовна вакцинација во државата, тоа се одразува најмногу на здравјето на граѓаните, а потоа на економијата, особено на нашиот сектор. Навистина се прашуваме како државата планира да има развој на домашен туризам, кога никој во државава не е вакциниран?! Па така може веднаш да заклучиме дека со ваквата ситуација нема да имаме ни странски туристи, а и нашите домашни туристи ќе бидат во дилема дали воопшто да пропатуваат па макар и по нашата држава! Бараме под итно стратегија која ќе го реши проблемот со неискористените ваучери, ќе преговара со сите релевантни фактори во странските држави, особено со Грција, за која дестинација најповеќе се заглавени нашите средства, за можност за патување со негативен ПЦР-тест, тест за антитела, антигени, кој било начин, но да се има избор. Граѓаните да имаат избор, а не да бидат оставени да чекаат до 31.12 што ќе се случува со ваучерите“, додаваат од туристичкиот сектор.
Друга дополнителна трагедија за секторот, како што се жалат, е доцнењето на донесување на одлуката за помош со плати, која е најпотребна во периодов.
„Втората плата требаше да се исплати, а сèуште не е добиена за февруари, а и март помина. Овој сектор е сè уште со пад на промет над 90%, се размислува ли за помош и решавање на овој проблем или само ќе се одолговлекуваат проблемите?!
Доколку не се решат овие проблеми во најбрз рок, туристичките работници се заканија дека повторно ќе излезат на протести.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

