Економија
Усвоен кварталниот извештај: Макроекономските движења минатата година соодветствуваат со проекциите на Народната банка

Советот на Народната банка на својата последна седница, одржана на четврти февруари годинава, го усвои Кварталниот извештај, во кој се заклучува дека макроекономските движења беа главно во согласност со октомвриските проекции на Народната банка. Инфлацијата и натаму се намалува, економијата и натаму постепено закрепнува, а девизните резерви остварија солиден раст. Но, ризиците сѐ уште постојат. Во Извештајот се наведува дека глобалната економија и натаму закрепнува, при пониска инфлација и поповолни финансиски услови, но сѐ уште има понагласена геополитичка неизвесност, заради војните и конфликтите, како и евентуалните трговски санкции.
Во домашната економија, реалниот БДП во третиот квартал бележи годишен раст од 3%, што е близу до очекувањата во согласност со октомврискиот циклус проекции. Сигналите од расположливите високофреквентни податоци за економската активност во последното тримесечје од 2024 година засега упатуваат на позитивни годишни остварувања, пред сѐ во услужниот сегмент и кај градежната активност. За целата 2024 година, основното сценарио од октомври претпоставува економски раст од 2,3%, но имајќи ги предвид официјалните процени за остварен раст во првите три квартали од годината од 2,6%, постојат изгледи за малку подобри остварувања од проекциите за целата година. Растот би забрзал искачувајќи се на 3,3% во 2025 година и би достигнал 4% на среден рок, при очекувања за поповолно надворешно окружување, поволен амбиент за странски и домашни инвестиции и позитивен придонес од започнатите инфраструктурни проекти. Зголемената геополитичка неизвесност заради војните и конфликтите преовладува на краток рок, додека на среден рок, пак, посилната фокусираност на капиталните инвестиции, вклучително и на новиот план на Европската Унија за раст на Западниот Балкан, би ја зајакнала економската интеграција, којшто би ги подобрила економските изгледи на земјата.
Инфлацијата за целата 2024 година, во просек, изнесува 3,5%, што во целост соодветствува со октомвриските согледувања. Според октомвриските оцени, за 2025 година се очекува сведување на инфлацијата на 2,5% и нејзино постепено нормализирање на 2% на среден рок. Ризиците околу инфлацијата сè уште постојат и се поврзани со цените на примарните производи на светските берзи, но и со одредени домашни фактори коишто делуваат врз побарувачката.
Податоците за бруто девизните резерви за четвртиот квартал упатуваат на подобри остварувања во однос на октомвриските проекции, а со тоа и повисок раст за целата година. Нивото на девизните резерви, на крајот на 2024 година, достигна 5.019 милиони евра и во согласност со сите показатели обезбедува соодветна поддршка за одржување на стабилноста на домашната валута.
Во четвртото тримесечје од 2024 година, кредитната активност на банкарскиот сектор се засили, при што годишната стапка на кредитен раст на крајот на 2024 година достигна 11,2%. Ваквата кредитна динамика беше поддржана и од зголемувањето на депозитниот потенцијал на банките, којшто и натаму забрзано расте со годишна стапка на раст од 11,4%, којашто е над проекциите.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и повеќе други точки поврзани со тековното работење на банката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Новата ТС Охрид го поврзува Балканот и европскиот пазар на електрична енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес изврши теренска посета на градилиштето за изградба на новата трансформаторска станица Охрид (ТС Охрид), дел од проектот за интерконекција Македонија–Албанија. Проектот опфаќа две целини – LOT 1: далноводот Битола – граничен премин со Албанија и LOT 2: изградба на трансформаторската станица Охрид во близина на селото Мешеишта.
Божиновска се запозна со текот на интензивните градежни активности што се одвиваат на површина од 80.000 метри квадратни: изградба на потпорни ѕидови и наклони, градежни работи на командната зграда, комплетирани фундаменти и започната монтажа на челични носачи и опрема во 400 kV постројка.
„Со реализацијата на овој проект, Северна Македонија гради мост кон европските пазари на електрична енергија, создава услови за стабилно и економично снабдување за граѓаните и отвора простор за приклучување на нови производители од обновливи извори – што е наш врвен приоритет, “истакна Божиновска.
Изградбата на новата 400 kV линија е стратешко зајакнување на стабилноста и сигурноста на електроенергетската мрежа на земјава. Со тоа се заокружува електроенергетското поврзување со сите соседи, што овозможува не само зголемена стабилност и доверливост, туку и активно учество на пазарите за балансни и системски услуги и размена на енергија во регионот.
При посетата, таа беше пречекана и детално информирана за напредокот на проектот од страна на проект менаџерот Дарко Докузовски.
Економија
Поставен камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра

Поставен е камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра и 200 нови работни места, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Компанијата ‘Чагатај кабло’ почнува со изградба на нова фабрика во рамките на ТИРЗ Скопје 1. Се работи за инвестиција во вредност од 6 милиони евра. Ќе се изгради објект со површина од 10.000 квадратни метри и ќе се отворат нови до 200 работни места или вкупно, како што рече и претседателот на управниот одбор, ќе дојдеме до бројка од 500 работни места, кои ќе произведуваат овде во производните капацитети на компанијата ‘Чагатај кабло’“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека со ова ќе се воведат нови технологии, ќе се прошири капацитетот и ќе се создаде идна вредност што ќе остане овде – во нашата татковина.
Секој ваков почеток не е добар само за компанијата, додаде Мицкоски, туку е добар за локалната заедница, добар за националната економија и добар за иднината на секој млад човек што сака да остане овде.
„Нашата цел е да ја направиме Македонија земја на можности. Земја во која трудот се исплати. Земја во која инвестицијата има смисла. Земја во која институциите се партнери на бизнисот – не пречка, туку поддршка“, рече Мицкоски.
Економија
Инвестиција од 1 милијарда евра на „Казанџи груп“ за изградба на гасни централи, трајно решение за аерозагадувањето, најави ВМРО-ДПМНЕ

Приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е создавање услови за нов циклус на економски раст. Се поттикнува економската слобода на инвеститорите преку креирање на фер услови за сите стопански субјекти. Се враќа довербата на странските инвеститори за своите инвестиции да ги пласираат во државата, да отворат нови или да ги прошират своите капацитети. За разлика од минатото кога имаше недостаток на доверба кај инвеститорите во владата на СДС и ДУИ сега домашните и странските инвеститори имаат партнер во владата на ВМРО-ДПМНЕ, велат од владејачката партија.
Од таму наведуваат дека се официјализираше меморандум за соработка со компанијата „Казанџи груп“ којашто е светски гигант во енергетиката. „Казанџи Холдинг“, е водечка турска компанија со преку 25 години искуство, оперира со инсталиран капацитет од над 3,500 MW во осум држави и е активна во 22 земји на четири континенти.
„Во Македонија „Казанџи груп“ ќе инвестира 1 милијарда евра за изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи со 500 MW инсталиран капацитет кои произведуваат 4,1 TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво. Освен енергетската стабилност, со градењето на когенеративни гасни централи, трајно се решава загадениот воздух. Со оваа и останатите инвестиции во енергетиката државата ќе стане енергетски независна. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има јасна стратегија и план за енергетскиот сектор во служба на граѓаните. За енергетска ефикасност, енергетска стабилност и независност на државата. Ги градиме темелите на промените. Доаѓа времето на Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.