Економија
Усвоен најновиот квартален извештај со есенските макроекономски проекции на Народната банка

Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции на Народната банка. По усвојувањето на Извештајот, гувернерката ги претстави макроекономските проекции пред јавноста, на конференцијата за печатот.
Макроекономската слика за македонската економија во овој циклус проекции не е значително променета во споредба со априлските проекции.
Во согласност со закрепнувањето на светската економија и странската побарувачка, и натаму се очекува постепено забрзување на растот и на македонската економија. Сепак, најновите проекции упатуваат на малку послаб раст на домашната економија за оваа и за следната година, во споредба со априлските согледувања, а на среден рок оцените за растот се непроменети. Така, за оваа година економскиот раст е проектиран на 2,3%, а за наредната на 3,3%. На среден рок, во периодот 2026 ‒ 2027 година, се очекува натамошно забрзување на растот, во согласност со очекувањата за поповолен надворешен амбиент и засилени инвестициски активности поврзани со подолгорочниот карактер на јавниот инфраструктурен циклус. Ризиците за растот и натаму се нагласени и претежно надолни.
Во периодот на проекциите се очекува натамошно забавување на инфлацијата. Најновите оцени го потврдуваат априлското согледување за просечна стапка на инфлација од 3,5% во 2024 година, иако во последниот квартал се очекуваат одредени нагорни поместувања пред сѐ како резултат на споредбената основа. За следната година се очекува стапка на инфлација од 2,5%, што е мала нагорна ревизија во однос на април, при оцени за поголема инерција кај дел од ценовните категории. На среден рок (2026 ‒ 2027) се очекува стабилизирање на нивото на околу 2%, при очекувано исцрпување на ефектите од надворешните ценовни шокови, закотвени инфлациски очекувања и отсуство на позначителни притисоци преку каналот на домашната побарувачка. Како ризици и натаму се сметаат цените на примарните производи, коишто се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските фактори, како и домашните политики со кои се влијае врз агрегатната побарувачка во домашната економија.
И натаму се очекува поволна и претежно стабилна надворешна позиција на економијата на среден рок. По суфицитот остварен во претходната година (0,4%), оваа година се проценува умерен дефицит во тековната сметка од 2,1% од БДП, при стабилизирање на салдото во размената со стоки и услуги, како и нормализација на приватните трансфери, по високите нивоа достигнати во 2023 година. За преостанатиот период на проекцијата, 2025 ‒ 2027 година, е проектиран дефицит на тековните трансакции во просек од 2,2% од БДП. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи во финансиската сметка, поддржани од директните инвестиции и задолжувањето на државата, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се задржат на ниво коешто е соодветно за задржување на стабилноста на домашната валута.
Банкарскиот систем и натаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка. До крајот на 2024 година, се очекува дека кредитниот раст ќе биде стабилен и ќе изнесува 7,5%. Се очекува раст и на среден рок, но малку поумерен и со просечна стапка од 7,2% за периодот 2025 ‒ 2027 година, во услови на солидна капитална и ликвидносна позиција на банките. Кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, како главен извор на финансирање. На крајот на 2024 година, се очекува солиден годишен раст на депозитите од 7,9%, а на среден рок за периодот од 2025 до 2027 година од околу 7,7%, во просек.
Во услови на значително забавување на домашната инфлација и поволен девизен пазар, но кога сѐ уште постојат ризици, Народната банка започна со претпазливо нормализирање на монетарната политика. Народната банка внимателно, на дневна основа, ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците коишто сѐ уште постојат и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Сузана Јаневска е суспендирана од функцијата извршен директор на Сојузот на стопански комори

Сузана Јаневска е суспендирана од функцијата извршен директор на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), поради злоупотреба на службена положба и фалсификување на службени документи, соопштија од Сојузот.
Од таму наведуваат дека Јаневска без овластување и во спротивност со процедурите на Сојузот, испратила лажно соопштение до медиумите од својата приватна е-пошта, претставувајќи невистинити тврдења за наводно одржано собрание на ССКМ.
„Нагласуваме дека такво собрание не било ниту закажано, ниту одржано по деловничка процедура и дека комуникацијата испратена од приватни адреси не претставува официјален став на ССКМ. Поради сериозноста на прекршувањата, случајот е веќе пријавен во Министерството за внатрешни работи, а против одговорните лица се поведени соодветни дисциплински и правни постапки“, се наведува во соопштението.
Од ССКМ ги повикаа сите институции, медиуми и јавноста да ги игнорираат сите неовластени и нелегитимни изјави и да ги следат само официјалните информации објавени преку валидираните канали на ССКМ.
Сојузот на стопански комори на Македонија, исто така, информира дека на денешната седница на Управниот одбор, едногласно беше донесена одлука за именување на Пенка Мукаетова за нов потпретседател на ССКМ. Оваа одлука, велат од Сојузот, претставува дел од обновата на раководните структури на Сојузот со цел да се обезбеди стабилно, легитимно и професионално функционирање.
„Со својот досегашен ангажман и углед во деловната заедница, Пенка Мукаетова претставува значаен фактор за Сојузот и ќе има водечка улога во враќањето на институционалниот интегритет и довербата кај членките“, се наведува во соопштението.
Во истата насока, велат од Сојузот, Горан Ѓорѓиевски и Ромео Костадинов се разрешени од сите функции во рамки на ССКМ, како и Драган Пехчевски, кој е разрешен од функцијата претседател на Групација на проекти.
„Одлуката е донесена поради сериозни прекршувања на принципите и вредностите на Сојузот, како и поради утврдена вклученост во активности кои претставуваат обид за нарушување на легитимното раководство“, се наведува во соопштението.
Економија
Побрз живот – побрзи навики, и времето е пари

Живееме побрзо отколку што се живеело порано. На работа, дома, на улица, на интернет – сè се случува побрзо во споредба со минатото. Ова не е само паушална претпоставка изведена од нашите лични искуства, и науката докажува дека темпото на живот е забрзано. Постојат голем број студии и истражувања според кои модерниот начин на живот е подинамичен за разлика од пред 20 или 30 години. Некои од истражувањата се базираат на социолошки критериуми, додека, пак, други на технолошкиот развој. Едно од најзанимливите истражувања е она на професорот Ричард Вајсмен (Richard Wiseman) кој ја мерел брзината со која се движат пешаците во големите градови. Тој утврдил дека за 16 години, брзината, во просек, се зголемила за 10 отсто, односно луѓето сѐ повеќе брзаат кога се движат по градските тротоари.
Тргнете од сопствената практика и ќе утврдите дека од вас се очекува да направите повеќе работи во текот на денот во споредба со порано. Секојдневието е исполнето со обврски, рокови, мобилни нотификации и постојана трка со времето. Технологијата ни го олесни животот, но, истовремено, создаде нова динамика каде што сите очекуваат брза реакција, за само неколку минути. Во вакви услови, времето стана скапоцен ресурс затоа што, едноставно, имаме чувство дека сè помалку го има. Да, денот трае 1.440 минути, исто колку и пред сто години, но денес многу повеќе се цени можноста да завршите работа или да добиете услуга за неколку минути за да ви остане повеќе време за себе и за вашите најблиски.
Во услови кога изреката „и времето е пари“ станува сè порелевантна, на сите ни е важно да можеме само со неколку клика на мобилниот телефон да извадиме документ, да нарачаме храна, да резервираме одмор, да земеме брзи кредити.
Секако, кога се живее брзо, еден од највредните ресурси е брзиот пристап до пари. Credissimo има систем за одобрување кредити приспособен на брзото темпо на живот и обезбедува пари навреме за сите потреби, предизвици и желби на своите клиенти. Ќе доловиме само неколку ситуации кога е важно да имате брз и сигурен пристап до пари, со поволни услови за враќање.
- На интернет начекувате LAST MINUTE понуда за некоја атрактивна летна дестинација, но дел од сумата треба да се уплати во наредните 24 часа. Тоа е трошок што не сте го планирале, а би било супер да може да добиете позајмица уште истиот ден.
- Имате идеја за сопствен бизнис, но ви недостасуваат неколку илјади евра за да започнете со работа. Не сакате да губите време со долги банкарски процедури, бидејќи имате чувство дека треба да почнете веднаш.
- Ви се расипа автомобилот баш во сезона на летни одмори. Поправката не чини многу, но семејниот буџет е планиран за летување на море.
- Во некоја од соседните земји концерт најавува вашиот омилен бенд. Ви требаат пари за карти за концертот, за превоз, за сместување, храна и други трошоци. Правите пресметка дека сето тоа чини околу 400 евра, но во моментот немате толку средства на располагање.
Во вакви ситуации, времето е клучен фактор. Традиционалните начини на финансирање бараат долги процедури, документација и чекање. Затоа брзите кредити станаа составен дел од финансиската реалност на многу луѓе. Тоа не е случајно. Тие се приспособени токму на потребите на модерниот човек – брзина, едноставност и достапност.
Аплицирањето за брзи кредити во Credissimo е целосно онлајн, а постапката за одобрување трае само неколку минути, по што парите веднаш се достапни на вашата сметка. Притоа, нивните основни карактеристики се:
- Достапни 24/7 – идеални кога ви треба брз пристап до пари
- Транспарентни – со јасно дефинирани услови и трошоци
- Флексибилни – со можност за избор на износ и рок на отплата според вашите можности
Како дополнителна поволност, сè уште е во тек понудата за тримесечни кредити со 0 % камата, со која враќате точно онолку колку што сте позајмиле, без никакви дополнителни трошоци.
Брзиот начин на живот не мора да значи дека сте принудени да живеете под постојан финансиски притисок. Со внимателно користење на модерните финансиски алатки, како што се брзите кредити, може да имате повеќе контрола врз сопствениот буџет, повеќе слобода во носењето одлуки и можеби, најважно, повеќе мир и слободно време во секојдневието.
(ПР текст)
Економија
Oдржувањето на макроекономската стабилност во прилог на економскиот развој: прва средба меѓу гувернерот Славески и директорката на Светската банка, Межеван

Денеска се одржа првата официјална средба меѓу гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и новоименуваната директорка на Канцеларијата на Светската банка за Северна Македонија и Косово, Кaрол Межеван. На средбата беа разгледани можностите за продлабочување на соработката со Светската банка, којашто претставува важен партнер во поддршката на националните политики и на институционалниот развој.
Славески ѝ посака успешно работење на Межеван на новата функција и го изрази задоволството од досегашната продуктивна соработка со Светската банка, којашто преку проекти за техничка помош, анализи и препораки, придонесува за зголемување на институционалните капацитети и за успешно остварување на најважните реформски активности.
Особено внимание им беше посветено на прашањата поврзани со дигиталната трансформација на финансискиот сектор, унапредувањето на финансиската вклученост, развојот на пазарите на капитал и зголемувањето на отпорноста на финансискиот систем кон светските шокови. Притоа, беше нагласено дека Народната банка и во иднина ќе биде отворена за понатамошна соработка во сите полиња каде што поддршката на Светската банка може да придонесе за натамошно јакнење на макроекономската стабилност и за создавање услови за економски напредок.
И гувернерот, и директорката се согласија дека од суштинска важност за справувањето со предизвиците од новото светско економско окружување е градењето стабилни и силни институции, коишто меѓусебно се координираат и се поддржуваат преку меѓународна соработка.