Економија
УЈП и УНДП ја продолжуваат соработката за креирање поефикасен даночен систем во државата

Зајакнувањето и развојот на институционалните и организациски капацитети за борба против даночното затајување и даночните измами, како и имплементирањето на целите за одржлив развој, се во фокусот на меморандумот за соработка, кој денеска го потпишаа Управата за јавни приходи и Програмата за развој на Обединетите нации. На овој начин се потврди заложбата за продолжување на долгогодишната заедничка соработка помеѓу УЈП и УНДП.
„Во последните години УНДП беше значаен партнер на Управата за јавни приходи во делот на измената и дополнувањето на законите, кои се однесуваат на одредби за трансферни цени, развивање алатки за анализа на ризик за транферни цени, обуки за спроведување финансиска анализа на ризик за трансферни цени, како и анализа на извештаи и контроли на трансферни цени. Токму преку УНДП нашите вработени добија експертска поддршка од словачката даночна администрација, каде што се запознаа со меѓународната пракса и словачкото искуство во делот на регулативата за трансферни цени и постапката за контрола на трансферни цени. Верувам дека заедно можеме да придонесеме во борбата против даночната евазија и даночната измама, со што ќе влијаеме за повисока доверба на граѓаните во институциите преку зајакнување на капацитетите на Управата за јавни приходи и во овој дел“, изјави директорката на УЈП, Сања Лукаревска.
Таа истакна дека во глобалната економија, кога сè повеќе има потреба земјите да ги отвораат своите граници за меѓународна трговија и инвестиции, од суштинско значење е државите да може да го наплатуваат данокот за добивката, која компаниите ја остваруваат во земјата, и тоа да го прават на начин што нема да ја дестимулира или нарушува меѓународната трговија и инвестиции. Преку продлабочената соработка со УНДП ги јакнеме институционалните и организациските капацитети на УЈП за супервизија и контрола на деловните банки, осигурителните друштва, менувачниците, штедилниците и другите финансиски институции. Се овозможува know how за Даночниот инспекторат во делот контроли за трансферните цени, со што позитивно влијаеме и врз приходната страна на буџетот.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Армен Григорјан, рече дека потпишувањето на меморандумот отвора пат за реализирање нови заеднички иницијативи и проекти со Управата за јавни приходи.
„Досегашната соработка во делот на трансферни цени и автоматска размена на информации за даночни цели покажа видливи резултати во насока на креирање пофер даночен систем за граѓаните и за компаниите. Од друга страна, овие активности се од клучно значење за пристапниот процес во Европската Унија, но и за остварување на целите за одржлив развој на Обединетите нации“, рече Григорјан.
Управата за јавни приходи е вклучена во активностите во рамките на проектот „Поддршка на реформите за управување со јавните финансии“, кој го имплементира УНДП со финансиска и експертска поддршка на Министерството за финансии на Република Словачка и словачката агенција за развојна соработка. Активностите на проектот се насочени кон зајакнување на капацитетите на Министерството за финансии и на Управата за јавни приходи во процесот на приспособување кон меѓународните стандарди во делот на трансферни цени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Лукаревска: Од мај поврат на ДДВ од 2.100 денари-Пратениците дадоа зелено светло

Пратениците дадоа зелено светло за измените и дополнувањето на Законот за враќање на дел од ДДВ-то на физичките лица, напиша на социјалните мрежи Сања Лукаревска, директорката на Управата за јавни приходи.
Со оваа измена, како што дополнува Лукаревска, се овозможува зголемување на прагот на поврат на дел од ДДВ-то од 1.800 на 2.100 денари за едно тромесечје.
„Првите зголемени суми, корисниците на апликацијата #МојДДВ ќе ги добијат со исплатите во мај за скенираните фискални сметки во периодот јануари – март 2023 година“, потенцира во напишаното Лукаревска.
Економија
Намалување на цените на горивата

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,60 % во однос на одлуката од 17.3.2023 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 0,541 %, кај дизелот 1,152 %, кај екстра-лесното масло 1,318 % и кај мазутот има намалување од 2,660 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,077 %.
Малопродажната цена на „евродизелот (Д-Е V)“ се намалува 1,50 денар/л, а малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“, како и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 0,50 денари/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 1,649 денар/кг и сега ќе изнесува 38,130 денари/кг.
Од 21.3.2023 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 81,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 83,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 73,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 38,130 (денари/килограм)
Економија
Бектеши: Дизелот ќе падне под 75 денари, се враќаме на цената од ланскиот февруари

Само за една недела цената на дизелот бележи намалување од 4,5 денари. Министерот за економија, Крешник Бектеши, вели дека трендот на намалување ќе продолжи и оваа недела.
„Се враќаме на цената од февруари минатата година, цената на дизелот ќе биде под 75 денари“, вели министерот Бектеши.
Бектеши очекува намалените цени на горивата да ја намалат и инфлацијата.