Економија
Фирмите со седиште надвор од Италија ќе немаат право на помош од државата

Постојаниот комитет на италијанскиот парламент усвои амандман во кој се прецизира дека компаниите со седиште надвор од Италија не може да сметаат на државна помош за да ги ублажат штетите или загубите предизвикани од блокадата поради пандемијата на коронавирусот.
Со ова се стави крај на дебатата за тоа кој има право на државна помош, која, според извештаите на италијанските медиуми, ги запалила и политичарите и јавното мислење.
Ваква одлука претходно донесоа Данска и Франција.
Според италијанскиот печат, ова е многу важна одлука, што потенцијално може да влијае на закрепнувањето на многу компании.
Една од нив е италијанско-американската компанија „Фиат – Крајслер автомобили“ (ФЦА), која има седиште во Холандија, но и многубројни фабрики во Италија и директно вработува речиси 55.000 работници.
ФЦА побара државен заем од 6,3 милијарди евра, а според медиумите, фактот дека станува збор за мешана компанија со седиште во друга земја го ставил проблемот во фокусот на вниманието на јавноста и политичарите.
Андреа Орландо, член на Демократската партија во Италија, изјави дека компанија што аплицира за заем загарантиран од италијанската држава треба да го врати седиштето во Италија.
Според извештаите на медиумите, од една страна, биле лидерот на десничарската Лига, Матео Салвини, и лидерот на партијата од левиот центар, Италија вива, Матео Ренци, за кои е клучно да се овозможи продолжување на производството на фабриките на ФЦА во Италија.
Министерот за економија, Роберто Гуалтиери, изјави дека од ФЦА ќе бидат побарани дополнителни гаранции дека помошта ќе се користи за тој дел од компанијата што работи во Италија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Стојаноски: За првпат после долго време, носиме ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет, се обрати и истакна дека ребалансот е резултат на анализа, одговорност и јасна визија. Според него, со зголемени приходи и рационално трошење, се вложува во плати, пензии, образование, здравство, транспорт, локален развој и млади. Стојаноски додаде дека ова не е симболика, туку конкретна инвестиција во квалитетен и достоинствен живот за сите граѓани во земјава.
,,Ова е порака, порака за нова економска парадигма, порака за домаќинско водење на државните финансии, порака дека не чекаме кризите да не затекнат, туку со рационален пристап и силна политичка волја ги пренасочуваме средствата таму каде што најмногу треба кај граѓаните. Затоа што буџетот, тоа не се само бројки. Тоа е политика во својата најконкретна форма За првпат после долго време, носиме Ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи“, рече Стојаноски.
Истакна дека со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за плати 800 милиони денари, пензии 2,5 милијарди денари и капитални проекти 300 милиони денари, со што се засилува економскиот развој.
,,Оваа рамка е показател дека Буџетот не е притиснат и потрошен, туку управуван мудро и рационално. Приходите растат, трошењето е контролирано, а приоритетите се кристално јасни“, кажа Стојаноски.
Тој посочи дека ова ќе овозможи повеќе луѓе со попреченост да живеат во заедницата, а не во институции, а ќе има повеќе лични асистенти, повеќе дневни центри, повеќе услуги достапни во секоја општина. Тој напомена и дека најважно од се е тоа што значи дека младите не се заборавени, туку активно вклучени во секоја социјална политика.
Тој додаде дека овој ребаланс значи вложување во луѓето и иднината, во подобри услови за факултети, студентски домови и училишта, во достапен транспорт и здравство за сите, без разлика каде живеат, во поддршка за културата, енергетска независност и младите. Според него, ова не е трошок туку инвестиција во достоинствен живот.
Економија
Битиќи: Ребалансот e признание дека Владата ја загубила финансиската контрола, со дефицит од 4 проценти, над законскиот лимит

Овој ребаланс е индиректно признание дека Владата ја изгубила фискалната контрола и јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии. Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница за ребаланс.
Тој истакна дека иако дефицитот останува на 4% од БДП, тоа е над законскиот максимум од 3%, а отстапување е дозволено само во вонредни ситуации кои во нашата земја не постојат.
„Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент. Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре?“ – рече Битиќи.
Според него, наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика, розово на хартија, а црвено во реалноста. Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели.
„Новото задолжување од 500 милиони евра и скриените долгови од над 700 милиони евра создаваат дополнителен фискален товар што ја загрозува економската стабилност и ќе мора да се решава во иднина.
Разочарувачки е и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции – само 23%, далеку од ветениот рекорден инвестициски циклус“.
Како што рече, Буџетот се користи како предизборно оружје: зголемувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, растот на трошоците за договорни услуги и тројното зголемување на буџетските резерви укажуваат на непотизам, партиски вработувања и нетранспарентна потрошувачка.
Во услови кога јавните финансии се загрозени, ова не е одговорно управување со државните пари, туку краткорочна партиска кампања со ризик за економската иднина на граѓаните.
Економија
Божиновска-Триподи: Македонија е стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти со јасна регулаторна рамка

Во рамки на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, кој денес се одржа во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари билатерална средба со Марија Триподи, заменичка министерка за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од сè поинтензивната економска и политичка соработка меѓу двете земји, особено во доменот на енергетиката, каде што постои значаен интерес од италијански компании за инвестирање во зелени и одржливи технологии.
Министерката Божиновска ја информираше соговорничката за тековните проекти што ги спроведува Министерството, како и за новите можности за странски инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска инфраструктура и складирање на енергија. Таа истакна дека Северна Македонија станува стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти, со јасна регулаторна рамка и амбициозни цели во енергетската транзиција.
Од страна на г-ѓа Триподи беше изразена поддршка за енергетските реформи што ги спроведува земјата и интерес за продлабочување на билатералната соработка преку конкретни проекти и партнерства, како на институционално, така и на деловно ниво.
Двете соговорнички се согласија дека енергетиката претставува стратешко поле за понатамошно поврзување на Северна Македонија и Италија, со можност за заеднички проекти во контекст на регионалната поврзаност, транзицијата кон чисти извори и развој на модерна енергетска мрежа.