Економија
ФИТР: Рекордни 706 апликации за кофинансирани грантови за технолошки развој
Вкупно 706 домашни компании аплицираа на Јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст на Фондот за иновации и технолошки развој кој беше затворен денес. Ова е рекорден број на доставени апликации во рамките на кој било досегашен јавен повик кој го спроведува ФИТР, велат од таму.
„Главната цел на овој инструмент на ФИТР е да се поддржат домашните компании да создадат услови за надминување на последиците од економската криза, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари преку воведување нови, иновативни, напредни, ‘зелени’ и дигитални технологии за нивна трансформација. На повикот освен микро, мали и средни претпријатија, можност да аплицираат имаа и приватните здраствени установи (ПЗУ)“, велат од ФИТР.
Вкупниот буџет на јавниот повик изнесува шест милиони евра, односно 2.500.000 денари за микро претпријатија, до 5.000.000 денари за мали и до 10.000.000 денари за средни претпријатија. Преку овој повик, ФИТР обезбедува 70% од буџетот на проектот за микро или мало претпријатие или 60% за средни претпријатија.
За компаниите кои аплицирале, следи процес на примарна селекција на предлог-проектите, во која оценувањето ќе го вршат домашни стручни лица од 22 области на експертиза.
Во втората фаза проектите ќе ги разгледува Комитетот за одобрување инвестиции (КОИ), независно тело составено од петмина меѓународни експерти.
Покрај Ноел Грегор Патерсон Џонс и Вибху Шарма, чиј мандат започна во 2019 година, пред два месеца КОИ доби тројца нови членови, односно Марвин Лиао, Ашер Сидики и Гунтер Фелингер. Лиао кој беше избран за нов претседател на КОИ, бил извршен директор во „Yahoo!“ повеќе од една деценија. Тој е поранешен партнер на „500 Startups“ и Бизнис Ангел со над 19 години искуство во ризичен капитал, технолошки бизниси и стартапи. Марвин инвестирал во 500 стартапи од 2014 година. Ашер Сидики има над 20 години искуство во корпоративен развој, со реализирани зделки вредни околу 8 милијарди американски долари. Тој бил исто така дел од „500 Startups“ во САД, но и дел од менаџерскиот тим кој ја водеше трансформацијата на „Етисалат“ во ОАЕ. Ашер својата кариера ја започнал како претприемач во Велика Британија и САД кон крајот на 90-тите.
Третиот од новите членови на КОИ, Гунтер Фелингер е генерален Секретар на CEE BC – Австрија. Последните 28 години, Гунтер патува и придонесува за трансформација на бизнис секторот во Централна и Источна Европа и одлично ги познаваа економиите и предизвиците на младите претприемачи и нови бизниси во регионот. Гунтер по 11 години живеење во Албанија, Црна Гора и Косово, од 2016 година е позициониран во Киев.
За апликантите кои ќе бидат одбиени, ФИТР воведе нова менторска програма со цел да ги доразвијат своите проекти и да аплицираат повторно во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

