Економија
„Синами“– атрактивно место за работа кое буди интерес кај ИТ-кадрите
„Добрите програмери сакаат две работи: да бидат добро платени и да работат на напредни, иновативни софтверски решенија. Во ‘Синами’ двете овие потреби им се задоволени“, вели Игор Лештар, македонски ИТ-претприемач, инвеститор и сопственик на ИТ-компанијата „Синами“ во интервју за Фактор.мк
ИТ-компанијата „Синами“ веќе буди голем интерес кај програмерите. Впрочем, компанијата е присутна речиси 20 години на пазарот како дел од групацијата на „Сеавус“, меѓутоа по аквизицијата на „Сеавус“ од страна на чешката групација „Арикома“, „Синами“ се ребрендира, и со нова енергија и нова визија, продолжува да ги освојува светските пазари.
Но, она што е интересно е дека компанијата одлично се позиционира и како одличен работодавач во ИТ-секторот, привлекувајќи голем број ИТ-професионалци. На нивната страница за кариера, како и на LinkedIn профилот на „Синами“ редовно се наоѓаат огласи за искусни ИТ-програмери, а она што најверојатно ги привлекува е дека компанијата нуди удобна, пријателска работна средина, континуирани можности за личен и професионален развој, можности за работа од дома итн.
Меѓутоа, како што вели сопственикот на „Синами“, Игор Лештар, инаку ИТ-претприемач и инвеститор кој досега во најголема мера беше препознаен како првиот човек на „Сеавус“, компетитивните плати и континуираната поддршка за развој на вработените не се единствените причини кои ги привлекуваат ИТ-професионалците. Како што вели тој во интервју за Фактор.мк, добрите програмери сакаат две работи: да бидат добро платени и да работат на напредни, иновативни софтверски решенија. За нив не претставува предизвик да работат на проекти кои се повторуваат или кои се од техничка природа. Во „Синами“ тие имаат можност да експериментираат со нови технологии и да работат на, како што се вели, „cutting edge“ продукти.
„Секако дека нашата стратегија за развој, меѓу другото, се темели и на силно вложување во нови ИТ-кадри и во постојан развој на постоечките, меѓутоа она што нè издвојува е дека во ‘Синами’ работиме на исклучително технолошки напредни продукти кои се предизвик за секој ИТ-професионалец“, вели Лештар и додава дека нивните тимови се вклучени практично во целиот процес на развивање на еден производ, односно од самата идеја, преку акциониот план, па сè до комплетната реализација.
Дополнителна предност е и тоа што во „Синами“ тие имаат можност да работат за светски познати брендови, а во нивното портфолио клиенти се вбројуваат дури 70% од најуспешните компании според Fortune 500. „Овде зборуваме за портфолио клиенти како Airbus, Rolls Royce, McLaren, SAP, Tesla и слични профили на клиенти од многу различни индустрии со просечна големина од 40.000 вработени“, објаснува Лештар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.