Економија
Царовска: Рекордни 1,1 милијарда денари за новиот план за вработување во 2019 година

Министерстката за труд и социјална политика, Мила Царовска, го презентира Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување.
„Идната година посебен акцент ќе се стави на доедукација, преквалификација и доквалификација на работоспособните за нивно поефикасно вклучување на пазарот на трудот. Самовработувањата и стартапите кои изминатите години дадоа одлични резултати и понатаму се дел од Оперативниот план. Невработени лица кои имаат иновативни бизнис идеи ќе добијат поддршка и од Фондот за иновации и технолошки развој во делот на креирање на успешен бизнис план и понатамошна финансика поддршка“, рече министерката Царовска.
Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска вели дека мерките од новиот Оперативен план ќе одговараат на реалните потреби на пазарот на трудот.
„Агенцијата за вработување е главниот стожер при теренската имплементација на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување. При секојдневната комуникација со невработените лица и работодавачите кои ги користат програмите и мерки за вработување ги нотиравме главните потреби и препораки за новиот Оперативен план кои ќе претставуваат и приоритет при креирањето и редизајнирањето на конкретните мерки и програми“, изјави Јовановска.
Од УНДП велат дека фокусот во 2019 година ќе биде ставен на ранливите категории граѓани кои се невработени.
„Програмата за развој на Обединетите нации е долгогодишен партнер на националните институции во програмите за вработување и зголемување на вработливоста, со посебен акцент на ранливите категории и нивно активирање и поуспешно вклучување на пазарот на трудот“, истакна Нарине Сахакјан, в.д. постојана претставничка на УНДП во државата.
Оперативниот план за 2019 година планирано е да се издвојат 1,1 милијарда денари што е двојно повеќе споредено со 2016 година. Годинава пак за активните мерки беа одвоени 985,5 милиони денари, а реализацијата на истите е над 90 %.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.