Економија
Цената на кесите да се зголемува постепено, примената на законот да се одложи, бараат стопанските комори
Заштитата на животната средина и одржливо располагање со ресурсите е важен општествен приоритет, но за оваа цел да биде реализирана неопходен е системски пристап и инклузивност на процесот на носење одлуки со вклучување на сите засегнати страни, како и предвидување на соодветен период на прилагодување кон новите законски решенија. Секој друг пристап нема да донесе имплементација на одржливи решенија за заштита на животната средина, туку само ќе ја загрозат егзистенцијата и опстојувањето на голем број деловни субјекти, реагира Групација на производители и преработувачи на пластични маси при Сојузот на стопански комори на Македонија.
Во таа насока Групацијата истакнува барање за целосно одложување на примената на Законот за управување со пакување и отпад од пакување, бидејќи е донесен без консултација на приватниот сектор и погодува цела индустриска гранка.
„Со новиот Правилник за стандардите за биоразградливост кои треба да ги исполнуваат кесите за носење стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи кеси од страна на трговците, како и формата и содржината на образецот за водење евиденција, употребата на оксо-биоразградливи кеси останува до 1 јуни 2023, а потоа треба да бидат заменети со биоразградливи. За тоа да се обезбеди потребни се дополнителни инвестиции, обука на вработените, а дадените роковите се премногу кратки. За споредба, во Германија донесен е закон во 2015 година со кој на производителите им се остава рок од 7 години за адаптација и пренамена на своето деловно работење. Исто така, во ниту една држава не е целосно забранета употребата на најтенките кеси под 15 микрони кои се користат за размер на овошје и зеленчук, како што е кај нас“, истакнува Ели Качева, претседавач на Групацијата.
Но иако има одложување на забраната за користење на оксо-биоразградливи кеси, нивната цена од вчера изнесува 15 денари, што претставува дополнителен удар за производителите, трговците и граѓаните.
„Сметаме дека надоместокот кој ќе го плаќаат граѓаните за една кеса од 15 денари претставува дополнителен финансиски товар, во време на економска криза и пандемија. Производителите на пластични кеси се соочени со големи проблеми бидејќи голем дел од нарачките се откажуваат, со што значително се намалува обемот на работа. Примената на законското решение е проблематично и затоа што нема прецизен план и програма за што ќе се трошат средствата кои ќе се уплаќаат на сметката во Министерството за животна средина“, објаснува Качева и додава дека поради недореченостите во законот во моментов владее хаос.
За надминување на состојбите Групацијата истакнуваат неколку барања упатени до Министерството за животна средина.
„Прво бараме да се укине надоместокот од 15 денари бидејќи не само што нема никаква пазарна логика, туку е и многу повисок споредено со другите држави. Компаративната анализа која ја направивме покажува дека цената на кесите во Србија изнесува 7,5 денари, а во Грција 9 денари. Сметаме дека зголемувањето на цената треба да биде сукцесивно во етапи. Исто така, неопходно е да се интервенира во казнените одредби бидејќи глобите за трговците, доколку на пример не водат соодветна евиденција за продажбата на кеси, се и до 180.000 евра. Од овие законски измени директно е засегнaто опстојувањето и егзистенцијата на 32 претпријатија кои бројат вкупно 600 вработени физички лица, не вклучувајќи ги и надворешните соработници како добавувачи на репроматеријали, дистрибутери. Затоа е неопходно законот да се измени и да се изнајде заедничко решение, во консултација и работни групи со производителите и трговците“, истакнува Качева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,02 п.п., при што во јануари таа изнесува 2,20%, известува Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,48 п.п. и изнесува 4,73%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

