Економија
Шолц: Германија сака гас од Сенегал

Германија настојува да почне енергетски проекти со Сенегал, рече канцеларот Олаф Шолц за време на неговото прво патување во Африка во време кога војната во Украина исто така ги зголемува цените на енергијата и храната.
Шолц ја почна тридневната посета на Африка во Сенегал, земја со милијарди кубни метри резерви гас и се очекува да стане главен производител на гас во областа.
Германија се обидува да ја намали зависноста од рускиот гас поради инвазијата на Украина. Таа почна разговори со сенегалските власти за екстракција и втечнување природен гас, рече Шолц.
„Ова е прашање што треба сериозно да се реши“, рече тој на прес-конференција со сенегалскиот претседател Меки Сал додавајќи дека во интерес на двете земји е да се постигне напредок.
Шолц рече дека Германија е заинтересирана и за сенегалските проекти за обновлива енергија.
Сал рече дека Сенегал е подготвен да работи на снабдување на европскиот пазар со течен природен гас ЛНГ. Тој предвидува дека Сенегал в година ќе произведе 2,5 милиона тони, а до 2030 година 10 милиони тони.
Што се однесува до истражувањето на гасот, финансирањето на проектите и други прашања, Сал рече дека ќе земе се предвид и дека е подготвен да соработува со Германија во овој контекст.
Германија ги покани Сенегал, кој моментно претседава со Африканската унија, и Јужноафриканската Република да бидат гости на самитот на Г7, што во јуни ќе се одржи во Германија.
Двете африкански земји се воздржаа од гласање за резолуцијата на ОН против рускиот напад врз Украина, кој Москва го нарекува специјална воена операција.
Како претседател на Африканската унија, Сал рече дека многу африкански земји не сакаат да изберат страна во војната, иако ја осудуваат инвазијата.
„Многу е јасно дека сакаме мир. Работиме на деескалација, прекин на огнот, дијалог, тоа е позицијата на Африка“, рече тој.
Сал додаде дека во наредните недели ќе ги посети Москва и Киев.
Конфликтот во Украина, која е главен снабдувач на жито и храна, предизвика прекин на снабдувањето што ги зголеми цените на храната и енергијата во Африка.
„Му изразив голема загриженост на канцеларот Шолц за влијанието на војната“, рече Сал и побара меѓународна помош за ублажување на последиците што ги трпи Африка, пренесуваат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Поради штрајк откажани десет проценти од летовите во Париз

Околу 10 отсто од сите летови од парискиот аеродром Шарл де Гол се откажани поради штрајкот, а слично нарушување во сообраќајот се очекува и утре, изјави портпаролот на операторот на парискиот аеродром АДП, пишуваат француските гласила.
Во Париз се очекуваат прекини на летовите бидејќи работниците од двата аеродроми стапија во четиридневен штрајк од 30 јуни до 3 јули 2022 година.
Персоналот на аеродромот претходно најавил штрајк и ги објавил своите барања, а тоа се повисоки плати и подобри услови за работа.
Националната авиокомпанија на земјата, Ер Франс, исто така објавила информации на својата веб-страница за штрајкот и очекуваните прекини на летовите за 30 јуни 2022 година.
Ер Франс, исто така, соопштил дека ќе го прилагоди својот распоред на летови за преостанатите денови од штрајкот, доколку е потребно, според информациите обезбедени од аеродромот во Париз и Француската управа за цивилно воздухопловство, пренесуваат тамошните медиуми.
Економија
Битиќи и Папандреу: Интеграцијата е единствен начин за да се создаде меѓузависност

Во рамките на Македонскиот енергетски форум – МЕФ 2022 се одржа панелот „Преиспитување на регионалната енергетска безбедност“, на кој учествуваа заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и Јоргос Папандреу, долгогодишен политичар, член на грчкиот парламент и поранешен премиер на Грција.
Панелот, кој беше модериран од Али Аслан, се осврна на повеќе значајни прашања во врска со регионалната интеграција од аспект на економската и енергетската зависност и перспективите.
Вицепремиерот Битиќи истакна дека е потребно многу потемелно да навлегуваме во корените на проблемите поврзани со енергетските предизвици, односно заеднички да се справуваме со причините, а не само да ги решаваме нивните ефекти. Тој потенцира дека интеграцијата е единствен пат за да се создаде регионална меѓузависност и соработка, со што единствено ќе се одрази духот на заедништвото помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан.
„Во услови на економска, енергетска и воена криза, ковид-пандемија, мораме да работиме заедно и да се справиме со енергетската криза и да постигнеме геополитичка сигурност. Интеграцијата помеѓу земјите од Западен Балкан, како и земјите членки на ЕУ, е единствен начин за креирање одржлива енергетска независност“, потенцира Битиќи.
Папандреу истакна дека тој во континуитет се залага за унапредување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и дека изоставувањето на овој регион од европската интеграција претставува безбедносен ризик, кој Европа не смее да си го дозволи. Папандреу апелира дека се потребни итни и неодложни заеднички напори на ЕУ и нашиот регион во обезбедувањето на енергетската сигурност и економската стабилност.
Двајцата панелисти се согласија дека актуелната соработка во енергетиката е важно геополитичко и безбедносно прашање, а двете соседни земји со примери покажаа дека се спремни да земат водство и да им покажат и на своите европски колеги за додадената вредност на заемната регионалната соработка и меѓузависност.
Економија
(Видео) Мицкоски: Власта лаже кога зборува за струјата, покачувањето ќе биде над 18 отсто

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при денешната посета во општина Гази Баба одговараше на новинарско прашање кое се однесуваше на вчерашното негово тврдење дека струјата ќе поскапи над 18 %, а за кое власта велеше дека е лажно и рече дека од власта, која толку пати го лажела својот народ, не очекува да ја каже вистината по илјада кажани лаги.
„Се обидуваат да го амортизираат незадоволството помеѓу граѓаните така што ќе кажат процент што не е реален. Тоа ќе мора да се компензира со трансфери на пари од буџетот до поранешно ЕЛЕМ, денешно ЕСМ, затоа што ЕСМ не е подготвено да ги произведе сите количини струја што ги бара ‘ЕВМ хоум’ за да ги испорача до граѓаните и индустријата, што значи дека ќе мора да увезува скапа струја и таа скапа струја ќе чини помеѓу 150 и 200 милиони евра според некои процени на годишно ниво. Имајте предвид дека кон крајот на оваа година, повторно таму некаде на 30-31 декември, ќе имаме уште една ревизија на цената на електричната енергија, така што од 1 јануари ќе биде можеби уште еден шок ако овие останат до тогаш. Затоа се потребни предвремени избори за да може ЕЛЕМ да се реструктуира за да може да го произведе она што им е потребно на граѓаните и да немаме дополнително покачување на цената на струјата“, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека ова што го кажуваат од 7,5 % е голема лага, тоа ќе се случува во оние преодни месеци, како април и мај и можеби и септември и октомври, а зимата и налето поскапувањето ќе биде од 20 до 50 % во зависност од тоа каква изолација имаат нашите домови.
„Тука веќе немојте да зборувате за екологија затоа што граѓаните ќе горат сè за да може да си ги затоплат домовите во текот на зимата. Ова ќе биде исклучително тешка зима со исклучително загаден воздух во сите градови на Македонија. Имајте го ова предвид, уште од сега го најавувам за да не биде дека не сме го кажале. И, второ, преку трансферот од буџетот од 150 до 200 милиони евра, тоа се пари на граѓаните што ова расипништво и крадење на Владата ќе ги плаќаат преку своите даноци, така што треба да им дојде крајот на овие криминалци во политиката, а лекот за тоа, нормално, се предвремените парламентарни избори, она што го бара ВМРО-ДПМНЕ – да дојдат луѓе што знаат како треба да се работи за да не трпи стандардот на граѓаните“, додаде Мицкоски.