Економија
Шпаркасе Банка го започнува третиот циклус од програмата „Чекор по чекор“ за поддршка на старт-ап бизниси

Шпаркасе Банка Македонија го објави почетокот на третиот циклус од програмата „Чекор по чекор“, наменета за поддршка на старт-ап бизнисите во Република Северна Македонија. Преку оваа програма Шпаркасе Банка Македонија веќе трета година по ред на стартапите им овозможува пристап до потребните финансиски средства за развој на нивните микро и мали компании, како и вклучително едукација и менторство за правилен развој и одржливост на бизнис-идеите.
Програмата „Чекор по чекор“ е прва акцелераторска програма од овој вид во Република Северна Македонија, која започна во 2019 година во соработка со партнерите „Business Impact Lab“ и „Startup Academy“. Целта на програмата е да обезбеди парична и општествена поддршка на компаниите што се во почетната фаза на развој на сопствен бизнис, со можност за кредитирање во износи до 25.000 евра, вклучително со пакет на образовна, финансиска и менторска поддршка.
„Како прва банка што воведе специјална програма за финансирање и поддршка на развојот на старт-ап бизнисите, Шпаркасе Банка Македонија во претходните два циклуса успеа да овозможи кредитирање на 22 старт-ап компании, со вкупен износ од околу 200.000 евра. Само во 2019 г. беа финансирани првите 14 старт-ап компании, додека во 2020 г., иако беше година на пандемија, сепак циклусот беше целосно спроведен преку онлајн платформите и со неговото финализирање произлегоа дополнителни 6 нови успешни старт-ап проекти, со кои денес се гордееме“, изјави Владимир Кечовски, директор на Дирекцијата за мали и средни компании за Регион Скопје.
Шпаркасе Банка Македонија во претходните два циклуса успешно ја реализираше програмата „Чекор по чекор“ во соработка со партнерите „Business Impact Lab“ и „Start Up Academy“, кои беа задолжени за спроведување 8 различни образовни модули наменети за едукација на старт-ап менаџерите за квалитетна изработка на потребните бизнис-планови. Но, исто така, со своето менторство ги насочуваа стартапите како правилно да ги употребат финансиските средства и да ја продолжат инвестициската активност за да го обезбедат потребниот фиксен капитал.
„Најголемата придобивка од програмата е фактот што повеќе од 20 старт-ап бизниси добија финансиски средства за реализација на нивните бизнис-идеи во околности каде што шансите за добивање поволни финансиски средства од други финансиски институции беа и сѐ уште се минимални. Благодарение на програмата, имаме 20 бизниси што успешно работат и дополнително го развиваат претприемничкиот екосистем во Македонија. Од друга страна, пак, повеќе од 50 компании ја поминаа програмата и имаат развиени бизнис-идеи, кои со минимално подобрување и со поголема посветеност на претприемачите можат да прераснат во нови успешни приказни не само за Банката, туку и за заедниците во кои функционираат“, изјави Виктор Митевски од „Startup Academy“.
Изјава од Кристијан Милески
„’Бизнис импакт лаб’ како акцелератор што работи активно и е дел од нашиот екосистем, слободно можам да кажам дека ‘Чекор по чекор’ е една од ретките програми што има за цел да им го олесни пристапот до финансии на стартапите. Програмата ги следи економските текови и се адаптира во согласност со настанатите промени на глобално ниво. Градејќи ги капацитетите на стартапите, а посебно оние што имаат одредено влијание врз околината со нивното работење, нашата цел е да им помогнеме во нивниот раст и надвор од нашите граници“, изјави Кристијан Милески, соосновач на „Бизнис импакт лаб“.
Програмата „Чекор по чекор“ е наменета за компании што се регистрирани пред помалку од 24 месеци и кои имаат потреба од дополнителни финансиски средства и едукација за унапредување на нивните претприемачки вештини, кои се наоѓаат во старт-ап фаза или во фаза на развој на бизнис-идеја и вработуваат еден или помалку од 10 вработени.
Повеќе информации за програмата „Чекор по чекор“ погледнете на веб-страницата на Банката (www.sparkasse.mk), а сите заинтересирани учесници во третиот циклус ги покануваме да се пријават со пополнување онлајн апликацијата на следниот линк.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ковачевски: Со повратот на ДДВ кон стопанството ги поддржуваме конкурентноста и ликвидноста на компаниите

Премиерот Димитар Ковачевски и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, денеска беа во посета на компанијата „Виталија“, која како голем даночен обврзник значајно придонесува во буџетот на државата преку плаќање придонеси и даноци по сите основи.
Премиерот Ковачевски посочи дека ваквите компании имаат значајно влијание на растот и развојот на економијата во земјата.
„Владата креира позитивни политики и затоа успеавме да постигнеме ефикасност на плаќање данок кон државата. Како Влада се залагаме за поедноставни процедури сè со цел да изградиме силен и нераскинлив однос со нашите партнери, компаниите. Повратот на ДДВ за 2022 година изнесува над 727 милиона евра, така што дополнително ги поддржуваме ликвидноста и конкурентноста на компаниите. Многу важно е дека го зголемивме и повратот на ДДВ за граѓаните, и тоа од 1.800 денари на 2.100 денари за тримесечје“, изјави премиерот Ковачевски.
Директорката на Управата за јавни приходи, Лукаревска, посочи дека компаниите како „Виталија“, кои се дисциплинирани даночни обврзнициј се партнер на Владата во заедничко креирање политики.
„Така заедно придонесуваме кон подобра деловна клима, заедно се бориме против сивата економија и заедно создаваме имиџ за меѓусебна доверба и поврзаност.
Верувам дека за менаџерите во претходните специфични години беше предизвик да ги задржат работните места, но и да обезбедат пласман на производите и затоа од исклучителна важност е заедно, домаќински, да придонесеме за побрзо надминување на предизвиците“, истакна Лукаревска.
Економија
Ковачевски: Речиси 200 компании ќе плаќаат данок на солидарност

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека речиси 200 компании, кои оствариле над 10 милиони евра профит, ќе бидат опфатени со т.н. данок на солидарност. Тој додаде дека вакво законско решение имаат и земјите членки во ЕУ, но и во регионот.
Како што објасни, сумата што се предвидува да се добие од овој придонес е 80 милиони евра.
Законското решение е веќе во собраниска процедура, а Ковачевски очекува да биде поддржано од пратениците. Тој воедно не смета, како што изјави, дека ќе има какво било затајување на овој солидарен данок зашто се работи за респектабилни компании, етаблирани на домашниот пазар.
„Законското решение се однесува на екстра профитот. Добивката од последната година се споредува со просекот од изминатите години и оној дел што е повисок за 20 проценти се даночи со стапка од 30 отсто. Сите компании опфатени во делот на законските одредби нормално дека во своите даночни биланси на крајот на пресметковниот период треба да го прикажат и овој данок. Не би елаборирал компании одделно по индустрии зашто законот е многу јасен“, рече Ковачевски.
Тој не кажа кои фирми ќе треба да плаќаат данок на солидарност.
Економија
Синдикатот на УПОЗ: Бесими го остави и претседателот на државата без плата

Министерот за финансии ,Фатмир Бесими, спротивно на сите норми, не ја одобрил платата на вработените во Кабинетот на претседателот, вклучително и самиот претседател на државата, реагира Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани.
„Каква дрскост! Министерот за финансии спротивно на сите правни норми решил да не ја одобрува платата на вработените во Кабинетот, која е целосно во согласност со правната регулатива и колективниот договор за вработените. Министерот за финансии свесно бара да биде прекршен колективниот договор и да не се исполнат одредби од него, чин што е кривично дело со можност за една година затвор за раководното лице на институцијата. Она што е несфатливо е дека со колективниот договор не се зголемуваат платите на претседателот Пендаровски и другите раководни лица во Кабинетот, туку само на администрација, но за апсурдот да е поголем и тоа минимално зголемување е во рамките на веќе одобрениот буџет за 2023 и тоа во раздел плати. Што всушност бара Бесими ?“, јавно праша Синдикатот на УПОЗ.
Синдикатот на УПОЗ веќе предупреди дека министерот за финансии, Фатмир Бесими, направил кривично дело со повлекување на решенијата на вработените во Министерството за финансии, кои веќе им биле поделени, а се однесуваат на зголемување на платата за 30 отсто и ги повика да се обратат до Синдикатот за бесплатна правна помош за остварување на правото за зголемување на плата.