Економија
Јавниот и државниот долг за првото тримесечје во рамките на проекциите
Јавниот и државниот долг во првото тримесечје од 2021 година, по повлекување на средствата од осмата еврообврзницата, забележуваат благ раст од 2,3 и 2,9-процентни поени респективно. Јавниот долг изнесува 62,5 %, а државниот изнесува 54,1 %, соопшти Министерството за финансии.
Како што се додава, издавањето на осмата еврообврзница во износ од 700 милиони евра, со историски најниска каматна стапка од 1,625 %, е со цел рефинансирање на еврообврзницата издадена во 2014 година со каматна стапка од 3,975 %.
„Отплатата на еврообврзницата од 2014 година во јули ќе влијае на намалување на тековната состојба и на јавниот и на државниот долг. Други исплати и повлекувања што влијаеа на состојбата на државниот и јавниот долг во првото тримесечје од годинава се намалување на состојбата на државните хартии од вредност за 23,4 милиони евра, емисијата на 19-та емисија на обврзницата за денационализација од 11,5 милиони евра, повлекување 11,8 милиони евра странски кредити за владини проекти и 8,9 милиони евра од страна на јавни претпријатија. Исто така, отплатени се обврски по основ на главнина во износ од 44,5 милиони евра“, соопштија од Финансии.
Во согласност со тековната динамика на реализација на јавниот и државниот долг, очекувањата се дека ќе останат во рамките на проекциите од 63,4 и 53,2 % респективно.
„На среден рок, односно до 2025 година, проекциите во стратегијата за управување со јавниот долг се дека тој ќе се стабилизира и ќе се намали на 58,8 %, односно под нивото утврдено со Мастришкиот критериум, а државниот долг ќе се сведе на 51 %. Ова ќе се реализира, од една страна, преку планот и мерките за постепена фискална консолидација, односно постепено намалување на буџетскиот дефицит, и од друга, преку забрзување на економскиот раст, односно продуцирање поголема додадена вредност од која полесно ќе може да се сервисира долгот што достасува.
Инаку, како резултат на ковид-кризата, во согласност со податоците на Меѓународниот монетарен фонд, кај речиси сите европски земји (освен Норвешка) има висок раст на државниот долг во 2020 година во споредба со 2019 година. Така, Шпанија има раст на долгот од 27,5-процентни поени, Италија раст на долгот од 27-процентни поени, Грција раст од 24,3-процентни поени. Во регионот, покрај Грција, Албанија има најголем раст на долгот од 15,6-процентни поени, Словенија раст од 14,9-процентни поени и Хрватска со 14,5-процентни поени раст на долгот“, заклучува Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

