Економија
Јавниот и државниот долг за првото тримесечје во рамките на проекциите

Јавниот и државниот долг во првото тримесечје од 2021 година, по повлекување на средствата од осмата еврообврзницата, забележуваат благ раст од 2,3 и 2,9-процентни поени респективно. Јавниот долг изнесува 62,5 %, а државниот изнесува 54,1 %, соопшти Министерството за финансии.
Како што се додава, издавањето на осмата еврообврзница во износ од 700 милиони евра, со историски најниска каматна стапка од 1,625 %, е со цел рефинансирање на еврообврзницата издадена во 2014 година со каматна стапка од 3,975 %.
„Отплатата на еврообврзницата од 2014 година во јули ќе влијае на намалување на тековната состојба и на јавниот и на државниот долг. Други исплати и повлекувања што влијаеа на состојбата на државниот и јавниот долг во првото тримесечје од годинава се намалување на состојбата на државните хартии од вредност за 23,4 милиони евра, емисијата на 19-та емисија на обврзницата за денационализација од 11,5 милиони евра, повлекување 11,8 милиони евра странски кредити за владини проекти и 8,9 милиони евра од страна на јавни претпријатија. Исто така, отплатени се обврски по основ на главнина во износ од 44,5 милиони евра“, соопштија од Финансии.
Во согласност со тековната динамика на реализација на јавниот и државниот долг, очекувањата се дека ќе останат во рамките на проекциите од 63,4 и 53,2 % респективно.
„На среден рок, односно до 2025 година, проекциите во стратегијата за управување со јавниот долг се дека тој ќе се стабилизира и ќе се намали на 58,8 %, односно под нивото утврдено со Мастришкиот критериум, а државниот долг ќе се сведе на 51 %. Ова ќе се реализира, од една страна, преку планот и мерките за постепена фискална консолидација, односно постепено намалување на буџетскиот дефицит, и од друга, преку забрзување на економскиот раст, односно продуцирање поголема додадена вредност од која полесно ќе може да се сервисира долгот што достасува.
Инаку, како резултат на ковид-кризата, во согласност со податоците на Меѓународниот монетарен фонд, кај речиси сите европски земји (освен Норвешка) има висок раст на државниот долг во 2020 година во споредба со 2019 година. Така, Шпанија има раст на долгот од 27,5-процентни поени, Италија раст на долгот од 27-процентни поени, Грција раст од 24,3-процентни поени. Во регионот, покрај Грција, Албанија има најголем раст на долгот од 15,6-процентни поени, Словенија раст од 14,9-процентни поени и Хрватска со 14,5-процентни поени раст на долгот“, заклучува Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Папата излезе од болница и се пошегува: се уште сум жив

Папата Франциск денеска ја напушти болницата Гемели во Рим, каде неколку дена беше лекуван од инфективен бронхитис.
-Сè уште сум жив, се пошегува папата (86) на излегување од болницата.
Ватикан вчера потврди дека папата Франциск ќе ја напушти болницата денеска а утре планира да ја предводи мисата за верскиот празник Цветници, на плоштадот Свети Петар.
Светиот Отец пред три дена беше примен во римската болница каде прими антибиотска терапија. Папата, кој има повеќе здравствени проблеми, беше примен во болница поради проблеми со дишењето. Претходно во петокот, извори од Ватикан соопштија дека Папата поминал втора мирна ноќ во болницата, што е уште еден знак дека добро закрепнува од бронхитисот.
Економија
Битиќи во компанијата ТЕЦУП во Тетово: Ги поддржуваме компаниите да го развиваат своето производство и конкурентноста на странските пазари

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, ја посети компанијата ТЕЦУП од Тетово, која се занимава со производство на хартија и картон, и која Владата ја поддржува преку законот за финансиска поддршка.
Во неговата изјава, вицепремиерот Битиќи рече дека се работи за компанија која работи со квалитативни и биоразградливи материјали, погодни за животната средина.
„Оваа компанијата произведува хартиени чаши за чај, кафе, сок и сладолед за еднократна употреба, производи кои се со квалитативни и биоразградливи материјали наменети за домашниот но и на странскиот пазар, поточно за пазарите во Србија и Италија“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот информираше дека компанијата ТЕЦУП е поддржана преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, бидејќи се работи за компанија чии производи се во согласност со ISO стандардите во хармонија со Европскиот зелен договор на кој Владата е сериозно посветена.
„Партнерски ќе ја следиме компанијата во нејзината инвестиција во нов објект со вкупна површина од 400м2 каде што се планирани нови производствени капацитети. Токму ова е и целта на планот за економски раст за поддршка на компаниите, да ги поддржи компаниите како ТЕЦУП, партнерски да ги поддржи, и да ги помогне да инвестираат и да се развиваат“, изјави Битиќи.
Шуиб Весели еден од сопствениците на компанијата ТЕЦУП се заблагодари за финансиската поддршка за која рече дека е добредојдена за изградбата на новите производствени капацитети, кои ќе допринесат за додадена вредност на компанијата.
Економија
Преку супервизорски циркулар ќе се јакне заштитата на потрошувачите на банкарските услуги

На одржаната редовна седница на Советот на Народната банка беше донесен Циркулар за финансиските институции за следење и примена на препораките и добрите практики за заштита на правата и интересите на потрошувачите при користењето финансиски услуги од банкарскиот сектор на Македонија.
Имено, Народната банка преку донесениот циркулар воспоставува добри практики во поглед на заштитата на потрошувачите корисници, залагајќи се за правични и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги даваат. При изготвувањето на овој циркулар се користени меѓународни стандарди, европски директиви и практики во овој домен, имајќи ги предвид карактеристиките на банкарскиот систем и банкарската регулатива кај нас.
Циркуларот предвидува одредби за понатамошно подигнување на корпоративната култура и вредности кај банките коишто се фокусираат на правичен и еднаков третман кон клиентите. Исто така, предвидени се одредби и за воспоставување практики за обезбедување соодветни совети и препораки за потрошувачите, засновани на финансиските цели, потребите и знаењето на секој потрошувач, земајќи ја предвид сложеноста на финансиската услуга или производ и ризиците поврзани со нив. Значаен аспект на заштитата на потрошувачите е и достапноста до јасни, релевантни и навремени информации за финансиските услуги и производи, па со Циркуларот се дефинираат и практиките во овој домен. Значајни одредби во Циркуларот се посветени и на поставувањето добри практики поврзани со ракувањето со поплаките од клиентите, при што се очекува дека финансиските институции ќе го унапредат системот за ефективно ракување, како и дека навремено и праведно ќе постапуваат во врска со поплаките на потрошувачите.
Практиките опфатени во Циркуларот имаат за цел да поттикнат воспоставување високи стандарди на одговорно и професионално однесување во финансиските институции кон клиентите и градење култура каде што интересите на потрошувачите се составен дел од деловните стратегии и работењето на финансиските институции.
На истата седница, Советот ја потврди висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од земјата во висина од 0,75%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2024 година. Одлуката се темели на редовната квартална оцена на системските ризици за четвртиот квартал на 2022 година, којашто потврди дека банкарскиот сектор е здрав и стабилен и отпорен на шокови. Истовремено, се задржани и оцените за постепено зголемување на цикличните системски ризици, во услови на продолжена неизвесност, вклучително и на пазарот на недвижности. Во вакви услови, кога ризиците сѐ уште не се одразиле врз билансите на домашните банки, со противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за јакнење на капиталната сила на домашните банки, со што се јакне и стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем, а со тоа и на севкупната финансиска стабилност.
На седницата на Советот беше усвоен и Извештајот за управувањето со оперативните ризици на Народната банка на Република Северна Македонија за 2022 година. Основната цел на овој извештај е да се презентираат резултатите од длабинската процена на оперативните ризици за 2022 година. Управувањето со ризиците е неопходен елемент на доброто корпоративно управување коешто придонесува за ефикасно и ефективно остварување на поставените стратегиски цели, мандат и визија.