Економија
„Алкалоид“ донира 200.000 евра и ги намалува цените на 158 производи од својот асортиман
„Алкалоид“ донира 200.000 евра и ги намалува цените на 158 производи од својот асортиман. Од компанијата велат дека веќе две недели функционираат во извонредно турбулентни услови.
„Се бориме за обезбедување залихи на производи кои не ни се примарна дејност, но во моментов се од суштинско значење за сите; се соочуваме со огромни логистички предизвици во услови на затворени граници, блокирани и поскапени суровини и амбалажи; секојдневно носиме одлуки кои се од исклучителна важност за компанијата, при тоа ставајќи акцент на врвниот приоритет – здравјето на луѓето.
Сето ова се случува во услови кога над 200 наши вработени кои припаѓаат на ризичните групи граѓани се отсутни од работа, па мораме да ги пополнуваме упразнетите места во производните погони со кадар од административните сектори. Почнувајќи од денес, ќе мораме да ги адаптираме и сменските работења во согласност со дозволените термини на движење, имајќи предвид дека голем дел од нашите вработени доаѓаат на работа од подрачја кои гравитираат кон градот Скопје, а сè со цел да ги исполниме барањата на пазарот со наши производи.
Во услови кога сите светски економии се оставени сами на себе и се борат за ублажување на ефектите од нова економска криза, кога губењето на работни места е неминовен дел од таа сурова реалност, кога логистичките пречки ја добиваат битката за пласман на производите, ретки се компаниите кои можат да ги надминат овие предизвици и да помогнат на своите економии во вакви тешки времиња.
Додека сè уште се консолидираат ресурсите за справување со посилен импакт од вирусот Ковид-19, „Алкалоид АД Скопје“ и покрај сите логистички и ресурсни предизвици, одлучи да ги намали цените на 158 свои производи кои во моментов се наоѓаат на листата на потреби веројатно на секое македонско домаќинство: фармацевтските брендови „Аналгин“, „Кафетин“, „Прокулин“, „Бетадине“„Ацерола“, „Блокмакс“, „Бронлес“, лекови за намалување на телесната температура, одредени помошни лековити средства, разни витамини и додатоци во исхраната, средствата за чистење од колекцијата „Глос“, сите дезинфициенси, антисептици, средства со антибактериско дејство и други слични производи. Информацијата за намалувањето на цените на овие производи е проследена до сите чинители во дистрибутивниот синџир (веледрогерии, аптеки, дистрибутери и поголеми ланци на маркети) и истото намалување очекуваме дека ќе се пренесе до крајните корисници.
„Алкалоид АД Скопје“ денес донираше износ од 12.300.000 денари (200.000 евра) на посебната наменска донаторска сметка на македонското Министерството за здравство формирана за целите на справување со здравствената криза.
Осврнувајќи се на сите кризи низ кои компанијата минала во изминативе 84 години постоење, оваа е можеби најневообичаената до сега. Изолација сред цивилизација, страв од непознато, борба за зачувување на најскапоценото: здравјето на луѓето. Љубезно апелираме до целата македонска јавност да ги следи и најодговорно да ги почитува препораките на Министерството за здравство и Владата со цел да се превенира најлошото можно сценарио.
Во оваа прилика, ние како компанија, би сакале да упатиме голема благодарност и желби за добро здравје на сите здравствени работници во земјава и на сите македонски граѓани, а како традиционален партнер на македонското здравство и фармација и како еден од столбовите на македонската економија, подготвени сме со сите научни, технолошки и кадровски капацитети да помогнеме во справувањето со оваа здравствена криза, затоа што здравјето е пред сè, велат од компанијата преку соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

